Савески: Зголемување на старосна граница за пензионирање да е последно решение по кое ќе посегне Владата за да го спаси ПИОМ
Објавено во: Економија 19 Февруари, 2018
Препораката од ММФ воопшто не е оправдана. Точно е дека постои дупка во Фондот на ПИОМ, но точно е и дека не се исцрпени сите алтернативи за намалување на таа дупка, вели синдикалниот активист Здравко Савески за Фактор, потенцирајќи дека зголемувањето на старосната граница мора да биде последното решение околу кои треба да се посега за решавање на дупката во Фондот на ПИОМ, а не првото.
Лавина реакции меѓу синдикалците предизвика препораката која дојде од Меѓународниот Монетарен фонд во однос на решавање на дефицитот во пензискиот фонд во Македонија кој се продлабочува со години.Граѓанскиот активист и борец за работничките права вели дека ММФ, по обичај, тргнува од неолиберални позиции според кои, типично, многу не се грижат за правата на обичниот народ, за која земја во светот и да зборуваме.
„Најлесно им е да излегуваат со оценки кои одат на штета на правата на обичниот човек. Оттука, воопшто не изненадува што ММФ дава ваква препорака. Напротив, ќе беше чудно ако ММФ покажеше барем малку социјален сенс.
Но, ако немањето социјален сенс не е нешто што е типично за ММФ, сепак нетипично и за осуда е што една институција како ММФ се служи и со дезинформации за да ги поткрепи своите препораки. Конкретно мислам на дезинформацијата дека должината на животниот век во Македонија била слична со животниот век во земјите од ЕУ. И дека затоа требало да се зголеми старосната граница за пензионирање. Според Евростат, просекот на животниот век во ЕУ е 80,6 години, а во Македонија цели пет години помалку - 75,5 години. Од членките на ЕУ полоши од Македонија се само Бугарија, Романија, Латвија и Литванија.
Во секој случај, станува збор за препораки и владата не смее да ги третира на поинаков начин. И да не го користи тоа како изговор за да ја зголеми старосната граница за пензионирање, третирајќи ја препораката на ММФ како слово излеано во камен“, вели Савески.
Според него, оваа препорака воопшто не е оправдана.
„Точно е дека постои дупка во Фондот на ПИОМ, но точно е и дека не се исцрпени сите алтернативи за намалување на таа дупка. Зголемувањето на старосната граница мора да биде последното решение околу кои треба да се посега за решавање на дупката во Фондот на ПИОМ, а не првото“, нагласува Здравко запрашан дали и колку препораките се изводливи во моментот.
Тој вели дека синдикатите мора да бидат погласни во критиките на потезите кои одат на штета на работниците и да почнат да го организираат отпорот против упадите врз правата и животниот стандард на работниците.
„Поради високото ниво на експлоатација на кое се
изложени работниците во индустријата, на добар дел од работниците им се
намалува и животниот век. Покрај тоа што им се намалува и квалитетот на
животот. Поради тоа, работниците, реално, премалку број години им преостанува
во просек по работниот век да го користат своето право на пензија.
Исто така, треба да се има предвид дека зголемувањето на старосната граница за пензионирање ќе има негативни последици во однос на намалувањето на невработеноста и зголемување на продуктивноста на трудот. Млади луѓе на самиот врв од својата продуктивност ќе седат дома невработени или ќе бидат принудени да се иселуваат, зашто луѓе кои веќе заслужуваат да одат во пензија се законски принудени да продолжат да работат“, тврди Савески.
Според него најдобро е прво да се надмине пропагандата дека префрлањето на средства од државниот буџет во буџетот на ПИОМ е нешто што е само по себе проблематично.
Вели дека тоа го применуваат многу земји со далеку повисоко ниво
на демократија, економска продуктивност и социјални стандарди, па кога за нив
тоа не е проблематично, не сфаќа зошто се смета дека за Македонија е
проблематично? Особено што досегашните пензиски реформи, токму по препораките
на ММФ и Светската банка, се една од главните причини зошто трансферите од
државниот буџет станаа неопходни.
Понатаму, Здравко вели дека треба да се престане со програмите за вработување со кои газдите се ослободуваат од плаќањето придонеси за ново-вработените.
„Тоа не само што дополнително придонесува за дупката во ПИОМ, туку и ги оштетува работниците што на ваков начин се вработени.
Треба да се уважи и фактот дека претходната власт ги намали придонесите за социјално осигурување под нивото на одржливост. Тоа претходната влада и самата го сфати, па се откажа од своите планови за дополнително намалување на стапката на придонесите. Не мора да дојде до зголемување на стапката на придонесите, може и преку прогресивно оданочување да се обезбедат дополнителни средства за финансирање на дупката во ПИОМ. Но, социјално неодговорно е, и недозволиво за влада на чие чело стои една партија која за себе тврди дека била социјалдемократска, да се приоретизира зголемувањето на старосната граница за пензионирање пред зголемувањето на стапките на придонесите“, кажа Савески.
Според него друга битна работа која заслужува дискусија е тоа колку приватните пензиски фондови кои управуваат со парите од вториот и третиот столб се и треба да бидат ослободени од обврската да придонесуваат за стабилноста на првиот столб.
„Што е поважно во оваа држава, која е социјална
според Уставот, профитите на банките или правата на обичниот народ? Досега
првото беше приоритет, 27 години од независноста. И наспроти пропагандата, тоа
не доведе до подобрување на животниот стандард на обичниот народ.
И на крајот, тука е и подомаќинското управување со државните пари. Функционерите на власт не смеат ниту да помислат да ги намалат правата на работниците без при тоа да ги намалат и привилегиите кои ги уживаат. Без разлика што, тоа, очекувано, не е дел од препораките на ММФ“, нагласува Савески.
И.С.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.