Трајановски: Новиот булевар во Бутел ќе ја развие општината
Објавено во: Македонија 26 Септември, 2017
Коце Трајановски како актуелен градоначалник на Скопје и кандидат на претстојните избори се пофали со изградбата на новиот булевар во Бутел кој ќе значи многу за развој на општината, намалување на сообраќајниот метеж во овој дел на градот, како и подобрување на екологијата со брзиот проток на возила.
- Со пробивањето на овој булевар ќе се овозможи и развој на општината Бутел, со оглед на тоа што од левата и од десната страна има празно земјиште т.е. градежно, неизградено земјиште, на кое што со деталните урбанистички планови е планирана изградба на објекти кои што ќе значат развој за општина Бутел. Со пробивањето на овој булевар, практично нов булевар, ќе се подобри и безбедноста на сообраќајот во овој дел на Градот Скопје. Исто така, што е многу важно ќе се подобри и екологијата, т.е. ќе се подобри амбиенталниот воздух во овој дел на Градот Скопје со оглед на тоа што ќе имаме многу побрз, поефикасен сообраќај и ќе нема закочување и сообраќаен метеж, вели Трајановски.
За наредниот мандат Трајановски вети продолжување на инфраструктурните проекти во Скопје, но за тоа ќе треба да ги порази конкурентите на 15 октомври.