ВМРО-ДПМНЕ: Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем
Објавено во: Македонија 30 Ноември, 2017
Oд ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа дека Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и непочитување на Уставот на Република Македонија.
Тие сметаат дека со денешната одлука на собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да им се одземе имунитетот на шестмина пратеници осомничени за насилствата во Собранието на 27 април, СДСМ праќа порака дека „не сака да постои опозиција на нивното владеење ниту во Собранието, ниту надвор од него“.
Од ВМРО - ДПМНЕ дека одлуката не се заснова на Устав и закон туку на партиски реваншизам.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија не сака да дава легитимитет на овие противуставни одлуки на партиската Комисија на СДСМ. Денес, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го преќути и аминуваше прекршувањето на Уставот и Деловникот за работа на Собранието. СДСМ сака да не постои опозиција во Република Македонија, ниту во Собранието, ниту надвор од него. Тие се спреми да го прекршат Уставот, законите, Деловникот, да ги загрозат основните човекови права, да го нарушат достоинствот и честа на сите кои не мислат како нив“ - стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ следи откако Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања го одобри барањето на судот да им се одземе имунитетот на шестмината пратеници кои неодамна беа приведени од страна на полицијата за нивното учество во насилствата во Собранието на 27.април.
Пратениците на кои собраниската Комисија денеска донесе одлука да им го симне имунитетот, за што Собранието до сабота треба да даде согласност, се Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Димовски од СПМ.