ФАКТОР ЕКСКЛУЗИВНО, ОРТОПЕДСКИОТ ХИРУРГ ВИКТОР КАМНАР ЗАМИНУВА ВО СИСТИНА: „Ова е нов предизвик за мене“
Објавено во: Македонија 02 Мај, 2023
Еден од
најпознатите македонски специјалисти, ортопедскиот хирург д-р Виктор Камнар, по
подолги преговори, прави трансфер од Универзитетската Клиника за ортопедија и
ќе премине во приватната клиничка болница „Аџибадем Систина“.
- Ова е нов предизвик за мене, во тек е трансферот во најпрестижната приватна клиника „Аџибадем Систина“ и сакам да кажам дека е голема чест да се биде дел од новиот ортопедско трауматолошки тим особено што најголемата и најпрестижната приватна клиника истовремено е и наставно научна база за студентите, специјализантите и докторандите по медицински науки“, изјави за Фактор, д-р Камнар.
Инаку, точно пред две години на Клиниката за ортопедија е направена првата експлантација на коскено ткиво од починат донор, а д-р Камнар беше дел од тимот. Д-р Камнар е автор и на повеќе стручни книги, а една од нив е „Основи на коскената трансплантација“Тој од октомври 2021 година е и на чело на Македонското друштво на ортопеди и трауматолози.
Во наредните две години, колку што ќе остане на оваа позиција, како што изјави д-р Камнар, ќе се стави фокус на меѓународната соработка од областа на ортопедијата и трауматологијата, зацврстување на веќе поставените принципи, но и воведување на иновации преку редовните состаноци на здружението.
А. Б.