Курц: Ќе биде чесно ЕУ да и каже збогум на Турција
Објавено во: Свет 07 Мај, 2019
Откако избирачката комисија во Турција донесе одлука да се прегласува за нов управител на Истанбул, што предизвика голема загриженост кај Западот и кај турската опозиција, се јави австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој побара од ЕУ да не се залажува повеќе дека Турција припаѓа во Европа и дека ќе биде чесно ако ги прекине сите контакти.
Според Курц, веќе со години со се поголеми чекори се оддалечува од Унијата и повеќе не ги исполнува условите за пристапни преговори.
„Се уште постојат силни систематски ограничувања на слободата на истражување и медиумите“, рече канцеларот.
Екрем Имамоглу победи со 13.000 гласа во Истанбул, но вчера комисијата одлучи да има прегласување, откако претходно владеачката партија на Реџеп Таип Ердоган не успеа да победи ниту со пребројување на гласовите.
Засега нема официјално образложување зошто ќе има прегласување на 23 јуни, а турскиот претседател Ердоган засега само паушално тврди дека се работи за „организирана корупција“.Од турската опозиција засега наведуваат дека „демократски настроените гласачи треба да останат смирени и дека повторно ќе победат“.