Велика Британија ќе започне со процесот за „Брегзит“ до крајот на март 2017-та
Објавено во: Свет 02 Октомври, 2016
Велика Британија ќе започне со официјалниот процес за излегување од Европската унија до крајот на март 2017 година. Ова го објави премиерот Тереза Меј, цитирана од новинската агенција „Франс прес“.
Досега Меј само велеше дека Велика Британија нема да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор пред крајот на оваа година. Со активирањето на односниот член се определува максимален период од две години за излегувањето на земјата од 28-члениот блок.
Тереза Меј објасни дека ќе даде повеќе детали за време на својот говор пред нејзината централнодесничарска Конзервативна партија на отворањето на годишната конференција во Бирмингем, централна Англија.
- Јас велев дека нема да се активира пред крајот на оваа година, за да се подготвиме, изјави за Би-Би-Си Тереза Меј. Таа додаде дека ќе го активираат членот 50 пред крајот на месец март следната година.
Претходно Тереза Меј објави „Закон за поништување“, за да се стави крај на дејството на правото на ЕУ, откако Велика Британија ќе ја напушти Унијата.
Законодавството ќе преобрати закони кои ги прават врховни регулативите на ЕУ и сите правила на ЕУ во локални закони и ќе потврди дека британскиот парламент може да ги измени, како што побара.
Тереза Меј објасни дека тоа ја обележува првата фаза во трансформирање на Британија повторно во суверена и независна држава.
- Власта ќе се врати на избраните институции во нашата земја. Тоа значи дека ќе се стави крај на дејството на законите на ЕУ во Велика Британија, истакна Меј.
Таа додаде дека сакаат да имаат добри односи со земјите членки на ЕУ и со самата ЕУ.