29 Март, 2024
0.0240

Со цени на квадрат до плафон, градежниците набилдаа милионски профити

Објавено во: Анализа 24 Мај, 2017

Добивај вести на Viber

Во Македонија се чини дека нема бизнис како градежниот бизнис, без оглед на економските и политичките фактори, фирмите кои продаваат станови и натаму генерираат екстра добивки, а нивните годишни приходи за 2016-та се бројат во десетици милиони евра. Четирите градежни компании Адора Инженеринг, Настел, Голден Арт и Жикол во вакви услови на пазарот оствариле за 1,4 милиони евра поголема добивка во 2016-та во однос на истиот период во 2015-та, додека пак нивните вкупни приходи нараснале за околу 7 милиони евра.

Често се дебатира дали цените на становите, особено на тие во Скопје се превисоки, а се бараа и начини како истите да се спуштат, како на пример со изградбата на државните станови. Сепак, ако се погледнат профитите на Адора, Настел, Голден Арт и Жикол ќе видиме дека и до значајно намалување на цените нема да дојде, интересот на пазарот сепак ја диктира цената, особено побарувачката во централните населби во Скопје каде има и најголем интерес за купување. 

Ако се гледаат бројките на Државниот Завод за статистика има мал пад на цените на становите во Скопје, каде просечната цена на 1м2 изнесува 50.829 денари што е за 3.9% помалку во споредба со 2015 година, додека во останатите населени места во државата таа изнесува 32.721 денари, што е за 1.6% помалку во споредба со 2015 година.

Градежните компании Адора Инженеринг, Голден Арт, Настел и Жикол кои и во моментов градат многу атрактивни станбени згради, 2016-та ја завршиле во голем плус. Вкупната добивка на четирите компании изнесува неверојатни 535 милиони денари или околу 8,7 милиони евра. Ако се пресметаат вкупните приходи кои градителите на станови ги оствариле за 12 месеци во 2016-та ќе се стигне до бројката од 3,5 милијарди денари или околу 58 милиони евра. Тоа што може да се види од годишните биланси на успех е дека секаде има добивка, и никој не е во минус. 

Според повеќе агенции за недвижности цената на метар квадратен во срцето на Скопје се движи меѓу 1200 и 1500 евра. Се градат нови станбени објекти на речиси секој чекор, од стандардни згради со 5-6 спратови до градежни чудовишта со екстра луксузни станови. Токму стабилните цени на становите придонесоа градежните компании како Адора Инженеринг, Голден Арт, Настел и Жикол да остварат „мрсни“ профити.

Градежната компанија Настел значително ги крена приходите минатата година кои изнесуваат 11,4 милиони евра. Добра вест за нивното работење е што расходите се исти како и во 2015-та и изнесуваат околу 9,3 милиони евра, па така и добивката сега е огромна со вредност од околу 2 милиона евра.

Единствено најголем пад на добивката има Адора Инженеринг поради намалените приходи во 2016-та кои изнесуваат 12,5 милиони евра, но и натаму „не се за жалење“. По пресметката на расходите кои изнесуваат околу 11 милиони евра во 2016-та нивната крајна добивка изнесува 1,5 милиони евра.

Голден Арт има добар раст на приходите кои стигнаа 6,9 милиони евра но, добивката од половина милион евра е незначително зголемена поради растот на расходите кои во 2016-та изнесуваат 6,4 милиони евра.

Жикол споредено со конкурентите од ова друштво е најголем играч со вкупна добивка од речиси 5 милиони евра, од неверојатни годишни приходи од 27,3 милиони евра. Големината на приходите кај Жикол е на значајно поголемо ниво од другите компании заради тоа што оваа фирма работи и други градежни проекти освен изградба на станбени единици.

За самиот квалитет на новоградбите и натаму има одредена недоверба кај граѓаните која се засили по земјотресите во Скопје. Интерес има и за старите станови без оглед кога е градена зградата и тие држат солидни цени. Токму затоа долг период се очекува поголем пад на цените на метар квадратен кои ќе одговараат на самиот квалитет на градба бидејќи ако се суди барем според огласите на агенциите за недвижнини, но и на самите градежни компании, се уште има доста непродадени станови, особено во Скопје.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2015 година, индивидуални сопственици извршиле градежни работи во вредност од 9.167.540.000 денари.Во текот на 2015 година се градени вкупно 2022 објекта и завршени се вкупно 2473 станови со вкупна површина од 261.771 м2. 



Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот