20 Мај, 2024
0.0335

Многу наши работници не живеат, туку имаат крпен живот!

Објавено во: Економија 01 Мај, 2017

Добивај вести на Viber

Денеска се одбележува меѓународниот ден на трудот , посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Каде е Македонија во почитување на работничките права? Истражувањата покажуваат дека работничките се кршат во сите сектори. Според статистичките податоци дури 70 отсто од работниците во Македонија земаат плата помала од 370 евра. Обичниот народ, работничката класа, нагло осиромашува во Македонија, се кршат работничките права, се гази по човечкото достоинство на работниците, вели во интервју за Фактор Здравко Савески од „Левица“.

Фактор: Денеска е 1-ви Мај празникот на трудот , какви се работничките права во Македонија?

Савески :Да, денес е Први мај, големиот интернационален празник на трудот. Им го честитаме денот на сите работници, особено на оние што не го виткаат вратот и кои се борат за своите права. Обичниот народ, работничката класа, нагло осиромашува во Македонија. Се кршат работничките права, се гази по човечкото достоинство на работниците. Но, тоа не е ништо ново. Ова сите го знаат, работниците и на сопствена кожа. Потребно е да се преземе нешто во врска со тоа. И потребно е работниците да ја надминат својата апатичност и резигнација во врска со својата положба. Ако тоа не го направат, нивната положба само дополнително ќе се влошува.

Фактор: Кои облици на кршење на работнички права се најзастапени и во кои сектори?

Савески: Во сите сектори има кршење на работничките права. Фактички, нема сектор каде не се кршат работничките права. Некои од кршењата се заеднички за сите сектори, а некои се специфични за даден сектор. Има одредени специфики и помеѓу кршењето на работничките права во приватниот и во јавниот сектор. Во јавниот сектор еден од најголемите проблеми се политичките притисоци, заканите ако не се постапи како што наложува Партијата, може да се изгуби работното место или да се добие преместување на работно место кое помалку е платено. Во приватниот сектор, многу газди во своите фирми имаат воспоставено режим, диктатура. Ги принудуваат работниците да работат прекувремено, им даваат работни задачи за кои се потребни двајца па и тројца работници да ги завршат, слабо ги плаќаат за сработеното, се изживуваат со нив. Некаде воопшто не се внимава на заштитата при работа, се тераат работниците преинтензивно да работат па сето тоа резултира со бројни повреди на работното место и дури и со смртни случаи. Во просек, на секои 10-тина дена во Македонија загинува по еден работник! За какви работнички права да зборуваме при една ваква ситуација?!

Фактор: Дали законите во Македонија се во улога на заштита на работниците и нивните права или ги штитат работодавците?

Савески: Под изговорот дека работат на создавање „поволна бизнис клима“ и „флексибилен пазар на трудот“ сите досегашни влади од независноста до денес ги намалуваа работничките права. И на тој начин законските одредби се’ повеќе и повеќе одеа во прилог на работодавачите. До промена на оваа состојба нема лесно да дојде, зашто сите парламентарни партии се бизнис партии, кои, поради интересите кои ги застапуваат, не се подготвени на законски измени кои би биле повеќе од козметички измени. А ако има политичка волја за промена на законската регулатива, тогаш има голем простор за тоа, како во Законот за работни односи така и во многуте закони кои ги регулираат правата на работниците во посебните сектори.

Фактор: Колку законите за работниците се применуваат во пракса?

Савески: Покрај намалувањето на работничките права преку измени на законите, дополнителен сериозен проблем е што и оние права што ги имаат работниците по Устав, закон и колективен договор не се почитуваат во практиката. Инспекторатот за труд едноставно спие. Ретко кој инспектор за труд заслужува преодна оценка. Инспекторатот за труд е убедливо најмалку застрашувачкиот инспекторат во Македонија, во ситуација кога некои други инспекторати сееја страв и трепет помеѓу населението. И самото тоа кажува колку државата се грижи за правата на работниците. Една од причините за немоќта на Инспекторатот за труд е ниското ниво на законските одредби во однос на работничките права па во оние случаи каде има очигледна неправда, но нема кршење на законите, Инспекторатот за труд е немоќен. Сепак, тоа не ги амнестира најголемиот дел од инспекторите за труд, кои често избирале да гледаат на другата страна, кога работниците пријавувале кршење на работничките права кај нив.

Фактор: Постојано се зборува за зголемување на минималната плата, изминативе години имаше зголемувања, но дали е тоа е доволно?

Савески: Се разбира дека не е доволно. Тоа сите го знаат. Но, недоволно е само да се зголеми законската висина на минималната плата и да се остане на тоа. Зашто, ако работниците молчат, работодавачите многу често се дрзнуваат да ги заобиколат законите. Па исплаќаат минимална плата за потоа да побараат од работниците да им вратат дел од платата „на рака“. Или, ги пријавуваат работниците на скратено работно време, што им овозможува да им исплаќаат минимална плата од 5.000 денари. Иако тие не само што работат со полно работно време, туку и во некои случаи и повеќе од тоа. Само, дел од проблемот е што работниците и не ги знаат оние ретки законски одредби кои се во нивна корист. На пример, одредбата од Кривичниот законик од декември 2015 година, според која за барање од работникот да му врати „на рака“ дел од платата, газдата може да биде казнет со казна затвор од три месеци до една година. Но, бидејќи работниците ова не го знаат, ретко кој газда се плаши од оваа законска одредба во овој момент.

Фактор: Можат ли македонските работници да се потпрат на Сојузот на синдикати на Македонија како нивни претставник во дијалозите со Владата и во борбата за правата на работниците?

Савески: ССМ во целина и голем дел од гранските синдикати во негов состав, како и во состав на другите синдикални сојузи се окупирани од синдикалната бирократија. Таа се интересира само за својата лична благосостојба, а за работниците – само лицемерно. Но, во ССМ се случуваат промени. Најголемиот антисиндикалец Живко Митревски е отстранет од претседателската функција во ССМ и само поради тоа што во моментот во Македонија се’ уште институциите не функционираат институционално, тој се’ уште се претставува како претседател на ССМ. Но, да се надеваме дека новото раководство на ССМ нема да ја продолжи практиката што ја имаше ССМ во сите години од независноста, да ја штитат власта од работниците, а не да ги бранат работниците и нивните права.

Фактор: Како го коментирате тоа што токму претставникот на работниците ССМ, изминативе години не организира првомајски протести во знак на борба за правата на работници?

Савески: Најголемиот антисиндикалец Живко Митревски имаше задача од власта во заминување по секоја цена да го умртви работничкото движење во Македонија. А неговата мисија беше да ја штити власта од работниците, а не да ги брани работниците и нивните права. Многумина го изразуваа своето незадоволство од неговата работа, се разочаруваа од синдикатите поради неговата пасивност и полтронски однос кон власта, но... токму тоа беше и целта. Ако работниците не веруваат во своето самоорганизирање и во синдикатите како облик на свое организирање, тогаш можете на мира да им ги кршите нивните права. Зашто тие, бидејќи неорганизирани, не се во можност да возвратат. Во насока на исполнување на својата задача и мисија, антисиндикалецот Митревски секогаш гледаше на Први мај ССМ да излегува со некакви квази-настани, но никако со протести. Зошто тој да повикува на протести? Тој си ужива во убав живот – со работнички пари.

Фактор: Што подразбирате под достоинствени работнички права?

Савески: Тоа се права кои на работникот му овозможуваат достоинствен живот, живот кој е достоен да се нарече човечки. Многу наши работници не живеат, туку преживуваат. Многумина водат крпен живот, едвај врзуваат крај со крај, почнуваат да кратат на производи кои претходно редовно ги купувале. Вклучувајќи тука и прехранбени производи! Не е тоа човечки, туку кучешки живот.

Фактор: Што ќе порачате од денешните протести?

Савески: Работници, да се бориме за нашите права! Правата нема да ни ги сервираат на тацна политичко-економските елити. Мора самите да се избориме за нив. Борбата е тешка, но алтернативата е и понатаму да тонеме во сиромаштија. Организирајте се! Ако членувате во синдикат кој е окупиран од синдикалната бирократија, преземете го од неа! Ако членувате во синдикат чие раководство се залага за вашите права, поддржете го! Ако нема синдикат во вашата фирма, обидете се да формирате! Тешко е тоа и ризично, но не и невозможно.

Т.С


Можеби ќе ве интересира

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ЗЛАТОТО? Цената повторно на рекордно ниво

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ЗЛАТОТО? Цената повторно на рекордно ниво

ВАЖНА ОДЛУКА НА РЕГУЛАТОРНА- ВАЖИ И ЗА ДИЗЕЛАШИ И ЗА БЕНЗИНЦИ: По полноќ поевтинуваат сите горива, еве ги новите цени

ВАЖНА ОДЛУКА НА РЕГУЛАТОРНА- ВАЖИ И ЗА ДИЗЕЛАШИ И ЗА БЕНЗИНЦИ: По полноќ поевтинуваат сите горива, еве ги новите цени

ФАКТОР ИСТРАЖУВА: Кои се кавадаречките милионери за 2023 година?

ФАКТОР ИСТРАЖУВА: Кои се кавадаречките милионери за 2023 година?

Адвокатска комора на Македонија: Членот 368 од Законот за облигациони односи е спротивен на уставот и ги прекршува човековите права, неопходно е решение

Адвокатска комора на Македонија: Членот 368 од Законот за облигациони односи е спротивен на уставот и ги прекршува човековите права, неопходно е решение

НЕКОЈ МНОГУ САКАШЕ АКЦИИ ОД „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ И ПЛАТИ НАД 700 ИЛЈАДИ ЕВРА - нови поместувања во структурата на хотелиерската компанија

НЕКОЈ МНОГУ САКАШЕ АКЦИИ ОД „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ И ПЛАТИ НАД 700 ИЛЈАДИ ЕВРА - нови поместувања во структурата на хотелиерската компанија

УШТЕ ЕДНА ГОЛЕМА ИНФОРМАЦИЈА ЗА ЛИДЛ ВО МАКЕДОНИЈА: Планира да вработи 150 работници во нова инвестиција вредна 80 милиони евра

УШТЕ ЕДНА ГОЛЕМА ИНФОРМАЦИЈА ЗА ЛИДЛ ВО МАКЕДОНИЈА: Планира да вработи 150 работници во нова инвестиција вредна 80 милиони евра

ФАКТОР АНАЛИЗА: Прават милиони евра од цевки и камен

ФАКТОР АНАЛИЗА: Прават милиони евра од цевки и камен

АНАЛИЗА: Што ќе се случи со Германија ако си замине од ЕУ?

АНАЛИЗА: Што ќе се случи со Германија ако си замине од ЕУ?

Сопственикот и главниот оперативен тим одушевени од развојот на Костал во Охрид, компанијата почнува сериско производство на технолошки најнапредна електроника за Фолксваген

Сопственикот и главниот оперативен тим одушевени од развојот на Костал во Охрид, компанијата почнува сериско производство на технолошки најнапредна електроника за Фолксваген