ЗАКОНИ ИМА, АМА ИСТО КАКО ДА НЕМА: Ќе се маршира за чист воздух
Објавено во: Македонија 21 Септември, 2017
Попладне низ улиците на главниот град ќе поминат марширачи за чист воздух.
Во организација на Коалицијата за чист воздух О2 и првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ заедно со уште 18 граѓански, невладини организации ќе упатат апел во зимата да се преземат краткорочни, но и долгорочни мерки за намалување на загадувањето а очекуваат да добијат поддршка од централната власт, но и од новите градоначалници.
Маршот ќе стартува од пред Владата, ќе продолжи низ булеварот „Илинден“ и булеварот „8 Септември“-таму ќе се спојат со партнерските граѓански организации „Ние сме Карпош 4“ и „Карпош 3“ кои исто така ќе имаат мирен протест.
Организаторите велат дека Закони има, ама не се почитуваат.
„Иако според Уставот на РМ здравата животна средина му е загарантирана на секој граѓанин на нашата земја, во последниве години сите сме сведоци дека во реалноста ова не е така. Имаме енормна стапка на загаденост, незапаметен број на заболени лица, како и на смртни случаи, директно предизвикани од загадениот воздух во критично загадени општини во Македонија. Загадувањето во Македонија се должи на многу причини, од кои главните се: противзаконското работење на индустриските погони (без инсталација на соодветни филтри и без придржување до пропишани стандарди), непланското уништување на урбаното зеленило, незаконската и агресивна урбанизација, неспособноста за управување со отпадот, застарените решенија за транспорт, греење итн. Заеднички именител за сите овие е неспроведувањето на законите во РМ“, посочуваат организаторите.
Тие се надеваат на поддршка од народните избраници.