МАКРОН НА МАКЕДОНСКИ УПАТИ ЧЕСТИТКА ДО ДАВКОВА: Франција останува на страната на Северна Македонија
Објавено во: Македонија 10 Мај, 2024
Францускиот претседател Емануел Макрон упати честитка на македонски јазик до македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова и додава дека Франција останува на страната на Северна Македонија.
„Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Силјановска Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател. Франција останува на страната на Северна Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина“, напиша Макрон.
Силјановска Давкова, исто така во објава на Фејсбук, се заблагодари на честитката на францускиот претседател. Пораката ја напиша на француски.
„Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски“, напиша Силјановска Давкова.
Воедно, додава дека ќе работи на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена.
Пред Бугарија, Франција ја блокираше Македонија и не дозволи почеток на преговорите со објаснување дека ЕУ мора да се реформира.