Темелковска-Анчевска: Не ги делам професионалците по тоа дали носат „панталони“ или „здолниште“
Објавено во: Економија 12 Декември, 2017
Се поактуелна е темата за женското лидерство, за создавањето еднакви услови зa успех на жените во бизнисот без никакви предрасуди и пречки или било каква системска дискриминација, па затоa во период кога воопшто е тешко да се започне со сопствен бизнис без оглед на половата припадност, разговараме со Ема -Анчевска, ко-сопственик на агенцијата Идеа Лаб за маркетинг и односи со јавност, за нејзините мотиви кои ја водат низ препреките и тешките моменти, за балансирањето на приватниот и професионалниот живот. Ема е секогаш позитивна во контактите со медиумите и клиентите, жена со висок степен на енергија и докажан професионалец, која поставува одличен пример и може да послужи како инспирација преку својата лична приказна која во продолжение ви ја доловуваме со повеќе детали.
Фактор: Што те мотивираше да започнеш со сопствен бизнис, односно да ја формираш маркетинг агенцијата Идеа Лаб. Од самите почетоци до денес како ја надополнуваш мотивацијата за успех?
Темелковска-Анчевска: Верувам дека самата идеја и мотив за отпочнување на сопствен бизнис е директно поврзана со возраста во која бев кога ја започнав претприемачката авантура. Во средните дваесети се чувствував доволно силна да поместам планина, но и доволно искусна за да се соочам со предизвикот, земајќи го предвид фактот дека паралелно додека студирав и работев така што се здобивав со големо количество на вештини, компетенции и контакти. Морам да признаам дека во овој период светнаа две сијалички кај мене, првата во моментот додека ја работев работата која што максимално ме исполнуваше. Оваа сијаличка ми даде аларм дека можам многу повеќе т.е дека покрај работењето на професијата од соништата, можам да се тестирам себеси и во делот на менаџирање и организирање на целосен бизнис концепт. Втората сијаличка светна во моментот кога сосема случајно го започнав разговорот со мојот сегашен бизнис партнер Димитар, на кој додека му ја раскажував визијата го забележав истиот сјај во очите. Тоа беше моментот кога се роди Идеа Лаб. Јас, Диме, вкупно пола век и многу ентузијазам.
Од самиот почеток на моите работни искуства, се забележував себе си дека буквално во секоја обврска си пронаоѓам мотив за успешно и навремено да ја реализирам. Па така искрено немав проблем да ја продолжам таа тенденција, само што овој пат енергијата ја насочив во тоа да пронајдам што би можело да ми биде стабилен и постојан мотив. Ми требаше многу кусо време да воочам дека мотивот доаѓа од моите колеги, вредни, лојални, посветени, кои секое утро, при секој поздрав ги погледнувам и си велам во себе: „супер дечки одеме и денес да освоиме некој врв со нашата креативност!“
Фактор: Колку беше тешко на самиот старт со работата на агенцијата Идеа Лаб, на какви препреки наиде?
Темелковска-Анчевска: Оптимизмот и позитивниот концепт на мислите, длабоко се втемелени во мојот карактер, затоа ќе го срочам тоа вака: немавме проблеми, немавме препреки, напротив нè чекаа многу искушенија и предизвици кои, од ден во ден, од година во година, нè направија силни и фоусирани во бизнисот и визијата која ја поставивме на старт, ни донесоа многу партнери, нови пријатели, проекти, успеси. Но, имаме уште многу да покажеме, имаме уште многу да доживееме и низ насмевка, колегијалност и тимски дух да работиме на поставување на трајни вредности во светот на комуникациите, маркетингот и креативноста.
Фактор: Дали родовата припадност во светот на маркетингот, комуникациите и односите со јавност претставува пречка, дали во македонската бизнис култура жените имаат еднаков третман и почит која ја заслужуваат?
Темелковска-Анчевска: Од старт на оваа тема би сакала да нагласам дека во моите 30 години, никогаш не сум ги двоела професионалците по половата припадност. Сосема ми било сеедно кога читам за нечив успех, во смисла дали истиот го постигнал маж или жена, фокусот ми е во успехот и во одгатнувањето на формулата како до него! Јас верувам во мигот и во сега, верувам во својата визија која досега не ме изневерила и верувам дека така ќе остане засекогаш. Токму затоа јас на себе никогаш не сум почувствувала дискриминираност или потценување поради мојата женскост. Ниту во Македонија, ниту било каде низ Светот каде што сум била работно па и приватно присутна. Од друга страна признавам дека сум свесна за актуелноста на оваа тема, но сепак сакам да нагласам дека секоја жена може да ја насочи својата матрица на размислување во насока како мојата. Кај мене силата, ентузијазмот, успешноста, борбеноста, праведноста и сите останати човечки особини ги препишувам на професионалецот, независно дали е во „здолниште“ или „панталони“.
Фактор: Во Македонија досега се водеа повеќе кампањи за женско претприемништво. Дали на располагање има доволно специјализирани фондови како и програми од кои може да се црпат финансиски средства за помош при стартување и водење на бизнисот?
Темелковска-Анчевска: Факт е дека на секој бизнис му е потребна поддршка или поглед од страна, бидејќи додека се фокусираме на континуирано испорачување на услугите, забораваме на можностите да се биде подобар. Практично преку консултантска поддршка може подобро да се согледаат решенијата за секојдневните активности со кои се соочуваме и кои понекогаш знаат да најават проблем. Во мојот случај би ја издвоила соработката со ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact, која беше токму таа поддршка што ми помогна да ги согледам потенцијалите на раст на мојот бизнис. Оваа програма е идеална за развој од повеќе аспекти, но би го нагласила она кое мене ме направи подобра, а тоа е фузијата од алатки за менаџирањето на личното време во насока на развој на бизнисот.
Фактор: Каков е твојот однос кон клиентите, што може да ни кажеш од комуникацијата на секојдневна основа?
Темелковска-Анчевска: На оваа тема особено ми е драго да се искажувам, бидејќи она што низ годините го сфатив е дека практично клиентот е нашиот најголем пријател и партнер во бизнисот, со кој и поради кој го нижиме успехот. Самата структура во Идеа Лаб е таква што за секој клиент има задолжено лице за секојдневна комуникација. Најважното и најпотребното за функционирање и креативна синергија со клиентот е начелото што го пренесувам и на колегите, а тоа е скенирањето на желбите и потребите на самиот клиент. Верувам дека тука е столбот на долга и успешна соработка.
Фактор: Како балансираш помеѓу работните и домашните обврски, т.е успеваш ли да воспоставиш рамнотежа на двете полиња за фокусот да биде подеднакво распореден на двете страни?
Темелковска-Анчевска: Ова е мојот последен предизвик со кој втора година се соочувам и секојдневно учам нови вештини на темата. Во некои од редовите погоре споменав дека проектот на ИМЕ програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact, мене ме направи подобра во менаџирањето на личното време во насока на развој на бизнисот, воедно ми овозможи баланс на обврските дома и во канцеларија, но и воопшто во секојдневните обврски во било која улога. Се повеќе ми станува јасно и можам брзо да се „свичувам“ од претприемач во мајка, од мајка во трудница, од трудница во ментор на Њу менс Академијата, од ментор во сопруга, од сопруга во мајка, од мајка во ќерка, од таа улога се префрлам во улогата на сестра, тетка, пријателка, соработничка, менторка… Заклучувам дека сè додека го правиш и го живееш она што те исполнува, дефинитивно балансот е предмет на подесување, кој, додека правилно и вистински се управува, носи задоволство и исполнетост.
Фактор: Имаш ли жена идол на која го базираш светогледот или во најмала рака го надополнуваш сопствениот?
Темелковска-Анчевска: И во овој дел имам некоја сопствена формула што подразбира црпење креативност, начин на размисување и инспирација од мноштво личности. И не се само жени, напротив предизвик ми е да си поставам цели што ме фасцинирале, а ги постигнале мажи. Во последно време на социјалните мрежи следам родители кои се успешни на сите полиња, ги анализирам нивните чекори и оние кои сметам дека се добри, ги применувам, адаптирани за мојот свет.
Фактор: Како жените во Македонија повеќе да ги користат своите таленти, способности и квалификации за да се изборат за повисоки раководни позиции, но и да предводат сопствени бизниси, што би им препорачала?
Темелковска-Анчевска: За да користиш нешто, треба најпрво да го поседуваш, но и да си свесен дека истото лесно се амортизира и потребно е континуирано да се надградува. Верувам дека секоја жена треба посветено да работи на себе-реализација преку стекнување на нови компетенции и вештини, преку вежбање на талентот и преку континуирано поставување на нови цели. Со воведување на овие вредности во секојдневниот живот, секоја жена може да раководи со висока позиција, може да менаџира свој тим, едноставно може да го живее сонот.
Автор: Христијан Станоевиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.