Тројно ќе порасне родот на пченката во Пелагонија и Полог
Објавено во: Агробизнис 23 Април, 2013
Наместо како досега 5 тони по хектар, родот на пченката ќе треба да порасне на 15-17 тони на едн хектар во Полошкиот и Пелагонискиот регион преку системот за наводнување „капка по капка“. Ова е целта на новиот проект на УСАИД во соработка со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) од Битола.
Според најавите, проектот ќе трае 4 години и според директорот на Агенцијата за развој на земјоделството, Јордан Кузмановски, треба да доведе од експанзија на малите бизниси и развојот на земјоделството.
„Ги охрабруваме земјоделците со стекнување на знаењата од овој проект да го зголемат квалитетот и квантитетот на своите приноси. Планираните активности најпрво ќе се реализираат во Полошкиот и Пелагонискиот регион за што се пријавени 44 одгледувачи на пченка, а наскоро со нив ќе бидат опфатени и другите региони во државата“, рече Кузмановски.
Проектот на УСАИД ќе ја поддржи советничката мрежа на Агенцијата за промоција на добрите земјоделски практики, вклучувајќи ги и модерните постапки, како и соодветната употреба на регистрираните агрохемикалии преку тренинзи и теренски надзор.
Системот „капка по капка“ за производство на пченка е ефикасен и економичен метод чија инвестиција се враќа брзо бидејќи приносите ќе се зголемат двојно истакнаа денеска од УСАИД.