ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „пата пата“ - Најнова анкета на Рејтинг
Објавено во: Македонија 02 Декември, 2016
Во последното истражување на расположението на гласачите изработено од агенцијата „Рејтинг“ двете главни политички партии и нивните коалиции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се „пата пата“, односно се речиси изедначени со разлика од само 1,4 проценти во корист на владејачката.
ВМРО-ДПМНЕ има 29,9%, СДСМ 28,5%, ДУИ 6,8%, ВМРО за Македонија 3,3%, Беса 3,2%, ДПА 2,8%, Кoалиција Алијанса за Албанците 2,7%, Левица 1%, Либерална партија 0,9%, Коалиција за промени и правда 0,2% од гласовите.
Анкетата е теренска, и на репрезентативен примерок од 1200 испитаници, или по 200 испитаници на секоја изборна единица. Според испитувањето, 55,2 проценти ја поддржуваат работата на СЈО, додека процентот на тие што не ја поддржуваат е 33,1%.
На прашањето кој прислушувал, 48,7% одговориле дека тоа го правеле домашни служби за потребите на власта, а 27,1 дека го правеле странски служби.
Невработеноста, ниските плати, коруцијата и криминал се најгорливи проблеми за граѓаните според истражувањето. Проблем според граѓаните е и иселувањето поради лошите услови во Македонија. Само два проценти од граѓаните сметаат дека спорот за името со Грција е најважниот проблем во земјава. На прашањето која партија би го решила проблемот, за ВМРО-ДПМНЕ се одлучиле 33,9 %, за СДСМ 31,5% а за ВМРО за Македонија 4,3%.
Федерализацијата не е проблем за која граѓаните реагираат, наметната како главна тема на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Анкетата е направена во периодот од 24 ноември до 30 ноември за потребите на телевизија 24 вести.