СДСМ научи да "дрибла" - Чист воздух за спас од мигрантите
Објавено во: Анализа 22 Септември, 2017
СДСМ успешно се налепува на кампањите за чист воздух, сочувување на градското зеленило и животната средина. Токму екологијата, преземање на мерки за намалување на загадувањето, спречување на дивата урбанизација и неконтролирано градење каде најважни се нечии бизнис интереси ќе бидат и главните заложби на кандидатите за градоначалници на СДСМ. Секако, оваа јавна реторика се уште не е издигната на највисоко ниво како контра кампњата која ја води ВМРО-ДПМНЕ, а опфаќа кревање паника за наводно доселување на илјадници мигранти низ македонските градови кои ќе добиеле државни станови, вработувања и помош.
На вчерашниот марш за чист воздух се појавија и политичари од СДСМ меѓу кои и Петре Шилегов кандидатот за градоначалник на град Скопје. Тие заедно со граѓаните побараа справување со еколошките проблеми и дадоа ветувања дека новата власт ќе преземе сериозни мерки во справување со состојбите.
Во претходниот изборен циклус главниот спин на ВМРО-ДПМНЕ беше „федерализација и двојазичност“, а и секогаш имале кец во раковот за дефокусирање на јавноста со наметнати проблеми кои го искористуваат стравот кај гласачите од различни појави. Досега СДСМ не успеваше да одговори на противничките спинови, ниту пак да наметне свој наратив во медиумите или кај граѓаните.
Со „еко“ платформата и барањата за чист воздух СДСМ има шанса да го одврати вниманието од паранојата за доселување на мигранти и на локалните избори да води кампања која има суштинско значење за граѓаните, а тоа се подобри животни услови. Дали дриблингот на СДСМ ќе биде успешен зависи и од нивната посветеност и изградбата на стратегија за јавни настани, но како што рековме досега ВМРО-ДПМНЕ секогаш имал силна кондиција и не отстапувал од своите спинови.
Автор: Христијан Станоевиќ