Борис Малагурски за Фактор: На Македонија ќе и треба чудо за да опстане
Објавено во: Македонија 09 Февруари, 2017
Борис Малагурски, српски филмски режисер, продуцент, сценарист, и активист кој одреден период живееше и во Канада, за Фактор открива што тој мисли за иднината на регионот политички и економски. Дел од овие теми ги начнува и во филмовите кои ги режира. Тој е критичар на многу збиднувања во Западен Балкан, со што привлекува внимание во медиумите и на социјалните мрежи, а за нашата земја вели дека нема светли прогнози.
Фактор: Будно ја следите состојбата во Западен Балкан. Во кој правец според вас економски и политички се движи регионот?
Правецот во кој ќе се движи Балканот, во голема мера ќе зависи од глобалните случувања. По доаѓањето на Донал Трамп на власт во САД и затоплување на односите со Русија, се очекува помал притисок од западните агенти на политичките фактори на Балканот, но со затегнување на односите САД-Кина и САД-Иран, светот влегува во нова нестабилна фаза. Вооружувањето на државите на Балканот е реакција на промените кои на геополитички план ги донесуваат. Хрватска има причина да биде загрижена затоа што економијата е пред издишување, и евоцирањето на националните чувства не може да одвлекува внимание од лошиот живот. БиХ е поподелена од било кога и да се одржи заедничка држава со Бошњаци, Срби и Хрвати за новата американска администрација може да биде неисплатливо затоа што таа гледа да заштеди каде може. Црна Гора стави коцка на НАТО, но новата американска администрација нема намера да се занимава со проширување, напротив ќе гледа што побезболно да се повлече од таа приказна. Не е јасно на кого ќе може Црна Гора да се потпре по толку лоши коцкарски потези. Србија за разлика од Црна Гора не се замери со Русите, и со подобрување на односите меѓу САД и Русија ќе може да води една суверена политика, ако има политичка сила, волја и мудрост за тоа. За Македонија немам светла прогноза. Компромисите со западот ја направија Македонија крајно загрозена и поделена држава и како таква ќе ѝ треба чудо за да опстане, за жал.
Фактор: Имавте низа критики за странските инвестиции во Србија. И Македонија се труди да привлече што повеќе странски инвеститори. Кој е вашиот став за странските инвестиции?
Странските инвестиции сами по себе не се лоша работа, но е катастрофално економскиот развој да се сведе на странски инвестиции, затоа што е потребно да се вложи во домашното производство и во домашните произведувачи. Она што ситуацијата ја прави уште полоша е одвојувањето на големи средства од државниот буџет за субвенционирање на странци. На тој начин државата се доведува во економск а зависност од странски компании и се гуши домашниот произведувач, кој директно може да биде темел за опоравување на некоја земја. Ако некој сака да инвестира во Србија или Македонија, тоа треба да го направи затоа што смета дека имаме квалитети со помош на кои можат да остварат профит заедно со нас. А што ние нив им говориме? „Еве ви ги нашите пари и земете ги нашите евтини работници“. Со нивното експлоатирање, само ја продолжуваме агонијата во која нашите работници се наоѓаат, затоа што наместо да вложуваме во умови, во создавање на нови технологии, и да го шириме производството кое понатаму ќе го извезуваме во светот, ние се вадиме со погубната неолиберална идеологија на слободен пазар, која ја измислија богатите држави за да ги држат под контрола сиромашните.
Фактор: Унгарскиот премиер, Виктор Орбан го пофаливте дека направил економско чудо. Што треба да направи една земја за да стане економско чудо во вистинска смисла на зборот?
Сите држави кои денес се богати правеле спротивно од она што ни го кажуваат. Тие не субвенционирале странски инвестиции, ги ограничувале согласно нивните потреби, а она што можеле да го произведуваат, го произведувале и државата стоела зад тоа. Ги приватизираа претпријатијата откако станаа гиганти. Приватизацијата во Македонија е катастрофално спроведена, и во Србија и БиХ и во другите земји од регионот е исто. Нас нè тераа да го приватизираме она што е уништено. И што се случуваше? Доаѓаа контроверзни бизнисмени и преку политички врски ги купуваа за ситни пари, продадоа што можеа, ги избркаа работниците, прогласија банкрот и се повлекоа на карибски острови. Да бидат земјите економско чудо, мора да го следат она што богатите земји го правеле, а нема висок раст без силен јавен сектор. Ако се обидам пластично да објаснам, неолибералната догма не убедува дека ако имаме доволно квалитетен производ тој ќе биде неминовно успешен на светскиот пазар ако нема ограничувања. Во пракса тоа е трка на формула 1 и дете со тротинет. Колку и да е тоа дете талентирано, тоа нема да може да го достигне возачот на формула кога ќе излезе на асфалт, а ако во него не се вложува со години нема да може да биде возач на формула 1. Затоа треба да водиме паметна економска политика, да вложуваме во домашното производство за да излеземе на пазарот, да имаме компании кои се познати како ИКЕА и ЛГ, а во спротивно вечно ќе тапкаме во место. Виктор Орбан успеа да направи многу работи, а Унгарија и Исланд се земји кои покажуваат дека многу може да се направи ако има политичка волја и свесен народ.
Фактор: Кои се идните проекти на кои ќе работите?
Почнувам да работам на филмот „Тежина на синџирите 3“, кој ќе се занимава со климатските промени, загаденоста во нашите простори и ГМО храната. Засега нема многу да откривам, но можам да ги повикам луѓето да го поддржат тој проект со одење на сајтот www.weightofchains.ca/3. Исто така планирам да снимам и прв игран филм комедија за група млади луѓе во Србија кои сакаат нешто да променат.
Фактор: Колкав временски период има откако од Канада се вративте во Србија?
Од 2011 година живеам во Србија, а дотогаш бев во Канада со години, но почувствував дека овде сум потребен и корисен. Сакам да ја посетам и Македонија, имам многу добри пријатели во Македонија и од Македонија. Во вашата земја посетив повеќе градови, земјата има потенцијал и верувам дека ќе успее да го отклучи, да ја сочува иднината.
Сања Атанасовска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.