Успешна животна приказна во туѓина: Како македонските дечиња се интегрираат во германските градинки?
Објавено во: Македонија 29 Септември, 2017 07:44
Јасмина и Александар Узунови се млад брачен пар од Скопје кој пред две и пол години се преселил во Германија. Заедно со нивната шест годишна ќеркичка Ана живеат во градот Kirchhain, Hessen кој има околу 16 000 жители. Тројцата вљубеници во науката, природата и образованието велат секоја промена носи свои предизвици и стравови, па така и нивната животна приказна. Двајцата млади и успешни интелектуалци, таа професор по математика, а нејзиниот сопруг Доктор на науки по пчеларство добиле можност за реализирање на својот сон. За Фактор раскажуваат дека Германија е земја која нуди големи можности за професионален и приватен развој, но голем предизвик за нив било прилагодувањето на нивното дете во предшколскиот систем. Велат нивното искуство може на многумина да им помогне како информација каков е начинот на прилагодување на децата и нивната инклузија во германскиот модел за згрижување на децата.

“Ова е едно искуство што сакаме да го споделиме со сопругот од две причини. Најпрво оние родители кои можеби сакаат да се преселат во Германија или друга нејзина соседна држава едноставно да имаат претстава како течат работите при интеграција на нивното дете во градинка. Другата причина е да се направи паралела помеѓу македонскиот и германскиот принцип во градинките, па можеби некои работи што се подобри во германскиот систем да почнат да се применуваат и во македонските градинки. Секако за доброто на нашите дечиња. Уписот во градинка е едноставна процедура и доколку нема место во близина на местото на живеење системот бара нова опција. Два дена откако се доселивме во Германија, Ана тргна во градинка која инаку се наоѓаше на седум километри од нашиот дом биејќи немаше место во градинките кои беа поблиску до нас. Решивме веднаш да почнеме со интеграција во германскиот систем. И мислам дека правилно постапивме. Прилагодувањето беше лесно поради срдечниот прием од страна на вработените. За кратко време ни најдоа место во градинка блиску до дома, но одлучивме да остане таму каде веќе се вклопи Ана”- раскажува Јасмина.

Како што вели во градинките се планира и најмалиот детал за полесно детето да се вклопи во средината. За само три месеци малата Ана низ игра почнала да го совладува јазикот и културата на новите другарчиња.
“Тоа дека Ана е странец немаше никакво значење. Секој има право на градинка, независно од каде доаѓа, која религија и сл. Посебно на тоа дете му се посветува посебно внимание од страна на воспитувачките и персоналот за полесно да го совлада јазикот и да се вклопи во средината со другарчињата. Значи и првичното непознавање на јазикот не е никаква пречка. Ве охрабруваат дека лесно ќе се надмине. Во училиште на пример, прво децата кои доаѓаат од друга земја интензивно една година учат јазик, а дури потоа почнуваат со редовна настава. Во градинка веднаш го интегрираат и тоа функционира одлично бидејќи низ игра детето лесно го учи јазикот. Една година пред да тргне во училиште државата ги субвенционира родителите со тоа што ја плаќа половина од сумата за градинка. Децата овде уживаат релативна слобода во креирање на времето, па дел од нив се во една игрална, други цртаат, трети креираат и се под надзор на воспитувач. Мислам дека овој начин на слободна комуникација, освен во делот на времето за доручек и ручек и кога треба заднички да ги соберат реквизитите, лего коцките или играчките, во останатиот дел им се даваат можности да си го организираат времето како сакаат, а да не биде нарушен редот и дисциплината. На овој начин мислам дека се постигнува двоен ефект, од една страна децата се задоволни и го работат тоа што го сакаат, а од друга страна се помирни и послушни”- додава Јасмина Узунова.

Во Германија вели се отвораат градинки во склоп на работните организации каде и работат родителите во смени, па дури има случаи кога таму ноќеваат. Таа привилегија чини двојно повеќе од стандардните градинки. Многу мајки во Германија работат нецелосно работно време, односно имаат можност да бидат 25%, 50%, 75% од времето на работа. Најчесто имаат повеќе отворени опции независно дали работата им е во една или повеќе смени. И јас работам скратено работно време кое ми овозможува повеќе да бидам со моето семејство
“Последните неколку недели пред да се преселиме во Германија ја учев Ана да ги кажува основните работи на германски кои би и требале во градинка, како вода, тоалет, храна но и бројките до десет. Тоа беше се што знаеше на германски. Сепак после три месеци почна да разбира па дури и да зборува германски. А течен германски постигнавме по година и пол. Градинката навистина нудеше многу можности. За брзо време беше омилена меѓу другарчињата. Инаку градинката во Германија чини меѓу 150 и 200 евра, освен последната година кога се плаќа од 70 до 100 евра, бидејќи државата ги субвенционира родителите за да децата една година пред училиште се навикнат на социјалниот живот во градинка”- потенцира Јасмина.

Она што според неа посебно било интересно е организацијата во градинката, приготвувањето на храната и начинот на меѓусебна комуникација.
“Градинката што ја посетуваше нашето дете е под евангелистичката црква. Многу градинки се такви но тоа не значи дека оние со друга религиска определба не смеат да бидат згрижени. Баш напротив, смеат да бидат сместени и муслимани. Во градинката пред секој заеднички ручек децата кажуваат молитва што повеќе наликуваат на песнички но полни со благодарност. Евангелистичката црква која е до самата градинка ја посетуваат еднаш годишно и учат за обичаите и значењето на самата црква. Доручекот како и во сите градинки тука си го носат сами од дома и треба да биде без шеќери. Овошјето е незаменлив дел од исхраната на децата. Два пати во годината по избор на родителот и со претходно подготвен годишен список секој родител купува овошје и зеленчук за следната недела за дечињата. На секој доручек донесен од дома им се послужува и овошје и зеленчук сечкани. Исто и еден час после ручекот голем сад полн со овошје и зеленчук ротира меѓу децата и секој се послужува. Секој четврток, односно еднаш неделно децата подготвуваат заеднички доручек со учителките во кујната. Значи во четвртоците доручекот е од градинката но подготвен и сервиран со помош на децата. Се јадат најчесто мусли, гевречиња, овошје и зеленчук, колбасица што за германците е сосема оправдано. Од аспект на храната бев многу задоволна. Во овдешните градинки се нуди само лесно газирана вода за децата. Речиси сите пијат таква вода. На Ана на почетокот и беше чуден вкусот па за неа имаше посебно обележано бокалче со обична вода”- вели Јасмина.

Градинката во којашто престојувало нивното дете е зграда на три ката. Најдолу се занималните, кујната, делот со закачалки за јакни и патики, тоалетот. На вториот спрат се повторно занимални со малку поинаква понуда, со голема маса за славење роденден, со вистинска кујна за подготовка на храната но толку е ниска што е одлично приспособена за децата. Потоа има посебна просторија во која има костими на детски јунаци и различни големини на коцки за градење. На третиот кат има библиотека од која детето може да позајми книга за да му ја прочитаат воспитувачките или родителите дома, а во бибилотеката има и и микроскоп, соба за попладневен одмор и посебна оградена просторија за помалите деца полна со меки топчиња.
“Дечињата во нашата градинка беа на мешана возраст од 2,5 до 6 години. Тоа не е случај со поголемите градинки. Предност е што помалите учат од поголемите деца и лесно се привикнуваат, се осамостојуваат, практично се сами. Има и двор со огромна површина која е многу искоритена, независно од годишното време. Во градинката секое дете мора да има чизми, јакна и шушкавец панталони кои си ги облекува при секое излегување надвор, а тоа е од од 10 до 12 часот секој ден. На располагање им се убаво уредени лулашки, куќички полни со велосипеди, лопатки, топки, колички, трактори за возење. После заедничкиот ручек е време за одмор. Малите спијат а поголемите одат во делот за читање книги, си легнуваат на перници и ќебиња и учителките им читаат книги. Потоа повторно има време за игра по избор на детето и во зависност од временските услови. Во летните топли денови во дворот имаат и базен за деца, што за Ана беше највозбудливиот дел”- додава Јасмина.
Овде, раскажува Јасмина, родителите не сакаат децата да спијат преку ден за да може навечер да си легнуваат порано. Многу често има екскурзии како на пример во Природно–научен музеј, музеј за хемија, музеј за математика, музеј за техника, природни науки, Институт за пчеларство, театар на отворено, посета на стоматолог, училиште за сообрајќај,на курсеви за прва помош, забавен парк и сл. Повеќето од овие локации се на еден саат возење со воз од градинката, но тоа воопшто не е проблем поради добрата организација. После секој ваков настан воспитувачките кои ги воделе децата пишуваат извештај околу тоа како течела посетата, поткрепено со слики од посебни моменти на кои присуствувале децата. Овој извештај потоа им се дава на родителите.
Јасмина раскажува дека децата во градинките во Германија се многу самостојни. Додека ние дома вели криевме и забранувавме ножеви, на Ана во градинка и даваа нож да исечка овошје и зеленчук и да направи овошна салата. Додека јас бегав од инсекти, таа сама ги собирала во дворот на градинката и ги складирала во тегла. Додека дома ние ја облекувавме, во градинка таа сама го правеше тоа. Спорт практикуваат еднаш неделно. Во сала се оди пешки која е на десет минути пешачење и се вежба на справи како вистински час. Два пати во месецот имаат задолжителна прошетка во шума.
Овде децата после градинка често доаѓаат извалкани во алиштата, со песок во кондурите и во косата. И тоа е сосема во ред, ќе ви речат, бидејќи вистинската детска игра не познава ред и чистота. Тоа навистина убаво се изнаиграло. Нема потресување од стилот “не допирај”, “не ги валкај рацете”. На родителските средби воспитувачката има извештај за секое дете околу развојот и воспитувањето но и однесувањето на детето. Вакцините овде не се задолжителни. Нема учење на бројки и букви туку времето се користи максимално за играње, неколку логички вежби, вежби за моторика и за креативна работа бидејќи самите училишта бараат децата да не се описменуваат пред време. Креативна работа има во изобилство. Повеќето од времето се сечка, се лепи, се бои , црта, плете. Секој ден завршува со подарок од изработена креација на детето. Карактеристична е дисциплината, редот и навиките кои се стекнуваат преку креативно искуство.
Интересно е што на последните денови од градинка се преноќува во градинката. Особено децата од завршната година кои се подготвуваат за во училиште. Тоа за Ана беше посебно доживување. Друга интересна работа е симболиката на крајот на градинката. Оние деца кои заминуваат од градинка поради почеток на училиште ги исфрлаат од прозор, секако децата сами скокаат од прозорецот на душек проследено од родителите и другите дечиња. Ова го означува разделувањето кое се наздравува со шампањ, краток говор и поздрав, со што завршува една целина, а почнува нова страна од животот на детето. Ана таа страница успешно ја продолжува во прво одделение, со иста желба и елан по стапките на своите родители кои се дел од една интересна, успешна и позитивна животна приказна.
С.Б.Можеби ќе ве интересира
Желјазков: Немаме нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија
Петре Шилегов бара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче
Арсовска од медиумите дознала дека треба да пријави имотна состојба, ја обвини ДКСК за јавен линч
Собранието го изгласа пакетот закони потребни за целосно функционирање на системот „Безбеден град“
Собранието донесе Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Грчкото МНР реагира за изјавата на Мицкоски: Секој обид за фалсификување или менување на содржината на Договорот oд Преспа нема да биде прифатен
„Кој има две блузи, нека даде една на оној што нема ниедна“: Празнична солидарност на дело - Велешани со пример за цела Македонија
Наводите за привилегии за тендерите се неточни, велат од Владата по обвинувањата за давање милионски тендери




