Спасовски почна со промени во МВР - сменети 11 раководители
Министерот Спасовски изјави дека потегот е во интерес на граѓаните и за да создаде услови граѓаните слободно да донесат одлука за следните парламентарни избори.
Објавено во: Македонија 29 Септември, 2016
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска изјави дека согласност со политичкиот договор од Пржино тој именувал нови 11 раководители со цел да не се дозволи МВР да биде „алатка во рацете на било која од политичките партии“.
- Го искористив моето право за промена на дел од раководните структури поточно именував 11 нови раководители на организациони едници во состав на МВР, 7 во секторите за внатрешни работи и 4 во Министерството за внатрешни работи односно во одредени оддели, изјави Спасовски.
Министерот Спасовски додаде дека ова го направил во интерес на граѓаните и за да создаде услови граѓаните слободно да донесат одлука за следните парламентарни избори.
Инаку Примислав Димовски повторно е вратен на чело на единицата Алфи во МВР, а Лазе Велковски, кого исто така го смени поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, пак е именуван за началник СВР Скопје.