Вртоглава кариера на младиот министер: Кој е Диме Спасов?
Објавено во: Македонија 02 Ноември, 2016
Диме Спасов ги живее
најнеславните денови од неговата куса, но богата политичка кариера. Младиот
министер по „лудата“ трка низ скопските улици, три дена и три ноќи е главна
тема за сеир и шега на социјалните мрежи. Обичната сообраќајка со неколку
оштетени возила, како што првично беше објавено во медиумите, секој час добива
се поголем заплет, па веќе никој не знае какво изненадување може да очекува во
новата епизода од серијалот „Диме Спасов и Туарегот“,
Диме Спасов пред сообраќајната несреќа, претходно никогаш не бил вмешан во некој скандал, ниту пак неговото име или глас се слушна во „бомбите“ на СДСМ. Единствено што секогаш го следеше како товар беа неговите години како нерамноправна противтежа со функцијата. Но, Спасов како вешто да им одолеваше на злите јазици, и три години си ги промовираше проектите од Министерството за труд и социјала и неговата партија.
Директор прво работно место
Диме Спасов е роден во 1985 година, а член е на ВМРО-ДПМНЕ од својата 17.година. Партијата му е отскочна даска уште за време на студиите на Правниот факултет во Скопје, па така тој од 2006 до 2009 работел како референт за извршување и правни работи во Јавното станбено претпријатие и паралелно студирал.
Факултетот го завршува во 2009 година, а веќе во 2010 година го добива првото работно место, ни помалку, ни повеќе туку директор на Агенцијата за млади и спорт. Во тоа време Спасов е и претседател на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, па високо котира во круговите на партијата. На 25 години директорот Спасов „под свое“ го зема спортот, но на таа позиција останува само една година. Од таа институција во 2010 година добива прекоманда во Министерството за правда како трет човек, односно Државен секретар.
Спасов како „летачки“ функционер, ни во правда не заседнува многу. Официјално тој сам барал да си замине оттаму, а само по десет дена беше објавено дека „лепушкастиот“ Диме на почетокот на 2013 година е назначен за директор на скопскиот Катастар.
Некои луѓе како Диме Спасов или се многу способни или служат за пополнување на празни места. Оти нема друго објаснување за неговата рута низ кариерата, слично како и ноќната рута по скопските улици во саботата вечерта. По само пет месеци, на крајот на мај 2013 година, Спасов на своите 28 години станува министер за труд и социјала.
Има една случка неколку дена по неговото именување, која се раскажуваше во јавноста, кога во јуни таа година имаше заедничка седница на владите на Србија и Македонија во Белград, кога на билатералните средби меѓу ресорните министри имало генерациски судир - нашиот министер Диме Спасов со своите 28 години разговарал со српскиот колега кој бил најстар и тогаш имал 84 години.
Во 2014 година Спасов и на приватен план доживува промена, тој стапува во брак со својата долгогодишна љубов Бојана, а подоцна семејството им се проширува со уште еден член.
Спасов на работ на бездната или кон врвот?
Спасов веќе три години е во Министерството, или на позиција министер или дополнителен заменик министер, откако во институцијата дојде Фросина Ременски. Кога беше првата рокада меѓу кадрите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, медиумите објавија дека Спасов на колешката и ги сокрил далечинските од климите. Па и тој негов нељубезен гест како домаќин беше сфатен низ шега и на сметка на младешкиот дух.
Но, по последниот инцидент со сообраќајката, со обидот за бегство од полицијата, набедување дека го бркала криминална албанска банда и изјавата на Ременски дека Спасов се развезувал на државна сметка, тој доби неколку повици да си поднесе оставка.
Дали за Диме Спасов таа бурна ноќ и последиците кои ги предизвика, ќе бидат пресвртница во неговата професионална кариера и приватниот живот, ќе видиме во следниот период. Во секој случај сапуницата Спасов не е завршена.
Ј.М.