20 Мај, 2024
0.0951

Ниту за Велигден македонското јагне нема да стигне до европските трпези?

Објавено во: Агробизнис 08 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Во пресрет на велигденскиот шпиц за извоз на јагниња, клaниците и одгледувачите на овци со песимистички прогнози за извозот на македонското јагне. Оваа година католичкиот и православниот Велигден се во ист ден, но поради економската криза во која се наоѓаат земјите увознички, македонските извозници веќе очекуваат извозот да потфрли. Од кланиците коментираат дека увозниците од Италија, Грција и Хрватска го сакаат македонското јагне, но на домашен терен имаат помала побарувачка, и настојуваат да ја намалат цената на јагнето.
„Работата оди тешко, поради економската криза Италија, Хрватска и Грција поради намалената побарувачка ја спуштаат цената. Друг проблем е што празникот се паѓа доцна дури во месец април, а нашето јагне обично стасува за колење овој период. Сега кај нас слабо се коли, до тогаш нашите јагниња ќе бидат претешки и ќе нема каде да ги извезуваме. Овој проблем се провлекува веќе 10 години. Во оваа ситуација губиме и ние кланиците и сточарите, пазарот е лош. Странците го сакаат македонското јагне, но тамошната пазарна побарувачка е намалена. Од друга страна падната е и цената на кожата, бидејќи најголемите потрошувачи Украина и Русија се во криза“, вели Слободан Баџовски од кланицата Дими Компани.
Одгледувачите на овци пак велат дека колењето на јагниња се одвива во континуитет, иако извозот е со слаб интензитет. Оние јагниња кои стасуваат тежина до 20 килограми какви што се бараат на странските пазари, се колат и се продаваат. Од здруженијата на одгледувачи на овци укажуваат дека цената е катастрофална. Деновиве од 140 денари се намалила на 130 денари за килограм жива мера. Сточарите се револтирани и велат дека со ваква цена едвај може да се покријат основните трошоци.
„Секој ден по 5 денари цената се намалува. Ваквата откупна цена за нас е тотално неисплатлива. Ние земаме кредити, за да го одржиме производството. Со субевнциите што ги земаме гледаме да сме на позитивна нула, за заработка не станува ниту збор. За среќа намалена е цената на зрнестата добиточна храна - лани килограм беше 16 денари, сега е 10 денари килограм. Сепак сточарите се револтирани, во состојба се по цели стада да продаваат. Порано јгането имаше цена од 220 до 230 денари за килограм жива мера. Според нашите пресметки реалната цена на јагнето за ренатабилно производство треба да биде 180 денари за килограм жива мера“, вели Тодор Мушевски, претседател на Националниот Сојуз на одгледувачи на овци.
Извозниот шпиц почнува во април Следниот месец почнува извозниот шпиц, неизвесно дали до тогаш ќе има нагорни корекции на цената на јагнето. Околу 85 отсто од македонското јагне оди во земјите од Европската унија, односно во Италија и Грција, помали количества се продаваат во Хрватска (која станува значаен растечки пазар), Србија и Црна Гора, како и Кипар, генерално во бесцаринска квота. Овчарството е една од извозно ориентираните земјоделски гранки, од која во земјава годишно влегува девизен прилив од 11 до 15 милиони евра. Познавачите велат дека со искористување на природните ресурси и со зголемување на бројот на овци, девизниот прилив би достигнал и до 40 милиони евра годишно. Бројот на овците бележи континуиран пад. Според статистичките податоци во 2008 година имало 817.000 овци, во 2009 година бројката е намалена на 755.000 овци, 778.000 овци имало во 2010 година а во 2011 година вкупниот број на овци изнесува 766.631 грла, а во 2012 година бројот на овците е намален на 732.338 грла. Некогаш во Македонија имало два милиони овци. Според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство, од почетокот на годинава досега, на пазарите во Грција, Италија, Србија, Хрватска и Црна Гора од Македонија извезени се 323.375 килограми јагнешко месо, односно 31.734 јагниња. Минатата година на странските пазарите во Грција, Италија, Србија, Турција и Хрватска пласирани биле 2.748.201 килограми јагнешко месо, односно 272.684 јагниња, најмногу на италијанскиот пазар каде лани завршиле 1.411.191 килограми месо, или 153.632 јагниња. Во 2012 година 291.834 јагниња (2.526.700 килограми јагнешко месо) биле извезени на пазарите во Италија, Грција и Црна Гора. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?