Обвинителството поднесе обвинение против тројцата осомничени за убиството на Toт
Објавено во: Македонија 21 Јули, 2022
Покренато е обвинение за убиството на ракометарот Денис Тот кое се случи на 7 април.
Обвинителството поднесе обвинение против тројцата осомничени за убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот кој беше претепан до смрт пред дискотеката „Привилиџ“ во Скопје.
„По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, констатирало обвинителството.
Осомничените се товарат за кривично дело, убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, според кое „Тој што друг ќе лиши од живот, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Инаку, делото можеше да се преквалификува во „убиство на свиреп или подмолен начин“, за што е предвидена казна затвор од најмалку десет години, или, пак, за делото нанесување „тешка телесна повреда со смртни последици“. Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети.