20 Мај, 2024
0.0254

Ситните тутунари куртулија, покрупните ќе го намалуваат производствотo

Објавено во: Агробизнис 21 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Револтот кај тутунарите стивна - се најде модел за решавање на проблемот со договорите за откупот на тутун за реколтата 2014-та. Оваа година вкупното производство на тутун треба да се намали за 17%. Договори ќе има за сите, малите земјоделци куртулија од намалување на количините, но големите ќе треба да го намалат производство за 30 до 40%. На вчерашниот состанок на тутунарите со откупувачите и Владата, се постигнал договор, според кој намалувањето на количините за откуп ќе зависат од тоа кој колку произведувал досега. Еве кој тутунар за колку проценти ќе треба да го намали производството за 2014 година: • Тутунари со производство до 500 килограми - нема да го намалуваат производство • Тутунари со производство од 500 килограми до 1.000 тони - ќе треба да го намалат приносот за 5% • Тутунари со производство од 1.000 до 2.000 тони - ќе треба да го намалат приносот за 20% • Тутунари со производство од 2.000 до 3.000 тони - ќе треба да го намалат приносот за 30% • Тутунари со производство од над 3.000 тони - ќе треба да го намалат приносот за 40% Според министерот за финансии Зоран Ставрески, на овој начин ќе се амортизира ударот од одлуката на откупните претпријатија да го намалат за речиси 40% откупот од следната реколта.
- Се договоривме секој тутунопроизводител кој што во 2013-та година имал склучен договор за откуп на тутун да има договор за откуп за тутун и за 2014-та година. Ниту еден тутунопроизводител да не остане без склучен договор. Производителите на тутун може да бидат спокојни, ќе се заштитат сите што одгледуваат тутун од егзистенцијални причини. Најдовме решение со кое сите ќе бидат задоволни, и во своите рамки ќе најдат можност да едните го произведат тутунот согласно договорите, а другите да откупат согласното тоа што го договоривме, изјави министерот Ставрески.
Претставниците на здруженијата на тутунари, кои беа во името на сите тутунопроизводители, го прифатија новиот модел, а на сите тутунари во земјава им порачаа дека откупувачите ќе склучат договор со секој тутунар.
- Секој што имал договор лани, ќе има и оваа година, со мало намалување, но тоа не значи ништо, со она што досега во однос на договорите го чувствуваме. И тутунарите се солидализираа и прифатија да има мало намалување, а при тоа да бидат заштитени помалите производители. Нема простор за паника како што беше случај изминативе денови, изјави Данчо Милевски, претседател на Сојузот на здруженија на тутунари.
Министерот за земјоделство,шумасртво и водостопанство Љупчо Димовски изјави оваа година е критична и дека намалувањето на количините за откуп е поради намалената побарувачка на светско ниво.
- Има огромни количини на произведен тутун во регинот, откупувачите за затрупани со залихи, и затоа сметам дека ова решение максимумот што можеше да се донесе.Во соработка со тутунарите и откупувачите дојдовме до планирана оптимална количина. Целта е да содадеме стабилно производство, изјави министерот Димовски.
За експертите - моделот е прифатлив Според експертите од оваа област, овој начин на групирање на производителите на тутун е реален и прифатлив, бидејќи на тутунарите со помали површини, тутунот им е основен извор за егзистенција. Фактот што оваа култура е една од најдоходовните со највисока субвенција, го зголеми бројот на тутунари кои произведуваат тутун на големи површини со изнајмена работна сила, а тутунопроизводството им дополнителн извор на финансии, коментираат упатените.
- Ова е прифатливо решение, да не се загрозат тутунарите кои навистина егзистираат од тутунот. Треба да се прават договори на малите тутунопроизводители тие да не се одбиваат со тие количини што ги имаат, а да се намалуваат договорите кај големите производители. Значи оние кои навистина зависат од тутунот, кои егзистираат од тоа, што имаат два- три декари, мали површини на тие да им се прават комплетни договори за цела количина, а оние што имаат повеќе хекатри тутун, со големи површини, со изнајмена работна сила, кај нив да се намалат количините за договорите. На тој начин нема да биде оштетена најранливата категоријана тутунари, вели професорот Златко Арсов, од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Минатата година 34.600 тутунари склучиле договори со тутунските компании. Реколтата 2013-та изнесуваше околу 30.000 тони, што е рекорд во последните 10 години. Според симулациите на министерството за земјоделство, оваа година производството на тутун треба да тежи максимум 26.000 тони, тоа е оптималното ниво на тутун што ќе можат да го откупат и пласираат тутунските компании. Дали дел од вишокот пари планирани за тутунот, ќе се пренаменат? Деновиве дел од земјоделците предложија парите што Владата ги планира за субвенции за предаден килограм тутун, да бидат наменети пак за тутунарите, за нивно ориентирање кон други земјоделски култури. Од синдикатот на тутунари предлагаат Владата да ги испита можностите за производство на алтернативни култури на површините кои ќе останат незасадени и за нив пари да се обезбедат од истата ставка за директни плаќања за тутунот, односно наместо за стимулирање на тутунот, да биде за алтернативни култури и призводи. Вицепремиерот Ставрески изјави дека тутунарите и откупувачите треба да усогласат што е оптимално долгорочно производство на тутун во Македонија и ако има потреба да се искористи можноста за пренамена на земјиштето за други култури.
- Ние секако парите како субвенции ги издвојуваме од Буџетот. За 2015-та година се проектирани 150 милиони евра, пари кои сакаме правилно да се искористат. Ако има можност и потреба можна е пренамена, но тоа е долгорочна тема, не е нешто што може да се направи во текот на една година, изјави вицепремиерот Ставрески.
Во Македонија, тутунот е една од стратешките извозно ориентирани гранки. Извозот на тутун и преработки од тутун во вкупниот извоз од земјоделско-прехранбениот сектор се движи од 22,2% до 29,6%, а во вкупниот извоз на Македонија од 4% до 5%. Македонија во 2006 година со Светската здравствена организација ја потпиша Рамковната конвенција за контрола на тутунот. Минитерот Димовски изјави дека состојбата со намалените количини за откуп не е поради конвенцијата, туку поради понудата и побарувачката на светско ниво. Агроекспертите велат дека засега одредбите од конвенцијата не се обрзувачки, сèуште се остава на државите сами да одлучуваат и да ги сносат последиците на свој грб. Но укажуваат дека Македонија имала можност извесен период да го одложува потпишувањето. Дел од упатените во оваа област предупредуваат дека токму Конвенцијата на Светската здравствена Организација е најсериозна закана за дополнително намалување на производството на тутун, бидејќи тие одредби еден ден ќе мора да се прифатат, што ќе значи уште поголемо намалување на површините под тутун и намалување на финанската поддршка за тутунарите. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?