Се зголемува бројот на разводи – младите бегаат од обврски!
Објавено во: Анализа 27 Февруари, 2014
“Слабеат и традиционалните вредности врз кои се базира бракот, а не доволно брзо созреваат нови вредности кои би биле базични и мотивирачки за да се склучуваат бракови, а веќе склучените да опстојуваат. Се појавува голем расчекор помеѓу старото и новото. Така главна причина за брзото распаѓање на младите бракови се големите очекувања кои ги имаат еден од друг, а кои во голема мера не се реализираат во бракот, што носи нетолеранција која води кон директен неуспех”- вели психиологот и психотерапевт Мирјана Јовановска-Стојановска.Таа додава дека и искуството и статистиката покажуваат дека најмногу бракови се распаѓаат по пет до девет години заеднички живот меѓу партнерите. Тешко е вели да се оцени колку новите советувалишта за брак ќе успеат да влијаат врз намалување на разводите и зголемување на браковите. 11 советувалишта за брак и семејство ќе го “спасуваат” бракот! Од Министерството за труд и социјална политика велат дека досега се отворени десет од предвидените единаесет советувалишта, и тоа во: Охрид, Кичево, Свети Николе, Битола, Скопје, Куманово, Гостивар, Кавадарци, Прилеп и Велес, а советувалиштето во Струмица ќе биде отворено по завршување на реконструкцијата на центарот за социјална работа.
„Во советувалиштата, работат стручните лица од центрите за социјална работа, психолози, педагози, социјални работници и правници. Во советувалиштето странките може да бидат упатени од стручните лица или може да побараат одредена услуга самоиницијативно. Зависно од проблемот, стручниот тим може да постапува индивидуално со странката, може да работи во пар, а по потреба и со целото семејство“-вели Марјан Гиовски од секторот за односи со јавност во Министерството за труд и социјална политика.Помалите градови, велат од ресорното министерство, сеуште се соочуваат со традиционалните стеги и предрасуди и многу е потешко брачните другари отворено да зборуваат за проблемите со стручни лица. Бидејќи се работи за мали средини кадешто сите се знаат и познаваат, многу проблеми остануваат во кругот на семејството, или завршуваат со развод, кој повторно се крие од околината. Тука многу тешко може да се реализира советувањето или препораките на стручните тимови. Согласно законските одредби не е задолжително при склучувањето на брак да се донесе потврда за посета на предбрачно советувалиште.Оваа обврска во минатото беше задолжителна, но сепак тогаш истата идните брачни другари ја поминувале без многу внимание и како на“трчање”, колку да се извади потребниот документ-велат социјалните работници. Иако наизглед овие препораки изгледале наивно и смешно, голем дел од нив се првата пречка со која се соочуваат паровите со стапувањето во брак.Денеска оваа советодавна улога се очекува од новоформираните советувалишта кои допрва треба да покажат како ќе профункционираат на терен. Трендот на зголемување на бројот на разводи започнува пред седумнаесет години, а во последните неколку години има значително поместување во нагорна линија. Така во 2010-тата година имало 1720 разводи, во 2011-тата оваа бројка се искачува на 1753, во 2012-тата се регистрирани 1926, а минатата година статистика забележала 2116 разводи. Во истиот временски период кога се анализирани разводите, податоците покажуваат дека се намалува бројот на склучени бракови, но со помал интензитет. Односно за 17 години во Македонија за околу 11% е намален бројот на склучените бракови или во 1995 година има 15. 823 склучени бракови, веќе во 2012 година во брак стапиле 13.991 парови, а минатата година оваа бројка е 13.987 склучени бракови.