ИНТЕРВЈУ БОГДАНОВСКИ: Аферата „Прислушување“ ги стави на тапет безбедносните служби!
Објавено во: Македонија 18 Октомври, 2016
Во Управата за
безбедност и контраразузнавање има кадри кои знаат како се користат било какви
технологии кои имаат за цел мониторирање на личните комуникации.
„Имено при секаква нарачка на опрема за следење на комуникации постои и опцијата за добивање на тренинзи од страна на произведителот со цел ефикасно управување со истата.
Употребата на овие специјални мерки треба да биде пропорционални на заканата и да се има осигурано највисоко ниво на сигурност дека истите нема да бидат злоупотребени по било каква основа“, вели Андреја Богдановски.
Според безбедносниот експерт од тинк-тенк организацијата Аналитика, аферата „Прислушкување “ ги ставила на тапет службите од аспект на законитоста и начинот на следење на комуникациите и сериозните индиции за криминални активности кај политичките елити, меѓутоа помалку се зборувало за самиот квалитет за работата на УБК. За жал и самиот скандал покажа дека контролата е на доста ниско ниво.
„Во контекст на ова би ги спомнал и кумановските настани каде квалитетот на работата на службите беше вистински доведена во прашање, како од аспект на размена на информации, координација така и од аспект на превентивни активности пред групата да биде сместена во самиот град Куманово, на 40 минути од Скопје“, посочува Богдановски.
Според него, безбедносните служби не се доволно транспарентни за реално да може да се оцени квалитетот на нивната работа. Од исклучителна важност е квалитетот на внатрешната контрола во самите институции како и надворешната контрола преку двете собраниските комисииза надзор на работата на македонските безбедносно-разузнавачки служби .
Разговараше Горазд Чомовски
Фактор: Дали при слаб безбедносен систем или слаба безбедноста заштита, се зголемуваат и безбедносните закани врз Република Македонија без разлика дали тие се од внатрешен или од надворешен елемент ?
Богдановски: Безбедносниот систем на било која држава е органски, односно би требало да еволуира со самите промени на заканите. Тој мора да покаже доза на флексибилност и адаптабилност затоа што и самите закани со кои се соочуваат општествата денес се менуваат брзо, се прилагодуваат на тие промени и се се потешки за идентификување. Да ја земеме за пример мигрантската криза од 2015/2016 година која и тоа како во неа имаше хуманитарен така и безбедносен карактер. Македонскиот безбедносен систем мораше да одговори на самата криза, а притоа да работи на други (потенцијални) ризици како на пример враќањето на странските борци од Сирија и Ирак, кумановските случувања, секојдневните протести, политичката криза итн. Ова несомнено го стави македонскиот безбедносен апарат на тест.
Фактор: По обелоденувањето на аферата „Прислушување“, се наметна прашањето за клвалитетот на работата на безбедносните служби.
Богдановски: Се отворија многу прашања вклучително и тоа. За жал службите не се доволно транспарентни за да ние реално би можеле да го цениме квалитетот на нивната работа. Поголемата транспарентност значи и поголема отчетност, па така на пример јас сум сигурен дека УБК и другите служби имаат спречено потенцијално ризични активности дали тоа било од внатрешни или пак надворешни субјекти. Меѓутоа за ова ние како јавност не сме запознаени. Во нашето истражување за спротивставување на насилниот екстремизам во Македонија дојдовме до информација дека УБК има превенирано шест млади лица од Македонија да заминат во Сирија и Ирак. Тоа значи шест зачувани животи кои би можеле да завршат кобно. Зошто јавноста не е запознаена за овој аспект на работата на службите?
Скандалот ги стави на тапет службите од аспект на законитоста и начинот на следење на комуникациите и сериозните индиции за криминални активности кај политичките елити, меѓутоа помалку се говореше за самиот квалитет за работата на УБК. Во контекст на ова јас тука би ги спомнал и кумановските настани каде квалитетот на работата на службите беше вистински доведен во прашање, како од аспект на размена на информации, координација така и од аспект на превентивни активности пред групата да биде сместена во самиот град Куманово, на 40 минути од Скопје.
Фактор: Во случајот „Трезор“ на СЈО наводно се работи за набавка на ФинФишер, кој се смета за еден од најмалициозните шпионски софтвери. Има ли Македонија кадри кои знаат да управуваат со ваква софистицирана опрема и дали со набавката на ФинФишер државата сака постојано да ги следи нашите комуникации и да го контролира тоа што ќе се објавува на онлајн?
Богдановски: Во рамките на УБК секако дека постои персонал кој би требало да знае како се користат било какви технологии кои имаат за цел мониторирање на личните комуникации. Имено при секаква нарачка на опрема за следење на комуникации постои и опцијата за добивање на тренинзи од страна на произведителот со цел ефикасно управување со истата. За спротивставување на заканите по безбедноста или пак спречување на организиран криминал секако дека следењето на нечии комуникации се едни од поважните алатки со кои располага државата. Без овие алатки, голем дел од потенцијалните закани би можеле да се реализираат.
Се разбира употребата на овие специјални мерки треба да биде пропорционални на заканата и да се има осигурано највисоко ниво на сигурност дека истите нема да бидат злоупотребени по било каква основа. Тука и затоа е важно да се напомене квалитетот на внатрешната контрола во самите институции како и надворешната контрола преку двете собраниските комисии за надзор на работата на македонските безбедносно-разузнавачки служби, народниот правобранител и др. За жал и самиот скандал покажа дека контролата е на доста ниско ниво.
Фактор: На безбедносниот форум што минатата недела се одржа во Белград беше констатирано дека ЕУ ја потценила мигрантска криза. Ако Брисел нема јасна стратегија како да го менаџира овој проблем , дали земјите од Западен Балкан ќе имаат капаццитет да се справат со евентиален нов бран на бегалци и дали тоа дополнителни би влиајело врз безбедноста на земјата ?
Богдановски: Се согласувам со констатацијата дека на ниво на ЕУ мигрантската криза ги покажа повторно слабостите и немањето на кохезивна европска политика по ова прашање. Видовме во главно две политики, таа на канцеларката Меркел (политиката на отворени врати), и на унгарскиот претседател Орбан (силно чување на Шенген). Таквата неусогласеност доведе до дополнителни страдања кај мигрантската популацијa кои најболно го доживеа овој европски неуспех.
Големината на мигрантскиот бран, немањето на стратегија по ова прашање во Брисел, едвај усогласената политика на земјите од Западен Балкан несомнено ги стави на тест и земјите од регионот. За жал мислам дека ако повторно имаме нов бран на пролет наредната година пак ќе се соочиме со слични проблеми: немање човечки/материјални/технички ресурси, тензии на грчко-македонската граница, страв од затварање на српската граница како и потенцијалната ранливост на источната граница со Бугарија.
Фактор: Како го толкувате тоа што на безбедносниот форум речиси воопшто не се спомна Македонија, освен во контекст дека е дел од балканската рута на мигрантите. На конференцијата се дискутираше за напредокот на земјите од регинот на патот кон ЕУ, но и во тој дел за Македонија беше изоставена ?
Богдановски: Би рекол дека за жал ова беше не доволно искористена прилика од страна на високиот македонски политички естаблишмент. Овогодинешниот Белградски безбедносен форум 6ти по ред ги собра највлијателните лица во регионот на Југоисточна Европа и пошироко кои се бават со прашања поврзани со безбдноста. За илустрација станува збор за настан на кој има преку 750 гости и 220 акредитирани новинари. Хајлајт на настанот се разбира беше учеството на албанскиот премиер Еди Рама и српскиот Александар Вучиќ кои и тоа во какви тешки моменти, пред се околу можните импликации од спорот околу рудникот Трепча на Косово успеаа да изнајдат волја и отворено да ги кажат своите ставови. Да не заборавиме дека албанскиот премиер дојде во посета на Србија со делегација од 100 албански стопанственици кои со околу 200 од српската страна беа посветени на зајакнување на економската соработка.
Од друга страна Македонија нема што да понуди како приказна. Што е она што би можело да парира на средбата Рама-Вучиќ? Земјата е заглавена во политичка криза и заглавена со евро-интеграциите. Овие форуми служат исто и како одлична промоција за лобирање, продавање на приказна итн. која за жал не ја искористивме.
Фактор: Колку Република Македонија е институционално подготвена и што треба да се подобри за поефикасно спротивставување на насилниот екстремизам односно феноменот на странски борци и на кое ниво е регионалната соработка околу спротиставувањето на насилниот екстермизам?Што покажа истражувањето на Аналитика ?
Богдановски: Во Македонија како и останатите земји од Западен балкан се работи на подигање на институционалната подготвеност по однос на оваа појава. До сега сите напори се фокусирани исклучиво на правни механизми и репресивни мерки како на пример криминализацијата на оние кои се борат во Сирија и оние кои регрутираат. Од друга страна пак работата на превентивната компонента скоро и да не постои. По примарната полициска акција Ќелија, активностите за спротивставување на насилниот екстремизам забавија. Местото на национален координатор за спротивставување на насилниот екстремизам е упразнето неколку месеци. Стратегијата за борба против тероризам која има компонента за спротивставување на овој феномен уште нема добиено акционен план итн. Прашањата поврзани со ресоцијализација и реинтеграција се сеуште табу тема во македонското општество, а да не заборавиме дека еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат земјите од Западна Европа е токму проблемот за затворите каде заради плодната почва осудениците може да регрутираат други затвореници.
Фактор: Постојат ли и какви се евентуалните ризици врз земјата со повратниците од Блискиот исток ?
Богдановски: Не само од Блискиот Исток туку од било каде. На пример во Србија постојат групи на луѓе кои се приклучуваат на бунтовниците во Украина. Секако дека постојат определени ризици како на пример тренингот и искуство за ракување со оружје, кај дел од нив и присутноста на екстреместичката идеологија како и можноста за регрутација на други луѓе. Меѓутоа потребно е да се не се мисли на ова сензационалистички, затоа што не сите кои заминале да се борат се враќаат и не значи дека имаат во план нанесување на штета на националната безбедност во Македонија. Затоа е потребен долготраен пристап во адресирање на ова прашање со доволно ресурси. Ситуацијата и не е така црна имајќи предвид дека и во Македонија и во регионот постои видно намалување на бројката на оние кои патуваат во Сирија и Ирак.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.