СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ: Повеќе штета одошто полза?!
Објавено во: Економија 09 Декември, 2016 07:55
Ослободувањето на странските инвеститори од плаќање на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување ќе има негативни ефекти врз Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување, велат дел од економистите. Посочуваат дека ваквите мерки можеби не сега, но во иднина негативно ќе влијаат врз државниот пензиски фонд.
„Можеби нема директни негативни ефекти затоа што тие работници сега не ја земаат таа пензија. Но практично недостасува онаа опуртунитетна добивка недостасува.Значи тие средства што би се генерирале во пензискиот фонд сега не се генерираат, така што тоа негативно ќе влијае врз фондот и сметам дека треба да се прекине со таа политика затоа што во некое поопределно време ќе се почуствуваат реалните негативни ефекти од ослободувањето на странските инвеститори од плаќање на придонесите за пензиско осигурување“, вели Бранимир Јовановиќ од Институтот за социјални и хуманистички науки.
Изминатиов период и Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд посочија дека државниот фонд се соочува со тешкотии во собирањето приходи и расте неговата зависност од централниот Буџет. Како една од причините за таквата состојба беа посочени мерките на Владата за субвенционираните работни места.
Освен ослободувањата од придонеси, странските фирми кои инвестираа во Македонија се ослободени од даноци, царини и комунални трошоци, им беа покривани трошоците за градење објект во вредност до 500.000 евра, и трошоците за образование на работниците во износ до 50% од трошоците, добиваа директни грантови од страна на државата во износ до 70% од вредноста на инвестицијата или 70% од платата за новите вработени за период од 2 години.
Но сеуште е институционална тајна останува која фирма колкави субвенции добила од државата.
За осум годин потрошени 159 милиони евра за странски директни инвестиции
Во периодот од 2007 до 2015 година државата потрошила 159 милиони евра за привлекување и субвенции на странските директни инвеститиции во земјава, покажува студијата „Вистинската цена на евтината работна сила“, изработена од Институтот за oпштествени и хуманистички науки. Во студијата се анализирани 25 странски фирми што инвестирале во земјава одосно Џонсон Мети, Дрекслмајер, Кромберг & Шуберт, Џонсон Контролс, Ван Хоол, Ки Сејфти Систем, Техникал Текстајлс, Гентерм, Леар, ОДВ електрик, Вистеон Електроникс, Кондево, Кемет електроникс, АРЦ аутомотив, Костал, Макдиа, Кранфилд Фаундри, Јуроп Шок Абсорберс, М Скуаре, Истем медикал, Антхура, Стартек, Ендава, Маркарт, СМР аутомотивс систем.Во анализираниот период овие компании за плати за вработените исплатиле 92,1 милиони евра, а оствариле добивка од 235 милиони евра.
„Парите што државата што ги дава за привлекување и субвенции на странските инвеститори се поголеми од вкупните плати што ги добиваат вработените во овие фирми. Ако државата директно им ги дава овие пари на вработените тие би оствариле скоро двојно повисока плата од таа што ја земале од работењето во овие фирми.Може да се заклучи дека државата директно генерира дел од нето добивката на овие фирми. Со други зборови, парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка на странските фирми“, вели Јовановиќ.
Која компанија плаќа најмногу а која најмалку?
Бројот на вработени во анализираните фирми лани бил 12600 лица. Околу три четвртини од нив се вработени во три фирми Дрекслмајер , Кромберг и Шуберт и Џонсон Контролс. А токму овие фирми исплќаат и најниски плати кои се движат од 200 до 340 евра. Анализата покажува дека платата е највисока во Џонсон Мети 517 евра, а потоа следуваат следуваат Ки сејфти системс, Ендава, Маркарт и Кемет електроникс, со просечна плата во распонот 440-473 евра. Од Институтот посочуваат дека парите кои државата ги исплатила за поддршка на странските фирми ќе се подели со вкупниот број на вработени, се добива дека државата плаќа околу 12.580 евра за едно работно место.Просечната плата во 25-те анализирани странски компании лани изнесувала 261 евро или 100 евра помалку од државниот просек.
Во какви услови работат работниците?
Анализата за работните услови била спроведена преку интервјуа со вработени во петте најзначајни странски фирми Дрекселмајер, Кромберг & Шуберт, Џонсон Контролс, Џонсон Мети и Ван Хоол, кои генерираат околу 90% од вработувањата, платите и добивката на сите странски фирми. Во сите анализирани фирми биле забележан примери на кршење на одредени работнички права, однсоно мобингот, неплаќање на работа за време на викенди, наметнување да се работи за време на викенди или празници и неможноста да се користи ден од одмор.
„Сите анализирани фирми вработуваат со договори на определено време, што генерира страв од губење на работата кај работниците, што потоа има дисциплинирачки ефект врз нив. Работниците сметаат дека работата е тешка, дека нормите се високи и дека платата не е сразмерна на трудот. Во ниедна од фирмите нема синдикат и работниците сметаат дека работодавачите ќе санкционираат обиди за синдикално организирање. Во една фирма има пример кога работници биле избркани од работа заради прекин на работата заради неисплатени плати“, вели Јовановиќ.
Во повеќето фирми работниците изјавиле дека има примери за повреди на работното место, а во една дури и смртен случај. Од Институтот препорачуваат да се прекине со политиките на издвојување огромни државни средства за привлекување на странски инвеститори, да се промени законската регулатива во насока на поголема заштита на работниците и социјалната сигурност.
Каква политика за СДИ најавуваат партиите во изборните програми?
Двете најголеми политички партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во своите изборни програми најавуваат мерки за провлекување на странски диркетни инвестиции но и за работа на веќе постоечките компании. Разликата е во начинот на кој партиите планираат да ја водат политкаата за привлекување на странски директни инвестиции.
СДСМ ветува дека доколку победат на претстојните предвремени парламентарни избори ќе водат активна и транспарентна политика на привлекување странски директни инвестиции.При тоа посочуваат дека сите обврски кои се преземени кон постојните странски инвеститори целосно ќе се почитуваат, но и дека ќе ги објават сите склучени договори.
„Нашата политика ќе се разликува од сегашниот целосно нетранспарентен пристап базиран врз скапи реклами и белосветски патувања на владини функционери. Нашата политика ќе се базира на промоција на поволно и стабилно деловно опкружување, независни и професионални институции, високо ниво на демократска свест, ефикасен правен систем, квалификувана работна сила, активна политика на поддршка на инвестиции и даночни олеснувања. Во првите 100 дена ќе подготвиме детална cost/benefit анализа од вложу- вањата и придобивките од процесот на привлекување на странските ком- пании. Оваа анализа ќе овозможи објективно согледување на ефектите од спроведените политики и ефикасно моделирање на идните мерки.“, стои во изборната програма на СДСМ.
Од партијата ветуваат дека ќе стимулираат инвестиции со поголема додадена вредност, ќе го напуштат постојниот систем на економски промотори и ќе воведат концепт на економска дипломатија.Постојните даночни ослободувања кои важат за инвестирање во тетехнолошките и индустриските развојни зони ќе останат на важност но ќенајавуваат дека ќе создадат реални можности во тие зони, под исти услови, да можат да инвестираат и домашните претпријатија.
ВМРО ДПМНЕ најавуваат нови странски инвестиции, а политиката за привлекување останува како и досега. Најавуваат отворање на нови ТИРЗ-ви, но и проширување и изградба на нови капацитети на веќе постоечките странски компании кои работат во и надвор од зоните.
„Во периодот 2017-2020 година ќе продолжиме со втората фаза на интензивна изградба на ТИРЗ со динамика согласна со интересот на инвеститорите. Освен комплетирањето на изградбата на веќе основаните зони, предвидени се и дополнителни средства за основање и изградба на ТИРЗ Скопје 3 и формирање, основање и изградба на уште најмалку четири ТИРЗ и тоа во Куманово, Липково, Гостивар и Маврово-Ростуша. Исто така, во наредниот период ќе се анализира можноста за дел од зоните да бидат изградени и управувани според моделот за јавно-приватно партнерство. По примерот на двете домашни компании Хај-Тек Асембли Центар и ФПЦ Технопласт кои инвестираа во ТИРЗ, согласно со постојната регулатива и во следниот четиригодишен период ќе продолжи политиката за влез во ТИРЗ и користење на погодностите за домашните компании кои ќе произведуваат производи со повисока технологија и додадена вредност“, стои во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ.
Во програмата се посочува дека во наредниот период ќе се реализираат и инвестиции надвор од ТИРЗ-вите, при тоа се наведува дека се работи за ново најавени инвестиции, инвестиции кои се во фаза на реализација и финализација, како и проширување и изградба на нови капацитети кај дел од постојните инвеститори.
Т.С
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




