ПРВА ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА: Гордана Силјановска Давкова ќе отпатува во Ватикан и Рим, еве кој ќе ја придружува
Објавено во: Македонија 22 Мај, 2024
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува и ја предводи државно-црковната делегација во посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, соопшти Кабинетот на претседателката Давкова.
„На 23 мај, четврток, во Апостолската палата, претседателката Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск и ќе оствари средба со државниот секретар на Светиот Престол, монсињор Пјетро Паролин.
На 24 мај, петок, претседателката Сиљановска Давкова во базиликата „Сан Клементе“ ќе присуствува на молебенот во чест на Свети Кирил. Претседателката Сиљановска Давкова ќе ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, кадешто ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.
На 24 мај, петок, претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари тет-а-тет средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, по што е предвидена пленарна средба на делегациите на двете земји.
Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, претседателката Сиљановска Давкова во Рим ќе присуствува на концертот на Националната установа „Камерен оркестар од Битола“, настан во организација на Министерството за култура“, се вели во соопштението.
Се додава дека во состав на државно-црковната делегација, што ја предводи претседателката Сиљановска Давкова, се и заменик министерот за култура, Онур Али, амбасадорот во Италијанската Република, Весел Мемеди, амбасадорката при Светиот Престол, Марија Ефремова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Митрополитот Европски, г. Пимен.