Студентски референдум: Тест на зрелост на академската заедница!
Еден од клучните елементи е капацитетот на младите во земјата кој преостанал. Но за жал на нашите простори се уште шетаат хиени кои прават пустош. Што поскоро се истребат тоа полесно и побрзо би дошле до излезот”- порачува студентот Дамијан Каранфило
Објавено во: Македонија 26 Септември, 2016
Референдумот кој Студентскиот пленум ќе го
спроведе за прв пат во историјата на
УКИМ е логична реакција на неправдата која им се нанесува на студентите, атакот
врз студентската мисла и влијание, манипулацијата и злоупотребата на
финансиските средства кои студентите
ги издвојуваат за своето школување –
вели за Фактор, студентот Дамијан Каранфилов.
Студентите според него треба да
се информираат и да бидат будно заинтересирани за состојбите во кои студираат
на нивните матични факултети, кои се нивните права, бидејќи наместо да бидат
примарна цел на универзитетот во создавање на млади интелектуалци, станаа само алатка во полнење на касата на УКИМ и
нечии туѓи паричници.
“Референдумот е резултат на сите досегашни случувања на УКИМ со што јавноста е запознаена, а и самите студенти кои се дел од универзитетот ја согледуваат неправдата која им се нанесува. Се покажа дека СПУКМ години наназад игра зад грбот на студентите, манипулира и ги злоупотребува средствата кои студентите ги вложуваат за своето школување. После таквиот однос кој излезе на виделина, очекуваме револтот да се искаже со што поголема излезност на 28.09. 2016 год. каде самите студенти ќе решат за својата иднина, ќе покажат зрелост и свесност за тоа на кој начин се удира по џебот на студентот, а со тоа да ја искористат шансата за промена која, тие самите ја воспоставуваат и ја поседуваат во свои раце”- вели Каранфилов.
Студентите според него не се доволно информирани за состојбите во високото образование, нивните права, условите, стандардот и можностите кои ги имаат односно ги немаат во текот на студиите. Искуствата вели најчесто ги осознаваат оние кои заминуваат на студии надвор, но доцна бидејќи ретко кој се враќа назад. Оттука борбата е насочена кон поттикнување на поголема активност кај студентите, ослободена од стравот, притисоците, заканите. Студентот вели Каранфилов мора да биде заинтересиран за својата иднина.
“Поминавме преку многу премрежја во текот на борбата која ја започнавме за подобро високо образование, а стравот некаде измеѓу се изгуби бидејќи битката која ја водевме и ја водиме е со искрени намери за постигнување на квалитет кон кој се тежнее и праведното функционирање на една институција како што е универзитетот. Студентот во Македонија сега веќе не би требало да чувствува страв затоа што токму тој прв преку протест ја собра храбрoста да укаже на тоа дека незадоволството е големо, и ги согледа нерегуларностите кои пред негови очи се случуваат. Страв од притисоци е нешто со што студентите не треба да се оптоваруваат. Но затоа, треба што подобро да се информираат и да бидат будно заинтересирани за состојбите во кои студираат, кои се нивните права бидејќи без нив не можат да опстојат особено во средина како нашата , да ги следат состојбите на нивните матични факултети, да осознават критериуми и новини кои ги практикуваат нивните колеги од соседството и Европа па доколку се укаже можност да се потрудат да ги имплементираат во нивните области. Сето ова студентите засега се должни да го прават бидејќи студентското претставништво на УКИМ не си ја вршело работата како што треба”- објаснува студентот од Пленумот.
Изминативе две години по серијата студентски протести, автономни зони, окупација на факултетите и борбата за враќање на универзитетската автономија, студентските избори се лекции кои студентите ги научија на потешкиот начин. Состојбите според Каранфилов покажаа дека студентот се соочува со непочит од страна на универзитетот и со газење на неговото достоинство и личност.
“Во дисфункционално општество, во какво што се наоѓаме ние, студентите мора да се борат за да издржат во хаосот кој е околу нив. Будењето на свеста е една од најзначајните работи и истата да се поттикне во вистински моменти да реагира. Борбата за квалитет не познава прекин, од генерација на генерација треба да се пренесува духот и чувството за потрага и овозможување на подобро високо образование. Се соочуваме со изместени параметри кои диктираат некакви норми на функционирање во рамките на унивезитетот. Статусот е далеку од посакуваниот, бидејќи што повеќе да се каже кога за отчет на сопствените пари кои ги давате за школување ве тепа специјална полициска единица, можностите за реализирање било каква идеја се сведени на минимум. Студентот се соочува и е исправен пред предизвици за кои допрва ќе се анализираат постапките, ставовите и одлуките кои го формираат неговото постоење како дел од академската заедница”- нагласува Каранфилов.
Потребата за ново студентско раководство како што вели е неминовна, а тоа подразбира раководство кое нема да е корумпрано, нема да манипулира со студентите туку во телата на универзитетот ќе го претставува неговиот вистински глас. Доколку студентското тело би било дел од универзитетот тогаш вели многу полесно ќе се има увид во работата на кој начин се носат одлуките, поголем пристап и контрола на финансиите кои се од витално значење за студентските потреби.
“Новоформирана комисија во рамките на УКИМ треба да работи на менување на статутот во делот на организацијата и контролата врз работата на СПУКМ. Секако, доколку постои разум и волја кај одредени челенови во таа комисија , кои имаат желба вистински да ги согледуваат и решаваат проблематиките поставени на маса би се дошло до решение . Инаку водењето инат и спроведување само на сопствената замисла никому не оди во корист. А повеќето таму чинам се свесни дека промената во делот на организацијата и контролата на СПУКМ е повеќе од потребна”-додава студентот.
Сите кризи на едно општество вели Каранфилов најчесто се рефлектираат врз образованието, кое не е имуно на таквиот дисбаланс. Пореметениот тек на нештата објаснува дека е длабоко навлезен во порите на нашата земја, но кога на себе ги имате “розовите очила” тогаш се е во најдобар ред . Кога сакате да ставите крај на одредена криза, додава студентот, тогаш треба да сте спремни со многу поголем напор и капацитет да ги надминете досегашните препреки, да ги обновите ресурсите кои ги поседувате и да отстапите шанси на тие што умеат да се справат и знаат како со проблемите.
“Се отвараат нови универзитети, се примаат кадри кои иако се изгубен случај за образованието тие се некаков фактор. Со розовите очила животот е многу поедноставен и поднослив за живеење, а без тие очила се учите да се справувате во реалноста со која сте опкружени, па немате време да им се чудите на тие кои решиле да отворат нов униврзитет за инат на најстариот универзитет во државата, туку понекогаш се нервирате како тие луѓе дошле до таа позиција да реализираат така креативни идеи. Фази во образованието тука не постојат, кај нас е присутна подолго време стагнацијата, а во меѓувреме сите осцилации се резултат на лошите политики, личните фрустрации на тие кои ги носат одлуките и спроведувањето на наредбите од горе кои никогаш не се во полза на образованието. Еден од клучните елементи е капацитетот на младите во земјата кој преостанал. Но за жал на нашите простори се уште шетаат хиени кои прават пустош. Што поскоро се истребат тоа полесно и побрзо би дошле до излезот”- порачува студентот Дамијан Каранфилов.
С.Б.