20 Мај, 2024
0.0252

АНАЛИЗА: Македонија пред ценовен шок?!

Објавено во: Агробизнис 18 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Поплавите што ја зафатија Србија можно е да го нарушат пазарот со пченица, пченка и јачмен во целиот регион и земјите каде што Србија ги извезува овие производи. Домашните агроекономистите предупредуваат дека цената на пченица ќе расте не само поради поплавите во Србија, туку и поради случувањата во Украина. Ваквите случувања може да доведат и до поскапување на крајниот производ, лебот, брашното и другите пекарски производи.
- Состојбата во Србија е лоша и трагична пред се за луѓето, кои останаа без покрив над глава, но последиците допрва ќе доаѓаат. Тука повторно мислам не само на луѓето туку и од трговска гледна точка, пред за Србија како извозник и за земјите во регионот,особено во делот на пченицата,пченката и јачменот. Кај нас ваквата состојба негативно ќе се одрази ако навреме нашите трговци не склучат договори за увзо на пченица од други земји, како на пример од Бугарија, тоа е спасот. Во спротивно нема да можеме да купиме пченица и пченка. Иако засега сеуште е рано да се каже што и колку од површините со житарки се уништени, но секако дека тоа ќе влијае врз цената на пченицата и на пченката на пазарот и ќе доведе до зголемување. Деновиве веќе се очекува да се случи порастот на цените и тоа не само поради Србија, туку и поради случувањата во Украина. Доколку увезуваме поскапа пченица, тоа би значело и можно поскапување на лебот и пекарските производи. Од друга страна пак, ако се увезува од други подалечни дестинации, ќе имаме повиоски транспортни трошоци, вели агроекономистот Борис Анакиев.
Иако е сеуште рано да се каже колкави ќе бидат последиците, сепак моменталните состојби со поплавите во Србија, Хрватска, случувањата во Украина, сушата во Аргентина, ќе направи сериозни пореметувања на светскиот пазар на пченица, што негативно ќе се одрази врз пазарите во сите земји. Дека годинава пазарот со пченица ќе биде под силни ценовни шокови, е состојбата со болести. Агроекспертите велат дека во светот и на домашен терен се појавиле болести кај лебното зрно.
- Состојбата во Србија е трагична. Сеуште рано е да се каже колкави ќе бидат реперкусиите од економска гледна точка, тоа би се знаело за околу еден месец. Кога има полави, тоа значи дека се до корен, целите ниви се уништени, не останува ништо освен кал, родот е уништен комплетно. Секако ова ќе значи и зголемување на цените на пченицата,пченката и јачменот, што ќе се одрази и кај нас. Колкави ќе бидат зголемувањата засега не може да се каже. Ние имавме доста дождови и очекуваме голем род, но има друг проблем, се појавија болести. Како понатму ќе се одвива целата работа, каков род ќе имаме, ќе видиме, но поскапувањата се неизбежни, вели Огнен Оровчанец претседател на агробизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија.
И од мелничко-пекарската индустрија велат дека засега не може точно да се каже колкави ќе бидат последиците.
- Доколку дојде до поплавување на посевите со пченица во оние региони на Србија каде има најмногу хектари, тогаш ќе има пореметувања на пазарот. Тука мислам на Војводина, ризницата на српската пченица. Засега мислам дека во  оние региони што се поплавени нема многу површини со пченица, но секој случај состојбата е лоша. Ние најголем дел од пченицата ја увезуваме од Србија, но и од Унгарија, Грција и Бугарија, вели Томе Ѓорѓиевски, од мелница “Кадино”.
Оваа година се засеани нешто повеќе од 100.000 хектари со пченица. Лани жетвата тежеше околу 280 илјади тони пченица. Македонија 50 отсто од домашните потреби ги покрива со увозна печеница, а увозот на пченица изнесува околу 150.000 тони. Најголемиот увоз на пченица и пченка во Македонија доаѓа токму од Србија. Обемот на стоковата размена со Србија во првите три месеци од годинава изнесувал 193.467.000 долари. Србија пред нови економски проблеми? Србија е еден од поголемите извозници на пченица, пченка, јачмен и други земјоделски производи. Поплавите негативно ќе се одразат врз земјоделското производство во Србија и трговскиот биланс, сметаат македонските и српските агроексперти. Според првичните неофицијални проценки, најпогодени се овошните насади, пченката и зеленчукот.
- Србија е голем извозник, ова што сега и се случува на оваа земја лошо ќе се одрази врз нејзината економија. Тука пред се мислам на трговскиот биланс, ќе има намалување на извозот што Србија го има. Фактот што економиите на сите земји се поврзани, негтаивните последици лесно се одразуваат од една во друга земја, објаснува агроекономистот Анакиев.
Дел од српските професори од Земјоделскиот факултет во Белград, велат дека Србија поради последиците од поплавите нема да има проблем со обезбедување на основните земјоделско-прехрамбени производи за покривање на потребите на граѓаните, но повеќе од сигурно е дека штети негативно ќе влијаат врз надворешно трговскиот биланс. Штетите од поплавите се големи и ќе бидат дологорчни, но ќе има доволно  храна за домашното насление, бидејќи подрачјето на Војводина нема претрпено толку голема штета од поплавите. Секако дека ќе има намалување и влошување на надворешно-трговскиот биланс. Во поплавите особено во рамничарските предели, настрадаа овошките и раноградинарските култури на отворено. Го изгубивме родот на двете први и доходовни  наши овошни култури како јагодата и цреши и тоа не само во поплавените региони и туку и во другите поради обилните дождови. Големи се штетите и во сточарството, бидејќи поплавите однесоа одреден број грла добиток. Штети ќе претрпат и пчеларите, а има штети и кај посевите засеани со пченка, вели за Радио телевизија Србија,  професорот од Земјоделскиот факултет во Белград Миладин Шеварлић. Вкупниот извоз на Србија во првите три месеци од годинава изнесува 3,6 милијарди долари, а увозот изнесувал 4,8 милијарди долари. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?