19 Април, 2024
0.0269

Се формира Влада, а не партиска прчија!

Објавено во: Колумни 13 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

Надежите за посветла иднина се замаглуваат со порастот на неизвесноста за избор на нова влада во земјата. И не е проблемот само во брзината, туку во составот на партиите кои ќе ја формираат. Структурата е исклучително битна, затоа што од нејзе ќе зависи поставеноста во поглед на спроведувањето на политиките кои пред се’ ќе значат подобрување на животниот стандард на населението. Уште не формирана, од новата влада  веќе се очекува да направи пресврт во неповолните трендови во развојот на земјата. И очекувањата се оправдани, бидејќи само на тој начин може да се избегне запаѓањето во должничко ропство и неизбежното опаѓање на стандардот.

Посочените опасности веќе подолг период се надвиснати над македонскиот граѓанин.  Затоа  доколку брзо не се излезе од лавиринтот, голема е веројатноста да се подготвуваме за „стегање на ременот“. Каков ќе биде развојот на настаните допрва ќе видиме, меѓутоа, јасно е како ден дека за неспорната „дијагноза“ на стопанството „лекот“ ќе биде горчлив. Но, без него болеста ќе го докрајчи организмот.

Тоа што е сигурно е дека од коалициона влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не може да се очекува  никакво подобрување на состојбите во земјата, туку пред се’ влошување.  Повеќе од извесно е дека ќе ја продолжат старата практика на владеење, која не’ доведе до криза од која уште не можеме да се извлечеме. Спасувајќи го стандардот на народот (како доказ дека ги исполнуваат изборните ветувања), прво ќе не’ турнат во должничко ропство, а потоа ќе не’ убедуваат дека народот треба да го понесе  лавовскиот дел од товарот на долгот, се разбира, со редуцирање на стандардот.

Надежта е кај опозициска влада. Таа мора да отпочне процес за излез од кризата, свесна дека, во постојниве околности, порастот на стандардот на населението е тешка, но не и невозможна мисија. Мора да се остварува со непоколеблива определба за фискална консолидација. А на тој пат стои толкава нетранспарентност во буџетската потрошувачка што ќе треба многу интензивна работа за согледување на вистинската финансиска состојба  на буџетските корисници и фондовите. Мора да бидат откриени „резервите“  од досегашното  нерационално, да не речеме раскалашено, трошење на буџетските средства.  За почеток, тоа може да биде добра основа за обезбедување на услови да не се влошува постојниот стандард на вработените во администрацијата и државните органи и институции. Во оваа насока значајни резерви можат да се извлечат и со ребалансирање на постојната буџетска потрошувачка, преку редуцирање на непродуктивните капитални инвестиции. Големи ефекти можат да се постигнат и со елиминирање на задолжувањето за финансирање на непродуктивна потрошувачка, додека за производни капитални инвестиции не треба да има ограничувања, доколку со очекуваните профити можат да ги сервисираат обврските  за новите долгови. 

Со ваквите потези ќе се обезбеди поголема рационалност во користењето на постојниот обем на буџетските средства што ќе доведе и до подобрување на материјално финансиската состојба на корисниците на буџетските средства. Меѓутоа, за пресврт во подобрувањето на животниот стандард на населението неопходни се зафати со кои ќе се забрза растот на економијата. За тоа е потребно да се создава поголем доход од постојниот, кој не’ закова на дното на најсиромашните земји во Европа.

Порастот е невозможна мисија доколку не се  извршат реформи со кои ќе се врати функционалноста на пазарната економија. Мора да се изгради модел на урамнотеженост на  улогата на пазарот и државата во регулирањето на економските текови. Промените мора да бидат во насока бизнисот да се ослободи од стегите на државата (рекетирања, неразумни казни, уцени) и да се сврти кон создавање на поголем профит преку зголемување на производството и извозот (без страв дека некој силеџиски ќе му го преземе бизнисот). Во такви услови претприемачите и менаџерите нема да се колебаат да ги зголемуваат платите на вработените, бидејќи поголемата плата повлекува и попродуктивно работење.

Досега, како паѓаше довербата во државата така се намалуваше и процентото на уделот на работниците во БДП. Во 2000 година уделот на работниците изнесувал 43% од БДП, а во 2013 година само 32%. Наспроти тоа, уделот на сопствениците на капитал се зголемил од 23% на 38%. Останатите бројки до 100% се однесуваат на уделот на државата и на уделот за амортизација на вложените средства на сопствениците на капитал. Тоа значи  во досегашниот период од десеттина години, распределбата на доходот во фирмите се вршела на штета на работниците. Нивниот удел се намалувал, а се зголемувал уделот на сопствениците на капиталот.

Кога ќе се зголеми довербата во државата, владата само ќе биде модераторот кој ќе треба да ги „потсети“ работодавачите, дека наградата за попродуктивно работење на работниците не треба да им се изнудува со сила.  Кога ќе има за работниците, многу повеќе ќе има и за работодавците, а тогаш и во такви услови ќе можеме да зборуваме  не само за статистичко, туку и  за реално подобрување на животниот стандард како на работникот така и на сопственикот на капитал.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок