22 Декември, 2024
0.0126

ДОСИЕ ВЕРУШЕВСКИ: Разузнавач, криминалец или жртва на политичка местенка?

Објавено во: 25 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Зоран Верушевски, екс директорот на ДБК го носи товарот на контраверзна личност барем таква е перцепцијата на јавноста, иако за добар дел од стручњаците тој е врвен професионалец кој солидно ја владее материјата безбедност и разузнавање. Зошто е уапсен Верушевски? Има ли политичка позадина во неговото апсење? Кој е Зоран Верушевски Верушевски потекнува од Струга. Тој е доктор на науки. Докторира во 1992 година на Факултетот за безбедност во Скопје, на тема „Терористичките акти на емиграцијата во југословенско - германските екстрадициони односи до почетокот на деведесетите години. Во биографијата на Верушевски стои и ангажманот, декан на ФОН Универзитетот на Факултетот за детективи и безбедност. Кадар на СДСМ, сенка на Црвенковски Секогаш кога станува збор за раководни структури во МВР од редовите на СДСМ, се наметнува името на Зоран Верушевски. Кога социјалдемократите доживеаја пораз на изборите во 1998 година, заедно со нив во "опозиција" замина и овој професионалец. Следните четири години до 2002 е во длабока политичка сенка, се до септемвриската победа на СДСМ, тогаш на чело со Бранко Црвенковски. Дамки врз неговото професионално портфолио Верушевски своевремено го напушти МВР кревајќи прав со еден доделен стан, кој наводно, бесправно го откупил, за веднаш потоа да го издава, бидејќи добил и друг - генералски. Верушевски тогаш ја фрапираше јавноста и со неговите малверзации околу сопственоста на двата државни стана. Медиумите тогаш пишуваа дека тој во почетокот се обидел да го релативизира скандалот, велејќи дека тој не е виновен што друг му ги доделил становите и дека нема правен механизам како да го врати станот. Подоцна се коригираше и најави дека ќе го врати едниот стан, и тоа помалиот. Имено, тогаш Зоран Верушевски, користејќи ја службената положба и хиерархиската надреденост, преку тогашната помошничка на министерот за правни и кадровски прашања барал и издејствувал решението за станот да се антидатира, при што во деловната книга било запишано како решението да било донесено во 1997 година. Со тоа тој се здобил со можност да го откупи станот. Јавноста тогап почна да притиска врз премиерот Бранко Црвенковски и министерот за внатрешни работи Хари Костов, веднаш откако Зоран Верушевски, беше назначен за директор на УБК. Аферата прислушување од 2001 година Поставувањето на Зоран Верушески за старо - нов директор на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање во 2002 година морало да се случи бидејќи за обелоденувањето на аферата "Прислушување" голем дел од работата завршил токму Верушески, пишуваа тогаш медиумите повикувајќи се на високи владини извори. Според тие извори, токму Верушевски бил главниот крт кој успеал да ги земе материјалите со прислушкуваните разговори, што Црвенковски ги обелодени во јавноста. Началникот на управата за прислушкување бил човек на Верушевски кој му го дал целиот материјал со прислушуваните разговори на политичари, новинари и други јавни личности, пишуваа тогаш медиумите. Затоа, Црвенковски не можел никако да го одбегне Верушески во кадровските комбинаторики. Коалицијата "Македонија без корупција" тогаш го обвинуваше дека на функцијата директор на ДБК доаѓа со еден куп валкан веш - два државни стана добиени со лажна изјава и земање на 24 плати или околу 10 илјади евра при напуштањето на асистенското место на Факултетот за безбедност. Неговото враќање во МВР се косело со тогашниот  Закон за работни односи со кој беше прецизирано дека лицето кое напуштило работно место со 24 плати, во наредните две години не смее да се вработи во истата дејност, во случајов во државни и јавни установи. „Среќен сум што борбата против корупцијата ја почнавте токму од мене. Но вашето интресирање за мене траеше само два три дена. Овојпат се надевам дека истрагата ќе трае подолго" вака на новинарите им се обрати тогаш новоназначениот директор на Дирекцијата за државна безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски. Советник за безбедност во амбасадата во Рим Разузнувачот Зоран Верушевски во 2006 година официјално беше именуван за советник во македонската амбасада во Рим. Верушевски во амбасадата беше упатен како "советник одговорен за безбедносни прашања". Верушевски за Рим замина како предлог и избор на тогашниот директор на Агенцијата Лазе Китановски. Во описот на работното место на Верушевски, како што велеа тогаш од МНР беа грижата за безбедноста во амбасадата, соработката со безбедносните служби на земјата во која е на работа, и координација со нив околу современите закани по безбедноста - како што се тероризмот, трговијата со дрога, бело робје, оружје за масовно уништување, тврдеа од тогашното МНР. Инцидентите на Верушевски помладиот го рушеа реномето на разузнавачот Дамка во неговата кариера беа и многуте скандали поврзани со неговиот син Александар Верушевски. Тој беше во фокусот на јавноста заради проблемите што ги имаше со законот во Македонија. Младиот Верушевски беше осудуван со затвор за обид за изнуда во едно струшко кафуле, а меѓу кривичните дела му се запишани и обид за убиство, газење човек со автомобил (службено возило на МВР) и носење пиштол. Постариот Верушевски постојано повторуваше дека син му го местат и ги оспоруваше судските одлуки како неосновани. Верушевски постариот тврдеше дека му се подготвува атенат Тој  своевремено (2006 година) изјавуваше дека сакаат да го ликвидираат структурите во државата што шверцуваат нафта, цигари и акцизна стока. Не наведуваше имиња, но тврдеше дека има документација за заканите, и за нив разговараше со тогашниот јавен обвинител Александар Прчески. "Ќе доставам документи за моја ликвидација и се надевам дека господинот Александар Прчевски серизно ќе ги сфати, ќе преземе мерки и ќе допре до структурите во МВР кои работат против мојот син", изјави во 2006 година разузнавачот Зоран Верушевски по судењето на неговиот син Александар, обвинет за недозволено држење оружје. "Документите ги добив од мои луѓе во МВР и се надевам дека МВР ќе ги идентификува луѓето кои сакаат да ме ликвидираат", тврдеше Верушевски. Верушевски до завчерашното апсење беше во длабока политичка сенка Големо изненадување беше веста за апсењето на екс директорот на ДБК, Зоран Верушевски. Речиси и да не беше активен на политичката сцена, скоро и да го заборави јавноста. Државата сега ќе мора да обелодени сериозни докази за уште посериозните обвинувања за кој го товари разузнавалот Верушевски. Мерка притвор од 30 дена Откако завчера вечерта, околу 22.30 часот, спектакуларно беше приведен  поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски, од обвинителството вчера информираа дека му е одреден притвор од 30 дена.Во соопштението од Јавното обвинителство, Верушевски не е спомнат со име, туку се наведува дека изречената мерка се однесува за поранешен висок функционер. Како што соопшти МВР, мерката  притвор му е изречена бидејќи се сомничи за две кривични дела - „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје  и „Прикажување порнографски материјал на дете“. При претресот во неговиот дом биле најдени два, за кои  не била најдена дозвола за легално поседување.  Реагирано е и по наредба за одземање компјутерски систем и нивна анализа. Има ли политичка позадина во апсењето на Верушевски? Дел од аналитичарите во земјава со апсењето на Зоран Верушевски препознаа политички мотиви, особено што Верушевски важеше за близок човек на поранешниот премиер и претседател на државата Бранко Црвенковски. Тој како шеф на државата во 2007 година го помилува синот на Верушевски, Александар од здравствени причини. Александар Верушески не смее да биде привилегиран затоа што е син на Зоран Верушески. Меѓутоа, тој не треба да биде дискриминиран заради тоа што е негов син, изјави тогаш Црвенковски. Јавноста веќе шпекулира дека апсењето на Верушевски е практично порака до Црвенковски да се вклучи активно во политиката со цел да го поремети делувањето на раководството на СДСМ, особено после најавите на актуелниот лидер Зоран Заев за т.н бобми со компромитирачки материјали  за актуелниот државен врв. Врвен професионалец За добар дел од стручњаците Верушевски е врвен професионалец кој солидно ја владее материјата безбедност и разузнавање. За дел од познавачите сепак Верушевски е човек со високи морални вредности, кој е во постојана борба за правда и владеење на правото. Р.Ф

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.