20 Мај, 2024
0.0274

Продолжениот увоз на пченица – за мелничарите пoжелен, ама за земјоделците погубен

Објавено во: Агробизнис 06 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Земјоделците не се согласуваат со барањето на мелничарите, квотата за увоз на пченица од Светската трговска организација наместо шест месеци да трае цела година. Мелничарите за ваквото барање добија зелено светло од Министерството за земјоделство минатиот месец. На средбата меѓу мелничарите и ресорниот министер Љупчо Димовски, претставниците од мелничко-пекарската индустрија предложиле увозот годинава да почне по жетвата, од средината на јули, и да трае цела година, не само во првите шест месеци. Според мелничарите, предвидената квота за увоз 80.000 тони, е доволно количество. Но земјоделците укажуваат дека таквото барање ќе биде погубно за домашното производство на пченица.
„До жетвата има време уште 4 месеци, но ние уште од сега бараме средби со мелничарите и со Министерството за да се договориме за текот на годинешниот откуп на пченица и цените. Ние не прифаќаме увозот да почне по жетвата односно во текот на јули, што ќе правиме ние тогаш, ќе жнееме, ќе носиме наша пченица за откуп, а тие ќе увезуваат? Тоа го нема во ниту една земја, тоа е погубно за нашето производство. Таа одлука мора да се менува, мора да се воспостави мерката за условен увоз на пченица и да не се дозволува увоз од јули и тој да трае цела година“, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.
Претставниците од мелничко- пекарската индустрија годинава очекуваат подобри пазарни услови. Според нив квотата од Светската трговска организација за увоз на пченица која наместо шест месеци како досега, ќе трае цела година, е добра за одржување на мелничарската индустрија.
„Нас ваквиот увоз на пченица ни одговора, се создаваат добри пазарни услови. Во ваков случај ќе можеме да купиме пченица во периодот кога е евтина, но исто така нема да бидеме обврзани само од Србија и земјите со кои имаме билатерални односи, туку бидеќи се работи за квота на Светската трговска организација, ќе можеме да увезуваме и од другите земји, ќе имаме избор. Во моментов берзанската цена на пченицата е околу 190 евра за тон“, вели Томе Ѓорѓиевски, од “Кадино”.
Мерката за ограничен увоз се воведува четири години Мерката за ограничен увоз на пченица и брашно Македонија ја воведе пред четири години со цел прво да се откупува домашната пченица и да се заштити производството. Лани по барање на мелничарите кои претходно беа против оваа мерка, се промени само сразмерот. Поточно за секој увезен 1 килограм пченица, да се откупат 3 килограми домашна пченица. Во однос на брашно, одлуката предвидува за секој увоз на 1 килограм брашно, мелничарите да откупат 4 килограми домашна пченица. Минатата година Србија одлучи да возврати, па постави и ултиматум, дека доколку во рок од 10 дена Македонија не ја повлече одлуката тие ќе го ограничат увозот на македонско вино и зеленчук. За влакно се избегна трговска војна. Ниту Македонија ниту Србија не попуштаа во своите ставови, и двете земји тврдеа дека се во право. Ресорните министри на двете земји неколку пати имаа средби и во Македонија и во Србија. На седницата членките на ЦЕФТА ја повикаа Македонија да ја укине мерката во разумен рок. Мерката за условен увоз на пченица се укина на 2-ри септември лани, а за брашното на 15-ти септември, наместо на 31-ви декември. Временските услови поволни, дали ќе има добра жетва? Дождовите што во текот на овие два дена ја зафатија земјата се идеални за посевите со пченица. Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи вчера и денеска се проценува дека ќе паднат од 20 до 30 литри дожд на метар квадратен. Но и покрај идеалните услови, според агрометеоролозите сеуште е рано да се каже каква жетва ќе имаме годинава.
„Пченицата досега добро напредува, односно не страда за вода. Вчерашните дождови и денешните кои ќе се задржат до попладневните часови се идеални за растението кое сега се наоѓа во фаза вретенење и се формира класот, кога всушност и најмногу му треба вода. Сеуште е рано да се каже каква ќе биде жетвата годинава, бидејќи тоа не зависи само врнежите туку и од други услови. За добро да се развива растението, во месец мај ни се потребни уште едни вакви обилни дождови кои ќе го исполнат зрното. После тоа исто така ни требаат добри временски услови, односно умерени температури од кои зрното добро ќе зрее, но не ни се потребни високи температури кои можат да доведат до појава на суша и презрејување на зрното“, вели Ангелко Ангелески, агрометеоролог од Управата за хидрометеролошки работи.
Мелничарите велат дека сегашните временски услови, најавуваат добра жетва, но исто така сметаат дека рано да се вршат проценки, бидејќи овие четери месеци пред жетва се најкритични. И земјоделците велат дека засега условите се идеални за развој на пченицата. Минатата година првично временските услови ветуваа добра жетва, но потоа високите температури и т.н жолт африкански дожд го намали квалитетот на пченицата , што пак потоа влијаеше врз откупната цена. Оваа година се засеани нешто повеќе од 100.000 хектари со пченица. Лани жетвата тежеше околу 280 илјади тони пченица. Македонија 50 отсто од домашните потреби ги покрива со увозна печеница, а увозот на пченица изнесува околу 150.000 тони.
Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?