01 Ноември, 2024
0.0139

Умираат родилки, ќе има ли одговорност?!

Објавено во: 20 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Прилеп  во шок по веста за смртта на 21 годишната родилка која  починала во прилепската болница 12 часа по породувањето,  откако претходно на свет донела здраво машко дете. Нејзините роднини обвинуваат дека станува збор за невнимание на докторите. Со реакција излегоа и од Здружението РОМА С.О.С. од Прилеп  од каде ја изразуваат  сериозната  загриженост за последниот случај во низата на смртни случаи на родилки кои се случиле во болницата последниве неколку  години. Велат состојбата е загрижувачка и алармантна, а во последниот случај останува нејасно како по “успешно изведеното породување”   дошло до смрт на родилката. “По “успешно изведениот пораѓај” – во 2010 година три родилки за период од три месеци починаа од сепса по што следуваа сериозни зафати за реконструкција на оддлелението и подобрување на условите за пациентките и нивните новороденчиња. Сите обвинети лекари завршиле со ослободителна пресуда, условна или парична казна, а на ниту еден лекар не му е одземена лиценцата или работото место. Во меѓувреме починаа и неколку новороденчиња под сомнителни околности кои не беа доволно актуелизирани во јавноста, а во 2014 година во период од неколку месеци гинеколошкото одделение „остана“ без лекари-специјалисти, кога гинеколозите од Битола ја прекинаа соработката со болницата, а родилките беа препраќани за породување во Општина Битола”- велат  од Здружението РОМА С.О.С. од Прилеп. Тие апелираат  до надлежните институции во најскоро време да ги утврдат точните причини за смртта, а притоа  да се побара  одговорност од сторителите на “грешката”,  бидејќи проблемот е системски и мора да се најде сериозно решение за надминување на ваквите состојби. “Грешката” – се случува и ќе се случува се додека здравствениот систем ни нуди здравствена заштита и услови каде смртните случаи настануваат од непознати причини и околности.Иако нашето здужение во својата работа се залага за остварување на правата од здравствена заштита на ромската популација, ќе го мониторира и овој случај преку јавно достапните информации и постапки на институциите, со оглед на тоа што проблемот е системски и во континуитет се повторува веќе шеста година” -велат од здружението. Здружението   на семејството му  ја нуди  својата консултативна поддршка. Вредноста на човечкиот живот како што се вели во нивната реакција не се мери според разлики и определби. Директорот на прилепската болница "Борка Талески"  уверува дека од страна на лекарите  биле преземени сите итни мерки откако состојбата на пациентката  се влошила. Обвинител од Основното јавно обвинителство од Прилеп извршил увид во болницата и наредил да се изврши обдукција на раодилката и да се обезбеди доказен материјал. Истрагата треба да покаже која била причината за смртта на младата жена која зад себе остави две деца. Прилепската болница е изградена пред повеќе од 30  години,  а во неа  им се нуди здравствена заштита на над 200.000 жители од поширокиот регион на Прилеп, Крушево и Македонски Брод. С.Б.