10 Ноември, 2024
0.2028

Стокхолмскиот синдром на вазалските држави

Објавено во: Колумни 07 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Цели  триесет  години по воведувањето на повеќепартискиот живот во нашето општество  и демократизирањето  на политичките процеси, ние се наоѓаме во графата на „хибридни режими“. Најниска оценка во класификацијата на „ Freedom house “ добивме за политичката култура. Имено, другите оценки за политичкиот процес, слободата на медиумите и изразувањето,граѓанските права, па дури и функционалноста на властите  се подобри, и доколку ние би имале и таква оцена за политичката култура би преминале во  редот на „ неконсолидираните демократии“. Жално е, но уште потрагично, што на ова класифицирање, ние сме најлоши во политичката култура. Имено, токму таа, политичка пред се некултура кај нас во изминатите три децении ги генерираше сите позначајни политички кризи во македонскиот политички систем, а за ваква држава како нашата, тие политички кризи, значеа и доведуваа до парализа на општеството. Нашите корумпирани и очајни политички елити, секогаш помеѓу себе си настапувале крвнички, со омраза, односно по теркот на „ карлшмитовска“ борба до истребување, каде што политичкиот противник не се гледа со диоптерот на политичко натпреварување во стилот на „ подобриот нека победи“, туку се гледа како на нешто најнепријателско, омразено кое треба да не постои, да се истреби.

Партиско-племенските главатори ја уништија Македонија!

 Таа енергија, тој дух на омраза и меѓусебна  битка до истребување, беше и е по вертикала пренесена и до најобичните членови во партиите, па така имаме примери на раскарани пријатели, роднини, па дури и брачни сопружници. Кога политичките кризи, создадени од ова примитивно и примордијално поведение на политичките касти, ќе го достигнеа својот зенит и својата кулминација, тогаш на сцена се појавуваа претставниците на меѓународната заедница, во прв ред амбасадорите на „ сериозните партнерски држави“ ( тие на САД и влијателните земји членки на ЕУ), да ги седнат на преговарачка маса закрвените политички елити да се договорат и да ги придвижат напред политичките процеси. Доколку кризата беше многу поголема, тогаш на сцена стапуваа „ булдужер дипломатите“, најчесто високи претставници од администрацијата на САД или ЕУ, пратени како медијатори да вршат притисок врз нашите усвитени политички глави, борејќи се со нивниот инает и тврдоглавост како автохтона, примитивна македонска особина. Нели е срамно, што со ова однесување на нашите политички шампиони, ние како држава и како општество се доведовме да бидеме вазал во меѓународната политика, односно за секое посериозно прашање за кое нема договор меѓу власта и опозицијата под притисок на меѓународните дипломати да се организираат дебати на округла маса, се со цел да се постигне компромисно решение. Дури кај нашите политички елити се јави и своевиден стокхолмски синдром, па така, многу пати и често политичарите очекуваат дека за некое прашање за кое однапред се свесни дека нема да има политички консензус, на сцена треба да ги повикаат и да настапат „ пријателите од меѓународната заедница“. Тоа Македонија во нивните очи ја претвори во тотална нефункционална демократија, државна заедница, поделена и раскарана како по племенски принцип, со поглавици кои откако ќе се исколат помеѓу себе, бараат арбитар да ги помири. Срамно е, жално е, и поразително, што се фалиме дека оваа година ќе станеме полноправна членка на НАТО алијансата, и очекуваме да ги почнеме преговорите со ЕУ и  постојано нагласуваме дека сме ги исполниле сите реформски очекувања на ЕУ, ние константно да се однесуваме вака. Всушност, поведението на политичките елити во практикувањето на политичкиот процес е само огледало  на македонскиот карактер. Кавги, поделби, меѓусебни обвинувања, префрлување на одговорност и никаква самокритика се карактеристична одлика на просечниот Македонец, па што е тука толку чудно, ние да очекуваме дека нашите политичари ќе бидат поинакви. Впрочем, токму поради тоа, и дека се наши, односно избрани од нас, многу очекувано е да бидат такви. Не ги увезовме од  Данска или Швајцарија, туку упорно си ги бираме ние наназад во овие  три децении. Па видете  едно просечно, пошироко македонско семејство и ќе ја видите целокупната политичка крвна слика на македонскиот политички естаблишмент: раскарани фамиилии околу некој селски плот, закрвени околу „ наследството “ од две –три сопчиња кои припаѓале на нивните родители, поделени и замразени.

Самите го уништивме и тоа што претходно вредеше!

 Може да упатиме секаква  и тоа добро аргументирана критика за комунизмот како систем и за Југославија како држава, која се разбира имала свои предности и маани, како и секоја друга, но едно е факт: таа држава била уважувана и респектирана во меѓународниот свет, и како таква нејзините граѓани биле на многу високо ниво ценети како  во Европа, така и по белиот свет. Целата  таа поставеност , угледност и респектабилност која Југославија ја градела дипломатски низ децениите во кои суштествувала, денес е тотално разбиена, компромитирана и разнебитена. Денес  ние како  поранашен  конститутивен  субјект на таа и таква Југославија, нејзин наследник заедно со Србија, Босна и Херцеговина, до  некаде и Црна Гора претставуваме карикатурални творби од  држави- вазали на големите сили,  нивни марионети на овој дел од Европа. За тоа сме си виновни самите, односно се виновни нашите политички елити, кои си ги биравме самостојно во овие триесет години во  „ ерата на демократијата “. Тоа толку критикувано едноумие, се замени со тотално и хаотично безумие. Триесет години, нашите кормилари се крчмари, пијат, крадат и не се замараат „ каде плови овој брод“. Всушност никаде. Европската Унија и НАТО се само имагинарни „ Ел дорадо “ земји за нас,  ваквите  десперадоси. Украсени бонбончиња/лижавчиња кои им се ветуваат на малите дечиња, доколку бидат послушни. Во принцип, ниту „ дечињата се послушни, ниту бонбончињата некогаш ќе ги добијат“.


Благојче Атанасовски - политиколг

Можеби ќе ве интересира

ПРЕМИЕРОТ, БАНКИТЕ И БИЗНИСОТ

ПРЕМИЕРОТ, БАНКИТЕ И БИЗНИСОТ

Киев и Москва чекаат – Харис или Трамп

Киев и Москва чекаат – Харис или Трамп