Штипскиот градоначалник ги посети најстарите браќа во Македонија - имаат над 200 години заедно
Објавено во: Македонија 01 Јануари, 2023
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов на првиот ден од Новата година ги посети најстарите браќа во Македонија - Симо и Ристо Наскови. Тие се од Караорман и годинава ќе наполнат 103 и 100 години.
Круме Насков, вели дека 103-годишниот Симо, се занимавал до лани со градинарство.
- До 102 години активно работеше во бавчата и оваа година имаше негови производи, што ги имаше посадено. Сакал да посади некое семе во оранжериите, но паднал и залегна. Една година како лежи во кревет. Нозете не му се добри, инаку здравствено е добар, вели Насков.
Ристо Насков во февруари ќе наполни 100 години и тој се уште се занимава со градинарство.
-Работи во оранжерии, продава пиперки и патлиџани. Ракија си пие по една чашка, приквечер и сабајле. Телевизија гледа многу, следи вести, со мозокот е здрав, работи со телефон, се слуша со ќерките, знае сам да ѕвони, знае се, вели Димче Насков, синот на Ристо.
Двајцата браќа за Нова Година единствено посакаа просперитет за Македонија.