Добивај вести на Viber
Јавното незадоволство во Украина, жртвите и стотиците повредени за време на протестите во главниот град Киев можат да ја уништат економијата, која дури и сега не се наоѓа во особено добра состојба. Земјата игра централна улога во развојот на економијата на регионот. Затоа колапсот нема да биде ограничен само до нејзините граници, пишува порталот 247wallst.com, цитиран од Yahoo Finance.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја рангира Украина на 54-то место во светот по големина на бруто домашниот производ (БДП), кој изнесува 176 милијарди долари. Во рангирањето на Светската банка (СБ) земјата го зазема 51-то место. БДП на Украина е приближно колку оној на Катар и Перу.
Имајќи го в предвид следниот показател, земјата не е многу продуктивна, а граѓаните не се добро платени. ММФ ја става Украина на 109-тото место според показателот на БДП по глава на жител. Сумата е 3 867 долари. СБ ја рангира земјата на 111-тото место. Албанија и островите Фиџи се дури и малку повисоко во ранг-листата. Економистите ја ставија Украина под земјите кои се наоѓаат во средината на топ листите.
СБ за нејзината економија вели дека е во застој. И во 2012 година, и во 2013 година БДП на Украина не се зголемил. Нејзините проблеми со економскиот раст се слични на оние кои ги имаат повеќето земји во Европа, каде што рецесијата трае подолго во споредба со другите делови на светот.
Политичките проблеми во Украина ја претвораат во сиромашна земја во која инвеститорите можат да го вложат слободниот капитал, велат аналитичарите на СБ . Моќта на извозот на украинското земјоделството е столбот на економијата, а земјата извезува претежно житни култури. Темелите на секторот меѓутоа исто така слабеат.
"Украина има огромен земјоделски потенцијал и може да одигра клучна улога во обезбедувањето на храна во светски рамки. Овој потенцијал не се користи целосно поради ниските приходи на фармерите и поради недостатокот на модернизација во секторот", пишува во анализата на СБ за земјоделство на земјата.
"Создавањето на правна рамка за земјишната сопственост, развојот на ефективен систем за регистрација и гарантирањето на слобода и транспарентност на пазарите за земјиште се важни елементи во политичка рамка која може да го олесни развојот на земјоделството во Украина."
Поголемиот дел од извозот на житни култури е наменет за Русија и другите големи земји во регионот. Ова е една од причините поради кои Украина е важен трговски и финансиски партнер. Иронијата за економската ситуација во земјата е тоа дека Русија е главен доставувач на Украина со енергетски извори. Односите меѓу двете држави во однос на ова не се воопшто добри .
Украинската зависност од рускиот енергетски дотур и недостатокот на значајни структурни реформи ја направија економијата на Украина ранлива на надворешни шокови. Земјата е зависна од извозот, за да оствари околу ¾ од годишната потрошувачка на нафта и природен гас и 100 % од нуклеарните енергетски потреби.
Со влада под опсада и веројатноста политичките битки да продолжат уште долго време Украина повторно може да западне во рецесија и тоа доста брзо. Нејзината сила како извозник на житни култури нема да биде доволна за да го спречи тоа.
Немирите натежнаа и на финансиските пазари. Цената на деноминираните во долари државни хартии од вредност со рок на достасување во 2023 година се намалија за два проценти и веќе се 80,875 поени - најниско ниво од средината на декември досега.
Од 23 ноември, кога за прв пат Украинците излегоа на протест поради барањето за градење на подобри врски со ЕУ, до денес водечкиот берзански индекс PFTS загубил 1,43% од својата вредност.
К.К.