20 Мај, 2024
0.0261

Ќе останат ли 10 илјади тутунари без основна егзистенција?

Објавено во: Агробизнис 16 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Речиси еден милион килограми тутун сéуште не се откупени, а 10.000 тутунари ќе останат без пари, иако вчера истече законскиот рок за откуп на тутунот од ланската реколта, обвини опозициската СДСМ. „Голготата на тутунопроизводителите не завршува тука, сега на стартот на новата реколта тие се соочуваат со уште поголем проблем - откупувачите не им склучуваат нови договори. Производството и продажбата на тутун кај нас е регулирано со закон. Производителот не смее да продава тутун без претходно склучен договор, а најголемиот откупувач „СОКО ТАБ“ но и останатите тутунски компании им откажуваат соработка на голем дел од долгогодишните кооперанти.Во едно село од 120 тутунари договор им продолжиле само на двајца. Паниката и стравувањата на земјоделците се оправдани, за најголемиот дел од 40.000 семејства, тутунот е основна егзистенција и можност да се прехрани семејството“, вели Ленче Николовска, претседателка на Советот за земјоделство на СДСМ. Од Министерството за земјоделство ваквите изјави од опозициската партија ги оценуваат како „наивни“. „СДСМ дискутира за овогодишната просечна откупна цена од 154 денари за килограм тутун, без да ја наведе цената по која се откупуваше тутунот за време на нивните влади. Ги потсетуваме на цената од 60 до 70 денари за килограм тутун, исто колку што изнесува субвенцијата од 60 денари за килограм колку што Владата ја исплаќа кон тутунопроизводителите“, се вели во реакцијата. „Многу наивни и проѕирни се изјавите за „голгота“ на тутунопроизводителите во склучувањето на новите договори. Доколку се повикуваат на законско решение при склучување на договори истото предвидува обврски и за двете страни, произведувачи и откупувачи. Но тоа од страна на таканаречените стручни и загрижени во СДСМ свесно се премолчува или едноставно им е непознато. Прераскажувањето на најразлични конструкции и изрекувањето измислици е неуко и крајно несериозно за една политичка партија, па било да е и СДСМ“, се додава во реакцијата на ресорното Министерство.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?