20 Мај, 2024
0.0260

Субвенциите – еден од клучните адути и на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ

Објавено во: Агробизнис 15 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Субвенциите и развојот на македонскиот аграр се во фокусот на програмите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Двете партии се со различни ставови за сегашната состојба во земјоделството. Програмите и на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ предвидуваат проекти за развој на земјоделството преку субвенции, искористување на ИПАРД фондовите, инвестици во системите за наводнување, но пристапот за развој е различен. Што ќе направи СДСМ за земјоделството?
Состојбите во земјоделско-прехранбениот сектор се неповолни, има конитинуиран пораст на цените на заштитините средства и ѓубривата, нафата, увозот е двојно зголемен, а извозот е сведен на 20 производи. Основните економски индикатори покажуваат дека примарното земјоделско производство е во криза.Речиси кај сите култури и гранки се забележува намалување на посеаните површини и пад на вкупното производство. Раситнувањето на земјиштето продолжува, а индустријата не е подготвена да се спротивстави на конкуренцијата, ниту на домашниот, ниту на странскиот пазар, стои во Програмата на СДСМ во делот посветен на земјоделството. Еве дел од мерките со кои СДСМ планира да го развива земјоделството: Еден од клучните адути со кој СДСМ планира да ги освои гласовите на земјоделците се субвенциите. Со мерката сигурни и навремени субвенции, од СДСМ најавуваат дека субвенциите ќе се исплаќаат тогаш кога на земјоделците им се најпотребни, односно за сточарите во јули, на поледелците во септември за да се подготват за седиба, на лозарите и овоштарите во март пред новата реколта на градинарите во мај, на тутунарите по завршување на откупот на тутунот. Од СДСМ најавуваат субвецнии за втори култури на површини онаму каде што условите тоа го овозможуваат. - Дополнително секоја година покрај основната субвенција, ќе субвенционираме 20% повеќе за додадена единица површина и 30% за секое додадено грло добиток, стои во Програмата. Во делот за системи за наводнување, од СДСМ најавуваат инвестиции во нови технологии со цел воведување на две реколти и зголемување на постоечките системи за наводнување. За оваа цел секоја година ќе се издвојуваат по 10 милиони евра кои ќе бидат инвестирани во капитални системи за наводнување, а ќе субвенционираат 30% од трошоците за бушење на нови бунари за наводнување на површините со житарици и за експлоатација на геотермална енергија, стои во Програмата. СДСМ најавува ослободување на земјоделците од персонален данок, односно приходите од земјоделската дејност нема да се одданочуваат. Една од клучните мерки на СДСМ е зелена нафта-гориво за земјоделците, односно субвенционирање на нафтата за земјоделската механизација. Во Програмата пишува дека идната влада на СДСМ ќе спроведе мерки за олеснување на пристапот до европските пари од ИПАРД фондовите, преку поедноставување на административните процедури за пријавување, со советодавна поддршка за изработка на проекти, и поволни земјоделски кредити за постигнување поголем интерес и искористеност на фондовите. Една од мерките на СДСМ за развој на земјоделството е зголемување на субвенциите за пченицата, сончогледот, пченката и луцерката. СДСМ најавува промена на Законот за тутун, со кој ќе биде предвидено, откупните компании да имаат право први да склучат договори со своите кооперанти, а потоа Министерството за земјоделство врз основа на тие договори да издава бели картони за садење тутун. На овој начин од опозицијата сметаат дека државата ќе се заштити од производство на вишокот на тутун, а тутунарите ќе ги избегнат гужвите со кои се соочуваат секоја година. Во делот на развојот на винарството, мерките се во насока на реконструкција на површините и замена на старите вински сорти грозје, поголема поддршка за сортите на трпезно грозје. Во ставката од Програмата насловена како “Земјоделското земјиште за земјоделска намена”, СДСМ најавува дека пренамената на земјоделското земјиште во градежно и индустриско ќе се прави согласно јасно дефинирани критериуми за исплатливост, бидејќи според нив сегашниот закон е штетен за земјоделскиот сектор бидејќи овозможува зафаќање на која било земјоделска парцела, а предвидена е и ревизија на веќе распределеното земјоделско земјиште. Дел од останатите мерки на СДСМ за развој на земјоделството се во делот на поддршка на жените-фармери, иновации во земјоделството, постојана обука на земјоделците, шумарство и ловство, климатски промени, органски производ, заштита и унапредување на животната средина, инвестиции во локалната самоуправа, руралниот развој, мерки за следење на здравјето на растенијата, и за квалитетен материјал за сеење и садење, мерки за стандардизација во земјоделско-прехранбениот сектор. Како ВМРО ДПМНЕ ќе го развива земјоделството? ВМРО ДПМНЕ покажа и докажа како се дава поддршка на земјоделците. Во следниот период ќе продолжи силната поддршка за македонското земјоделство. Развојот на земјоделството и руралните области и во идниот период се еден од основните приоритети на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе продолжиме да бидеме силен партнер и поддржувач на земјоделците, бидејќи земјоделците најдобро знаат дека во макотрпното производство на храна добро е кога има некој да ти помогне, стои во Програмата на ВМРО ДПМНЕ во делот посветен на земјоделството. Еве дел од мерките со кои ВМРО ДПМНЕ планира да развива земјоделствот: И во Програмата на ВМРО ДПМНЕ еден од клучните адути се субвенциите. ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе обезбеди 600 милиони евра за развој на земјоделството и руралните средини, односно по 150 милиони евра секоја година. - Како и досега субвенциите најмногу ќе се доделуваат за конкурентните извозни култури: тутунот, грозјето, овошјето и зеленчукот, оризот, овчарство, но и за значајните житарки, полјоделските, индустриски и фуражни култури, говедарството, свињарството и производството на млеко, стои во Програмата. Од партијата наведуваат дека земјоделците ќе ги добиваат субвенциите согласно однапред дефиниран „Календар за субвенции“ со кој ќе биде определена динамика на аплицирање и рокови за исплата на субвенции, а времето на исплата на ќе биде усогласено според потребите на земјоделците.  Истовремено, 20% повисоки субвенции се предвидени за земјоделците кои своите приходи и егзистенцијата целосно или во најголем дел ги обезбедуваат од вршење на земјоделската дејност. ВМРО ДПМНЕ за земјоделците најавува обезбедување на кредити со ниски каматни стапки( 3% д 4%) преку Македонската банка за поддршка. Со 60% ќе се субвенционираат трошоците за осигурување на земјоделскиот род. Во делот на иневстициите, ВМРО ДПМНЕ планира 1.722 милиони денари за инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства. - Инвестициите во земјоделските стопанства за набавка на трактори и друга земјоделска механизација, опрема, купување на добиток, подигање на овошни и лозови насади, наводнување капка по капка, реконструкција на објекти за одгледување на стока итн. како и инвестициите за модернизација на преработувачките и маркетинг капацитети ќе се финансираат со најмалку 50% од страна на државата, стои во Програмата. Во однос на европските пари од ИПАРД Програмата, од партијата наведуваат ќе овозможат пристап на македонските земјоделци, преработувачи и жителите во руралните средини до средствата од вториот инструмент ИПАРД 2 за периодот 2014-2020 година. Како клучни проекти во делот на водостопанската инфраструктура ВМРО ДПМНЕ ја најавува изградбата на ХС Злетовица, ХС Лисиче, брана Речани, брана Конско, систем за наводнување Маркова Река, проширување на ХС Стрежево, изградба на микроакумулации, втора фаза од проектот Јужновардарска долина, проширување и рехабилитација на постоечките системи. ВМРО ДПМНЕ најавува изградба на откупно-дистрибутивни центри за свежо овошје и зеленчук низ целата земја. Во делот за развој на винарството се најавува изградба на мали винарници. Во Програмата се наведува дека врз основа на донесениот Закон за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост ќе спроведуваат редовни постапки за продажба, а продажбата ќе се реализира за оние парцели за кои постои иницијатива од постојните закупувачи или на преостанатото нераспределено земјиште во државна сопственост. Преостанатото земјоделско земјиште во државна сопственост кое е со големина над 10 хектари ќе биде доделувано под закуп преку електронско наддавање. Предвидена е финансиска поддршка за проекти за искористување или производство на енергија на обновливите извори во земјоделството, преку кофинансирање од 50%. Дел од останатите мерки за развој на земјоделството се во делот на безбедноста на храната, изградба на расадници за саден материјал, изградба на водопоила за добиток, изградба на подрачни единици на МЗШВ, формирање на земјоделски задруги, проекти за земјоделски бизнис со кофинансирање, поддршка за млади земјоделци, иновации во земјоделство, проекти за шумарство и ловство. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?