Мирче Адамчевски
САД ја менува реториката кон Русија - договорот за Сирија пред крах
Објавено во: Свет, Колумни 30 Септември, 2016
Пред две недели во
очекување на објавувањето на договорот меѓу Русија и САД за координиран настап
во Сирија во текстот посветен на тоа прашање провејуваше оптимистичка нотка,
дека двете главни страни во таа држава конечно ќе се договорат да ги скратат маките
на Сиријците. Еден мој пријател ми се изнасмеа на оптимизмот. Веројатно бил во
право.
Во светлината на најновиот развој на настаните на теренот се гледа дека Западот ја менува реториката кон Русија. Најнапред на вонредната седница на СБ на ОН Русите беа нападнати со тешки зборови од САД, Британија, Франција за атак врз хуманитарниот конвој во близината на Алеп, при кој загинаа дваесетина луѓе, а на кој му претходеше „погрешниот“ воздушен напад врз сирискски војници од страна на Американците, пришто загинаа 80 војници. Востановеното примирје после овие настани беше прекинато и сириската армија најави офанзива врз позициите на нејзините противници во Алеп. Деновиве од таму доаѓаат вести за стотици загинати.
Во прилог на менување на реториката зборуваат и изјавите што доаѓаат од Вашингтон. Деновиве некои западни медиуми пишуваа дека со Русија треба да се разговара на јазикот што таа го разбира. А тоа значи без ракавици, без дипломатија во изразувањето. Токму такви беа изјавите на официјалниот претставник на Стејтдепарментот на САД Џон Кирби. На брифингот за новинарите во средата вечер, по американско време, коментирајќи го обновувањето на воените дејства тој изјави дека „Последица од нив ќе биде продолжување на граѓанската војна во Сирија. А екстремистите како и досега ќе го искористат вакумот за да ги рашират своите операции, кои без сомнеж, ќе бидат насочени против руските интереси и можеби ќе ги досегнат и руските градови“. Исто така тој додава дека со продолжувањето на војната Русија ќе продолжи дома да добива војници во вреќи и ќе губи авиони.
Освен тоа, Кирби, на средбата со новинарите изјави дека Вашингтон е подготвен да ја прекине двостраната соработка со Русија за Сирија и дека во американската администрација веќе се водат дискусии за таа тема. Веќе се зборува и за американски „план Б“ за Сирија, но нема некои детали за него. Дали тоа ќе значи еднострана акција на Американците и нивните сојузници или преземање на други мерки засега не е јасно. Некои дури го поставуваат прашањето:-А дали САД и Русија нема да си ги поделат целите во Сирија и секој да ги напаѓа оние за кои сметаат дека им пречат во остварувањето на својата политика? Навистина, дали тоа нема да доведе и до меѓусебни судири на теренот на и над Сирија? А што со другите играчи. Турција, Иран и Саудиска Арабија, на пример?
На одговор од руска страна на изјавите на Кирби не требаше многу да се чека. Вчера наутро портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, стави во Фејбук свој коментар „до објавувањето на официјалната реакција“. Таа прашува дали со терористички акти ќе се зафатат „умерените“, кои Вашингтон не може да ги одвои од терористичката организација „Џебхат ан Нусра“? А најавите за трупови во вреќи и терористички акти во Русија за неа личат на команда која се дава на кучиња, отколку на коментар на дипломат. И рускиот заменик министер за надворешни работи Сeргеј Рјабков, како што пренесоа агенциите, во својот коментар не беше поблаг од Захарова. Според него претставниците на САД „Тураат вода во воденицата на терористите, давајќи им нескриена поддршка“. Сепак, најжесток беше одговорот на претставникот на руското министерство за одбрана Игор Конашенков. Според него „Изјавата на Џон Кирби – е најотворено признание на американската страна дека целата опозиција во Сирија, која наводно води граѓанска војна, е под контрола на САД и меѓународната терористичка интернационала“. „Нам добро ни е познато, колку, конкретно во Сирија, а во тие рамки и во провинцијата Алеп, се наоѓаат неафиширани „специјалисти“, кои се занимаваат со оперативно планирање и раководење на операциите на вооружената опозиција“, додадва Конашенков.
Дискусија околу Сирија водеа и двата „виновници“ за договорот околу Сирија, државниот секретар Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. За неколку саати тие разговараа дури два пати за враќање на работите на нормален колосек, но нема повеќе детали за тоа што се договориле. Кери претходно се закани со прекин на соработката „се додека Русија не преземе итни чекори за прекин на офанзивата во Алеп и до прекин на огнот“. Русите пак велат дека можен е прекин од 48 часа, но не и седумдневен. Од причина што подолгиот прекин би им овозможил на противниците на сириската власт да ги прегрупираат силите и да се снабдат со оружје. Лавров деновиве изјави сомнеж дека „Пентагон го слуша Обама“. Факт е дека Пентагон се противеше на она што го работеа дипломатите. Но не треба да се заборави и на улогата на сирискиот претседател Башар ел Асад. Тој како да им се „измолкнува“ од рацете на Русите. И си презема дејства кои во крајна линија можат да одат на негова штета. Таква е сегашната офанзива во Алеп.
Очигледно е дека во целата стратегија што ја подготвија заедно САД и Русија недостасува воља за нејзино доследно спроведување и тоа од двете страни. Американците никако не можат да ги одвојат „умерените“ од „неумерените“ противници на Асад, а што една од договорените работи. Русите, пак, никако да го притегнат Асад и да му ги скратат воените амбиции. Тој се занесува со целосна воена победа во Сирија, а заборава дека Сирија е веќе на прагот на распад и дека неговите сили тешко ќе можат да заминат подалеку од Дамаск и Алеп да не се Русите. Згора на ова кога Кери ќе каже дека меѓу САД и Русија се уште постои недоверба, тогаш ете ги претпоставките за пропаѓање на договорот.
Како ќе се развиваат работите понатаму? Прашање на часови е дали САД и Русија и натаму ќе можат да соработуваат во Сирија. Сите велат дека мора да се дојде до политичко решение, но никој докрај не се зафаќа со таа работа. Дека работите се мошне сериозни зборуваат и телефонските разговори на германската канцеларка Ангела Меркел со Владимир Путин и Барак Обама обавени вчера. Обама и Путин како да се лути еден на друг. А имаат зошто. Толку денови преговори за договор за Сирија и сега тој е на пат да падне во вода.
Можеби на целата ситуација влијае и фактот што САД се на прагот на претседателски избори. А тоа значи Обама и Кери ќе заминат во истиријата. За жал, можеби без вклад во мир во Сирија. Путин од друга страна како да го користи тој факт и покажува мускули. Но што од тоа? Никој не може да каже како ќе се постави новата амеранска адмнистрација. Било да е под водство на Доналд Трамп или Хилари Клинтон. Иако оваа вторава е попретсказлива.
Пред две недели текстот за Сирија заврши со оптимистичка нотка. Дека тогашната „средба на Кери и Лавров е последната шанса за договор за мир во Сирија. И во очекување на вестите од Женева може само да претпоставуваме што ќе се случи, ако не дојде до договор. Во земја во која секој војува против секого, во која САД се спротивставени со Русија, Турците со Курдите, Иранците со противниците на Асад, најголема жртва ќе бидат Сиријците. А може да дојде и до распад на државата“.
Договорот се постигна. Но како што стојат работиве погорната претпоставка е пореална отколку некаков нов мир во Сирија.