Добивај вести на Viber
Препознатливата и неискоренлива ароганција на СДСМ не им донесе само срамен пораз ним. Во комбинација со вазалскиот однос кон империјалниот господар, корумпираноста и типичната негативна селекција на кадрите тие создадоа предуслови да се трансформира нашето општество на полошо, меѓу другото правејќи националисти дури и од оние што тоа не беа пред СДСМ да дојде на власт.
Ова е ставот на професорот и активист Здравко Савески по вчерашните избори и големата победа на ВРМО-ДПМНЕ.
Тој истакнува дека народот сега само избра нови кадри кои ќе продолжат да го крадат како и досега, и дополнува дека состојбите нема да одат на подобро.
- Сега, откако народот масовно избра друг да го краде, на политички план ќе биде - исто. Наместо еден да не' краде, ќе не' краде друг. Наместо еден да управува во корист на капиталот, да управува друг. Со можност да биде и полошо ако им се дозволи на националистите не само да го креираат наративот, туку и политиката.
Но, се' додека на економски план работите се толку добри (никогаш полесно вработување, никогаш повисоки плати, никогаш полесно иселување), се' ќе продолжи да се сведува на коментари од страна колку и овие разочарале, колку биле катастрофа и колку нас ни е тешко да врзиме крај со крај, откако се фрлиле парите на два-три годишни одмори, туце продолжени викенди во странство и бескрајна консумеристичка стока.
Но, неизбежната економска криза секогаш има потенцијал од корен да ги промени размислувањата, наративот, а некогаш и политиките. Дотогаш, на нашето парче земја ништо ново - заклучува Савески.