Интервју Сашко Дрвошански-нутриционист: Да не ви преседнат празниците со исхраната
Објавено во: Македонија 02 Јануари, 2018
Слободно можеме да се опуштиме и да уживама во храната за време на празниците, но не мора да јадеме како да ни е тоа последниот оброк во животот. Да размислиме што ќе внесеме пред и после празничната гурманска храна и како во најголема мера, на крајот на денот да го задржиме балансот на нутриенти соодветно да дневните метаболни потреби на организмот- вели во интервју за Фактор, нутриционистот Сашко Дрвошански од Центаот за здравје, исхрана и диетотерапија Drvoshanski NUTRITION. Според него најважно е кога празниците ќе завршат, умерената и здрава исхрана и физичката активност да се врати во нашето секојдневие.
Фактор: Колку храната која се конзумира за време на празниците знае да направи дисбаланс во организмот и притоа штетно да влијае на здравјето?
Дрвошански: Прекумерниот внес на храна генерално доведува до појава на дисбаланс во самиот метаболизам, односно дисбаланс во функцијата на поедини органи и организмот во целина. Иако не треба да се генерализира, но од аспект на комбинирањето на макронутриентите во храната (јаглехидрати, протеини и масти) кога ги структуираме оброците како комбинација од јаглехидрати и протеини или масти и протеини вообичаено имаме добро искористување на нутриентите од оброкот за енергетските потреби на метаболизмот и превенираме складирање на масти. Но во услови кога во еден ист оброк имаме заедно внес на сите три вида на макронутриенти , што е случај со празничните трпези кои вообичаено се полни со кифли, пити, ордевери, печено месо, крем салати, торти, колачи, а се внесува и многу газирани засладени пијалоци и алкохол, притоа внесот на храна трае со часови, тогаш секако ги надминуваме калориските и нутритивните потреби на организмот и имаме состојба на вишок на шеќер (гликоза) и масни киселини во крвотокот кои црниот дроб може да ги претвори во триглицериди, како форма на масти кои ќе ги складира во адипоцитното ткиво. Дополнително, ваквата празнична храна и прекумерниот внес на алкохол ја нарушува и самата дигестија, а внесените вештачки, додадени шеќери, некои видови масти (особено транс мастите), конзерванси, адитиви и други состојки во оваа храна претставуваат токсини кои ја оптеретуваат работата на црниот дроб. Исто така, прекумерниот внес на храна богата со додадени шеќери, како чоколади, колачи, торти и слатки пијалоци, во период од повеќе денови го намалува имунитетот и сериозно може да ја наруши функцијата и балансот на цревната микрофлора и да помогне во појава на зголемен раст на патогени бактерии или кандида.
Фактор:Постои ли рецепт за мамурлак ако тоа се случи поради поголема консумација на алкохол?
Дрвошански:Пред се би препорачал да бидеме умерени во консумацијата на алкохолот. Коктелите можат да содржат преголема концентрација на шеќери, кои најбрзо влегуваат во крвотокот и за кратко време можат да дадат ефекти на интоксикација со алкохол, а воедно и содржат многу калории кои вообичаено не ги калкулираме (во една чаша може да има и по 600 и дури и повеќе калории, колку што во принцип имаме во цел оброк). Исто така важно е да знаеме дека обоените алкохолни пијалоци полесно можат да предизвикаат главоболка и други тегоби во организмот. Основно е никогаш алкохолот да не го конзумираме на гладно, секогаш да се зема во комбинација со храна, а најважно од се е секогаш додека се пие алкохол, редовно да се хидрира организмот со вода.
Секако, за сите оние кои сакаат да превенираат појава на мамурлак, главоболка или мачнини во стомакот, јас советувам дека е добро во текот на пиењето и задолжително на крајот на прославите да се земат активен медицински јаглен (неколку таблети одеднаш) кој може да ги врзе токсините, како од алкохолот така и од храната, во цревата и да спречи нивен влез во циркулацијата. Исто така во спречување или намалување на мамурлукот треба да се внесат многу течности богати со електролити, пред се вода и сокови од свежо овошје и зеленчук, а значително помага и внесот на витамин Ц и пробиотици, односно ферментираната храна како пробиотски јогурт или природно ферментиран зеленчук (како што е ферментираната зелка). Дополнително добро е после консумирањето на алкохолот.
Фактор: На што не смее да заборавиме иако се празници, како да се воспостави контрола во исхраната?
Дрвошански: Јас разбирам дека славите и празниците се време за дружење, опуштање и забава. Секој човек може да си дозволи да конзумира што сака на тие прослави, но треба да бидеме свесни и да не ги заборавиме нутритивните потреби на организмот, пред се потребите од микронутриенти (витамини, минерали, антиоксиданси и други биоактивни молекули во храната) кои најчесто недостасуваат во храната која се наоѓа на празничните трпези. Тоа значи да ги збогатиме трпезите или во текот на денот да обезбедиме внес на многу свеж зеленчук, преку консумација на 1-2 салати во текот на денот, да внесеме 2-3 овошки, или да ги направиме овошјето и зеленчукот во смуди. Не треба да заборавиме и на внесот на семињата и јатките, кои како и зеленчукот се богати со растителни, дигестивни влакна, како и храната богата со пробиотици, ферментираната храна, кои ни помагаат во одржување на балансот на цревната микрофлора, како и функцијата и перисталтиката на цревата. Ако знаеме дека не очекува прослава и празнична трпеза, можеме другиот дел од денот да го поминеме со еден намален рестриктивен внес на храна и калории кои ќе помогнат да се одржи балансот во метаболизмот, а дополнително добро е да вметнеме краткотрајна но интензивна физичка активност за да ги испразниме гликогенските резерви на организмот.
Од друга страна, добро е да се знае дека после празничните трпези, нивото на инсулин во организмот е многу висок, што условува и покачување на нивото на лептин (еден од главните хормони кои го регулира метаболизмот на масти во организмот). Секогаш кога имаме високи нивоа на лептин, тоа значи и спремност на организмот да ги разложи триглицеридите од масните клетки во слободни масни киселини во циркулацијата, кои во услови на интензивна физичка активност (трчање, возење на велосипед, пливање, тренинг во теретана и сл) би биле согорени за енергија. Значи има начин и покрај обилниот внес на калорична храна со зголемена физичка активност да си го вратиме организмот во нормала.
Фактор: Дали граѓаните ги слушаат препораките од нутриционистите и колку често Ве консултираат за совет на подолгорочен план кој ќе им обезбеди здрав и квалитетен живот?
Дрвошански: За жал морам да кажам дека свесноста на нашите граѓани за потребата од внес на здрава храна и за улогата на здравата исхрана во превенција и третман на многу болести, генерално е на многу ниско ниво. Ме радува тоа што постојат одредени групи на самосвесни и најчесто спортски, физички активни луѓе кои внимаваат на исхраната. Но во најголема мера луѓето се обраќаат за консултации кај нутриционист само кога имаат сериозно нарушено здравје. Најголемиот процент на луѓе тешко прифаќаат промени во исхраната и навиките на живот, и полесно прифаќаат цел живот да земаат лекови, кои во принцип не може да ги излечат туку само ја контролираат болеста. Јас одговорно ќе порачам и ќе потсетам на познатата изрека. Храната нека биде лек, а лекот храна!
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.