28 Март, 2024
0.0245

Со одбрана на криминалот, не се брани Македонија!

Објавено во: Колумни 06 Март, 2017

Добивај вести на Viber

На пратениците ќе им го затвореле Парламентот. Доколку и се конституираат, на ново именуваните министри нема да им било дозволено да влезат во запоседнатите кабинети, а власта немале да ја предадат се додека тие не одлучиле дека е време  за тоа или во најмала рака не се распишеле нови парламентарни избори. Имале партиски активисти кои доколку затребало биле подготвени и да се пресметуваат со  „издајниците“. Ова се фрагменти од сценариото, како „патриотите“ планираат  да ја одбранат унитарноста на државата, а сето тоа изрежирано и испланирано од  криминогените умови на „кабаетлиите“. Нашиот народ ќе рече, „ем шуто, ем боде“. Во меѓувреме, тие протестираат, плукаат по „предавниците“ , спинуваат, хушкаат.

Неможат да разберат дека во демократските општества доколку на изборите освоите најмногу пратеници, а притоа не обезбедите парламентарно мнозинство вие станувате опозициона партија, колку и да претходно сте биле на власт и колку и да ја сакате земјата со која дотогаш сте управувале. Идејата на тие што ги с’скаат „патриотите“ е да се предизвика ескалација на настаните. Тие сакаат хаос. Тоа им е потребно затоа што само на тој начин можат да станат фактор за враќање на мирот. И само така со нив повторно ќе мора да се седне на маса и да се преговара и нели кога се преговара има и што да се договори односно отстапи.

Значи, интерес да се предизвикаат проблеми има, и затоа е потребен висок степен на разум, кај сите. Повлекувањето на Платформата во овие услови од страна на ДУИ е чин од коj ќе добие и партијата  и државата. Верувам дека не е ништо пострашна од онаа што ја прифати ВМРО ДПМНЕ, но битно е да им го скрши филмот на оние кои сакаат да режираат хаос. Со таквиот потег издишуваат сите спинувани информации, а граѓанска Македонија ќе влезе во колосекот на земји кој патуваат за Европа.  Секој мудар потег со коj се избегнуват немири е добредојден колку тој и во моментов да изгледа губитнички. Врхушката во заминување се храни од хаосот, затоа што само таков развој на настаните им дава за право да поверуваат дека можат и да се извлечат, односно испазарат. Впрочем тие веќе одамна наместо власт бараат спас.

Проблемот е што веќе за се е доцна. Не е до Заев, не е до странците. Заев не може да гарантира слобода за огрешените, а најмалку да преговара како да се спасат. И на Заев му е веќе јасно дека од првиот ден кога ќе ја добие премиерската палка мора да воспостави систем на враќање во живот на институциите, најургентно на правосудните. Правдата и украдените пари мора да се вратат. Покренатите постапки мора да течат и истите да се процесуираат според словото на законот. Доколку тука се направат грешки, Заев за неполна година ризикува да ја изгуби власта, односно на врхушката ќе и‘ обезбеди терен за враќање на политичката сцена. На Заев му е јасно, дека со многу пари, мртви институции и народ навикнат на клиентелизам и подаништво може да се управува и од далечина. 

Развој на настаните последните четириесет дена е доказ дека се работи за последните трзаи на властите во заминување. Мора да се издржат. Засега, неодговарањето на провокациите е потегот што најмногу ги излудува. Избегнувањето на меѓуетничките и меѓупартиските конфликти ги вознемирува, како што ги вознемирува и ДУИ, долгогодишниот коалиционен партнер кој, полека,  но сигурно им се „искуби“ од прегратките. Дали поради Могерини или не, и ДУИ  свикаа централен и одлучија  да учествуваат во владата со најголемата опозициона партија. Колку и да им беше тешко, очигледно сфатија дека друго чаре немаат. Арачиновци во изборната кампања јасно ставија до знаење дека не ги интересира кантонизација и федерализација, туку се животно заинтересирани за канализација.

Граѓаните сфатија дека немаат фајде од заострување на етничките тензии и отворено, изразено и преку изборните резултати, бараат ослободување на заробената држава и изградување на правна држава во која остварувањето на нивните права и интереси не зависи од партиската припадност. Изморени се, за остварување на своите права да се зачленуваат во партии, беспоговорно да извршуваат задачи кои се на раб на нерегуларност, па дури и незаконити постапки. Да не зборуваме за прекршочни. За лидерот на ДПМНЕ не е проблем да се демолира оградата на општина, да му се удрат неколку шамари на градоначалникот, да се руши огромна зграда, а притоа, одобрението да го потпише друг а не наредбодателот....

Во овој контекст причините за протестите „За заедничка Македонија“ се врв на сите досегашни спинови продуцирани од кујната на „незаменливите“. Особено кога главен аргумент е дека со протестите  се брани „унитарноста“ на државата. А нејзе, формално –правно, новата власт не може, и да сака, да ја загрози, од проста причина, што нема 2/3 мнозинство што се бара за промена на Уставот. Дополнително, секој закон што ќе ја загрозува унитарноста ќе може да биде блокиран од Претседателот на државата, а се‘ што се коси со Уставот ќе биде одбиено од Уставниот суд.

Но, како спинувачите спинуваат, граѓаните полека почнаа да ги разбират спунуваните содржини. Тие разбраа дека нема поголема опасност за државата, од криминалот и корупцијата во врвовите на власта и неказнивоста на такви дела. Поради овие сознанија некои од учесниците на протестите се мачат да го оправдаат своето присуство. Зборуваат за опасноста од загрозување на Македонија и за нивното учество во одбраната, а во гласот, лицето и очите им се гледа дека ја знаат и вистинската причина, но не смеат ниту да помислат да кажат дека дошле да го бранат лидерот, бидејќи со падот од власта паѓа и последниот бедем до неговото соочување со правдата. А тој, во име на одбрана на државата, се бори, и по цена на државата, да ја спасува сопствената кожа и на неговите најблиски.

Како и сите спинови и овој, наскоро, ќе ја изгуби битката со реалноста. Прашање е дали тоа ќе го разбере и Хорхе, па  да донесе одлука мандатот за формирање на нова влада да му го предаде на Зоран Заев кој собра потписи од 67 пратеници, што е мнозинство во Собранието. Така предвидува Уставот. Може само да се надеваме дека за прв пат, во исклучителни околности за државата, ќе го почитува Уставот и ќе овозможи, врз основа на изборните резултати да се формира влада која ја поддржуваат поголемиот број граѓани во земјата. Алтернативата е натамошно влошување на тоталната општествена криза, во која поголемиот број од граѓаните ќе почнат да размислуваат со стомакот. А тогаш нема спинови!

д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?