Русија со тешки обвинувања: САД отворено ги поддржуваат терористите во Сирија
Според Рјабков, предупредувањата на САД за можни напади на сириски екстремисти во Русија се директно поттикнување на последните да го прават тоа.
Објавено во: Свет 29 Септември, 2016
Кремљ изјави дека руската воена авијација ќе продолжи со своите операции во Сирија, и го отфрли „неконструктивниот карактер на реториката, која во последно време доаѓа од Вашингтон“ по повод руските активности во блискоисточната земја, пренесоа светските агенции.
Вчера државниот секретар на САД, Џон Кери ја повика Русија да ги прекине борбените летови над конфликтните зони во Сирија, вклучувајќи и над Алепо. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече на прес-конференција во Москва дека руската авијација ќе продолжи со поддршката за сириските владини сили и дека војната „против тероризмот“ ќе продолжи.
Песков ги повика САД да го исполнат ветувањето да ги разликува во рок од една недела умерената опозиција од терористичките групи. „Од САД се бара да го направи тоа, а не да се правдаат со различни причини за неисполнувањето на оваа своја обврска“, преземена во договорот од почетокот на септември, посочи тој, цитиран од агенциите.
Песков посочи за пример на таква неконструктивна реторика на САД изјавата на портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби дека како последица на војната во Сирија се можни напади на екстремисти против руски градови и дека руските војници од Сирија ќе бидат „вратени во нивната татковина во вреќи за трупови“.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков ги обвини САД дека вршат „отворена поддршка на терористи“ во Сирија, бидејќи не ги натерале поддржаните од нив опозициски групи да се откажат од заеднички активности со организации, поврзани со Ал Каеда, пренесоа агенциите.
Според Рјабков, предупредувањата на САД за можни напади на сириски екстремисти во Русија се директно поттикнување на последните да го прават тоа.
Неодамнешното еднонеделно примирје во Сирија пропадна, бидејќи предвидениот рок беше премногу долг, истакна рускиот заменик-министер за надворешни работи. Тој предложи привремен 48-часовен прекин на огнот за хуманитарни испораки за жителите во потреба, за да не можат терористичките групи да имаат корист од подолги периоди за преструктуирање и пополнување на резервите.