20 Мај, 2024
0.0242

Кој е виновен за преполовените склучени договори за откуп на тутун?

Објавено во: Агробизнис 18 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Струмички, велешки, скопски, прилепски регион - откупувачите на тутун најавуваат помалку договори за откуп на тутун, тутунарите во паника. Дали потпишаната рамковна конвенција на Светската здравствена организација за борба против тутунот и пушењето, го даде ефектот на кој предупредуваа тутунарите? На терен тутунските компании најавуваат помалку договори за откуп на тутун за реколтата 2014. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, изјави дека намалувањето на договорите има поврзаност со барањето на СЗО за намалување на потрошувачката на цигари како причина за појава на болести кај луѓето.
„По тој основ се намалени и порачките од тутунските индустрии. Во Македонија има три големи компании кои вршат откуп , тие во своите политики вршат корекции околу количините кои се предвидени за откуп. Не станува збор дали ние сакаме да се откупи повеќе или помалку тутун, туку за тоа колку големите тобако индустрии бараат од откупувачите. Ако од меѓународните институции се бара намалување на потрошувачката на цигари, ќе има и намалена побарувачка за ориентален тутун. Може да дојде до евентуално намалување на производството на тутун, доколку тобако индустријата ја намали побарувачката на суровина за цигари за да го намали производството, што е во согласност со барањата на СЗО. Ние ќе направиме напори да им излеземе во пресрет на тутунарите“, изјави министерот Димовски.
Експертите во оваа област сметаат дека намалувањето на договорите за откуп на тутун е поради зголеменото производство на тутунот во регионот. Ориентален тутун каков што произведува Македонија, се произведува и во Грција, Бугарија и Турција.
„Веројатно има некои зголемувања на производството во тие држави и од тие причини компаниите одат на количество што би можело да го пласираат, оти ако откупат повеќе ќе се соочат со залихи. Тоа се должи на некои меѓународни фактори, како што се побарувачката и понудата на туутнот. А побарувачката не е намалена во смисла да има помалку тутун, туку има зголемено производство во соседните држави, на пример Грција имаше голем пад во производството што ние го надокнадувавме, меѓутоа поради економската криза во која се наоѓа Грција, производителите таму повторно се враќаат на тутунот, а претходно се ориентираа кон други култури“, вели проф. д-р Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Експертите сугерираат - да не се загрозува егзистенцијата на помалите производители Според експертите во овој случај кога на терен има помалку склучени договори, државата не може да помогне бидејќи се работи за приватни компании. Но укажуваат дека постои начин како да се најде решение за состојбата. Истото да важи и за субвенциите, односно субвенции да добиваат земјоделците со површини со тутун само до еден хектар, а за тие со поголеми површини, да нема субвенции.
Нашата држава има само контролни механизми во однос на производството, ги регулира договорите и се друго што произлегува од Законот тутун и тутунски производи, но не може да им наложи на фирмите да прават помалку или повеќе договори, и со кого да склучуваат договори. Меѓутоа проблемот треба да се реши на ниво на здруженијата на тутунари кои мислам дека ќе излезат деновиве со став. Ќе треба да се прават договори на малите тутунопроизводители тие да не се одбиваат, а да се намалуваат договорите кај големите производители. Значи оние кои навистина зависат од тутунот, кои егзистираат од тоа, што имаат два- три декари, мали површини на тие да им се прават комплетни договори, а оние што имаат повеќе хекатри тутун, со големи површини, со изнајмена работна сила, кај нив да се намалат договорите.Тука би можело да се најде решение, и да не биде оштетена најранливата категоријана тутунари“, вели професорот Арсов.
Тутунарите стравуваат за егзстенцијата Дел од тутунарите се револтирани и загрижани за сопствената егзистенција. Во некои села од скопско има најави од откупувачите за намалување на договорите за откуп и до 70%.
„Над 40.000 семејства во земјава живеат од тутунот! Знаете ли што значи за нас тоа? Пропаст! Долно Количани што имаше 90 договори сега им е одобрено 25 договори, Студеничани од 172 договори сега 42 договори, Морани од 100 договори на 17 договори. Луѓето ваделе имотни листови, ги зголемувале површините и сега нема договори. Ние од тутунот егзистираме, од тоа живееме, што да правиме сега?“, вели Алија Сали, претседател на Здружението на тутунари од скопско Студеничани.
Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека тутнот е пазарно ориентирана култура и дека треба да се следат светските трендови.
„Треба да се види колку тутунот им треба на откупувачите. Оваа култура е пазарно ориентирана и треба да се следат светските трендови. Во моментов има намалена побарувачка и затоа има намален број на договори“, вели Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.
Според проекциите на Министерството за земјоделство, за реколтата 2014 ќе се откупат од 25 до 26 милиони килограми, што е за околу 7 милиони килограми помалку од реколтата 2013 кога беа откупени 32 милиони килограми откуп на тутун. Дали требаше Македонија да ја потпише конвенцијата со СЗО? Рамковната конвенцијата за контрола на тутунот со СЗО Македонија ја ратификуваше во 2006 година. Од Стопанската комора неодмна изјавија дека и покрај тоа што сме потписници, не сме обврзани да ги намалиме површините, но ќе бидеме принудени да ги намалиме и површините и субвенциите ако тоа го сторат другите земји.
„Ако почне поголем дел од Европа и пошироко да ја спроведуваат оваа Рамковна конвенција тоа ќе има директно влијание и врз нашето тутунопроизводство, оти ако ние продолжиме со истите површини ќе имаме вишоци што нема да има каде да се извезуваат, што ќе не принуди да го намалиме производството“, изјави неодмна Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.
Експертите велат дека засега ставовите на конвенцијата не се обрзувачки, сеуште се остава на државите сами да олучуваат и да ги сносат последиците на свој грб. Но укажуваат дека Македонија имала можност извесен период да го одложува потпишувањето.
„Во суштина прифаќањето на рамковната конвенција е рано направено. Од почетокот на прифаќањето на конвенцијата од страна на нашата држава е голема грешка, требало тоа да се одложува или да се прифати селективно - некои членови да се прифатат, а некои не. Некои од членовите на конвенцијата се добри се регулира нелегалната трговија, заштитата на здравјето, но има еден дел што е најлош за нас, а тоа е за производството на тутун, а ние како земја што е голем производител особено не тангира, и јас не знам како ние ќе се снајдеме ако станат членовите задолжителни“, објаснува професорот Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Според податоците, Америка која е шеста во светот по производство на тутун уште ја нема потпишано конвенцијата, а исто така конвенцијата не ја ратификувале Аргентина и Индонезија, кои се на листата на светски производители на тутун. Тутунарите уште лани потпишаа петиција со која бараа Владата да застане во одбрана на тутунопроизводството и да не прифати намалување на површините. Во Македонија, тутунот е една од стратешките извозно ориентирани гранки. Извозот на тутун и преработки од тутун во вкупниот извоз од земјоделско-прехранбениот сектор се движи од 22,2% до 29,6%, а во вкупниот извоз на Македонија од 4,0% до 5,0%. Владините политики, почнувајќи од висината на субвенцијата едно евро за килограм откупен тутун и најбрза исплата, ги мотивираа земјоделците од година во година да ги зголемуваат површините, па дури во тутунопроизводство влегуваа и земјоделци кои претходно одгледувале други култури. Тоа доведе до зголемување на површините и производството на тутун. Вкупното производство во 2008 година изнесувало 17.056 тони, а во 2012 година изнесуваше близу 28.000 тони што е за 33% повеќе од претходната 2011 година, додека реколатата 2013 со 32.000 тони беше најголемото производство во последните 10 години. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?