Топ тема на Твитер патните трошоци на Бонева
Објавено во: Економија, Македонија 30 Септември, 2016
Силвана Бонева, член на Државната изборна комисија од ВМРО-ДПМНЕ, за шест месеци добила 12.000 евра за патни трошоци, објави вчера телевизијата „Алсат“.
Високите патни трошоци на Бонева поттикнаа многу коментари на социјалните мрежи. Граѓаните се прашуваат дали таа од Струмица до Скопје патува со авион или со вселенски брод. „Кога Бонева ја пали колата, светската цена на нафтата е во пораст“ - пишува на Твитер. „Менувачот за брзини на Силвана Бонева е означен со прва, втора, трета, четврта и петта илјада евра брзина“ - коментира друг Твитерџија.
Бонева и кога беше пратеник во Собранието имаше натпросечни патни трошоци во споредба со другите колеги. Како пратеничката во Собранието, таа од државниот буџет само за патни трошоци за една година потроши 23.000 евра.