20 Мај, 2024
0.0274

Што е Пауловнија? На државно земјиште ќе расте само над 700м надморска висина

Објавено во: Агробизнис 08 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Одгледувачите на брзорастечкото дрво Пауловнија, ќе можат да аплицираат за државно земјоделско земјиште под закуп, но само за површини што се наоѓаат на надморска височна од над 700 метри. Ова е предвидено со новиот Закон за земјоделско земјиште, кој пред извесен период беше изгласан на Собрание. Дел од одгледувачите на ова дрво велат дека на овој начин се ограничува одгледувањето на Пауловнијата и бизнисот нема да може да се развива со предвидената динамика. Тие веќе доставиле барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, да се промени ваквата одредба од законот.
„Одговор уште немаме од Министерството, и тоа сигурно ќе биде после изборите. Ние бараме да нема ограничување со надморската височина, туку еве ограничувањето нека биде во однос на квалитетот на земјиштето. На пример, не мора да ни даваат прва класа земјиште, нека биде втора или трета класа, оти ова дрво не бара квалитетна почва може да опстојува и засадено во песок. Не дека не може да издржи на надморска височина од над 700 метри, но се работи за мали површини, кој побрзо ќе ги земе, а интересот за одгледувањето на ова дрво расте. За оние кои си имаат свое земјиште не е проблем, но за тие што допрва почнуваат во старт се демотивираат“, вели Данаил Паланков, одгледувач на Пауловнија од Струмичкото село Муртино.
Кога се носеше новиот закон, ресорниот министер Љупчо Димовски изјави дека за одгледувањето на брзорастечките дрвја не е добро да се користат плодни почви каде би можело да се одгледуваат други земјоделски култури со цел зголемување на производството на храна, а законската одредба како мерка е добра да се избегне интензивно садење на дрва на квалитетна земјоделска површина. Тој истакна дека со одгледување на вакви дрвја истовремено се заштитува и шумскиот фонд, и се добива дрвна маса која ќе ја замени постоечката. Дел од опозициските пратеници пак изјавија дека одгледувањето на расади на брзорастечки култури на земјоделско земјиште на надморска висина над 700 метри е парадоксално, бидејќи на оваа висина земјоделското земјиште не е под систем на наводнување, се работи за суво земјиште каде нема да расте ваков вид на дрвја. Тие сметаат дека има уште неискористено земјоделско земјиште и под оваа надморска висина каде може да се одгледуваат овие дрвја. Засега површини под Пауловнија има Прилеп, Струмица, Скопје, Штип, Гевгелија, и тие не се на надморска висина над 700 метри. Но ваквата одредба важи само доколку земјиштето се зема под закуп. Согласно Законот за продажба на земјоделско земјиште, доколку некој се одлучи да го купи државното земјоделско земјиште, тогаш може да сади што сака. Но, за оваа опција проблем за земјоделците се финансиите. Поради ваквите законски одредби дел од оние што сакаат да се занимаваат со овој бизнис, сега кога расадуваат садниците, размислуваат дали воопшто да се зафатат со садење на ова брзорастечко дрво. Упатените укажуваат дека државата не треба да гледа на одгледувањето на Пауловнијата како непријател на храната, туку како на профитабилен агробизнис од кој и државата ќе има бенефит. Во моментов околу 60 земјоделци имаат засадено Пауловнија. Пауловнијата влезе во Програмата за финансиска поддршка на земјоделството Во годинешната Програма за финансиска поддршка на земјоделството, за брзорастечките дрвја се предвидени субвенции од 100 евра од хектар. Според производителите овие субвенции се минимални и недоволни ако државата сака да го развива ова производство.
„Од овој агробизнис ќе има профит и државата, затоа сметам дека субвенциите треба да бидат барем приближно колку што се за овошните насади, на пример од 20.000 до 30.000 денари од хектар. А овие 100 евра се недоволни“, вели Паланков.
Дрвото од Пауловнијата најбарано во светот Одгледувањето на ова дрво нема големи трошоци, па затоа на светските пазари е меѓу најбараните дрва за производство на мебел. Вложените средства се враќаат со првата берба односно по три години од засадувањето на садникот, што прави ова производство исплатлив семеен агробизнис. Пауловнијата расте еден метар за еден месец, за само две години може да порасне пет метри, а за 7-8 години прави еден кубик дрвна маса, што ја прави конкурентна на другите дрва. Првото сечење е после 3 до 4 години, а после секое сечење на стеблото тоа самото се регенерира.
„Влогот е околу 2.500 евра за садници и 2.500 за садење, орање и има 2.500 евра за одржување на хектар. Вложените средства се враќаат со првата берба и веќе сте во добивка. Од 800 дрва од кои се добива 800 кубика дрвна маса, по најниската продажна од 100 евра, заработката е околу 80.000 евра, и да има нешто потфрлено, и да се одбие од таа сума инвестицијата, повторно имате солидна заработка. Од друга страна ако не се продаде за мебел, може да се продаде како огревно дрво чија цена е околу 50 евра за кубик“, вели Паланков.
Цената на дрвото за дрвната индустрија на светските берзи се движи од 300 до 500 долари метар кубен во зависност од квалитетот и намената. Секој дел од дрвото е употреблив, идеално е за производство на мебел, чамци, брикети, музички инструменти, дрвени куќи, а листовите се користат во фармацевтската индустрија. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?