Србија има највисока инфлација во Европа
Објавено во: Балкан 25 Декември, 2012
Србија е земја со највисока инфлација во Европа, изјави денеска претседателот на Управниот совет на Националната банка на Србија, Небојша Савиќ.
Тој истакна дека Србија ќе ја заврши оваа година со инфлација од 13 проценти, а тенденциите за раст веројатно ќе продолжат во првото тримесечие на следната година.
Во врска со курсот на размена меѓу динарот и еврото Савиќ изјави дека краткорочно тој ќе биде стабилен, а среднорочно и долгорочно ќе зависи од инфлацијата и извозот.
Српската трговска комора истовремено информираше за пад на директните странски инвестивии. Во првите девет месеци од 2012 година директните странски инвестиции забележале нето одлив од 21,1 милиони евра, пред се поради рецесијата во земјите-членки на Европската унија и неповолните макроекономски показатели во Србија.
Експертите од Српската трговска комора очекуваат оваа година делот од директните странски инвестиции во Бруто домашниот производ на земјата да се намали, а следната година прогнозираат мало зголемување.