20 Мај, 2024
0.0340

Тутунарите на нова мака – откупувачите не го почитуваат договорот со Владата

Објавено во: Агробизнис 27 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Пред новата тутунска реколта, производителите на тутунот пред ново искушение. И покрај постигнатиот договор со Владата, тутунските компании на терен договореното решение не го почитуваат. Тутунарите велат дека во овој период кога треба да почнат со подготовка на леите за тутун, дел од земјоделците кои немаат купено семе, се во неизвеснот и не знаат дали воопшто треба оваа година да садат. Дека повторно има проблем, ни потврди и претседателот на Сојузот на здруженија на тутунари Данчо Милевски, кој присуствуваше на преговорите во Министерството за земјоделство.
„Дел од тутунарите имаат проблем со дел од откупувачите, се работи за два поголеми откупувачи кои повторно не го испочитувале тоа што го договоривме на средбата во Министерството за земјоделство, вели Милевски.
Тутунарите од Скопскиот реон велат дека реонските контролори од тутунските компании воопшто не биле присутни на терен, а договорите се склучувале селективно.
„Не се почитува она што е договорено со Владата на средбата во Министерството за земјоделство, каде што беа присутни и наши претставници и откупувачите. Тогаш се договоривме да има договор за сите, но за поголемите производители со намалени количини, и тоа ние го прифативме. Ама сега ниту тоа не го почитуваат дел од откупувачите. На терен не излегуваат реонските контролори, не ја почитуваат одлуката на Владата. Тие добиле список од компаниите да прават договори само со тутунари со кои тие сакаат. Според информациите што ги имам од терен во Количани од 300, сега 20 договори, во Студеничани од 1000 договори колку што имало лани, сега само 42 договори.... И сега луѓето се во дилема, немаат семе за леите, а единствена егзистенција им е тутунот. Тие што имале семе од лани ги подготвиле леите, тие што немаат семе сега се оставени во милост и немилост“, вели Алија Сали, претседател на Здружението на тутунари од општина Студеничани.
Тутунарите велат дека повторно ќе бараат средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски. Доколку проблемот не биде решен, најавуваат и протести.
„Тутунарите се револтирани, сакаат сите да дојдат пред Министерството за земјоделство, незадоволни се од дел од откупувачите. Што да правиме, единстевна егзистенција ни е тутунот, 40 години сум тутунар, и сега да ви кажат нема договор, тоа е катастрофа за нас“, вели Сали.
Во еден од поголемите тутунарски реони, општината Долнени, тутунарите тврдат дека не само што не се склучуваат договори, туку откупувачите не го почитуваат моделот за процентуалното намалување на количините за откуп на тутун. Тутунарите од оваа општина велат дека проблемот е со сите откупувачи и тоа само во селата, во централните градски подрачја немало проблем со склучувањето на договорите.
„Ништо не се почитува. Најголемиот проблем е овде во општина Долнени, и тоа проблем има со сите фирми, сите имаат скратено со договорите, и од она што се договоривме и повеќе од 50% имаат скратено. Само за пример, во едно населено место со 200 тутунари има само 40 договори направено. Реонските контроли ништо не ни кажуваат, само велат дека така им било наредено од самите фирми и не знааме сега што да правиме. Не се почитуваат количините, кои се намалени за повеќе од 50 %. Во селото Црнилишта има 800 тони, а договори направиле едвај за 100 тони тутун. Откупувачите не склучуваат договори ниту со нивните договарачи. Долнени како да е ставена во црн тефтер. Во Прилеп луѓето се благодарни, таму нема проблем“, вели претседателот на Здружнието на тутунари “Златен лист”, Муса Ибраимовски.
Од Министерството за земјоделство, велат дека се во контакт со откупувачите и со тутунарите, и дека состојбата на терен се следи. Договори требаше да има за сите тутунари Пред една недела тутунарите, Владата и откупувачите најдоа модел за решавање на проблемот со договорите за откупот на тутун за реколтата 2014-та. Тогаш беше договорено дека договори ќе има за сите, и тоа малите земјоделци целосно куртулија од намалување на количините, а големите ќе треба да го намалат производство за од 5% па до 40%, во зависност од тоа колкаво производство имаат. Министерот за финансии Зоран Ставрески, тогаш изјави дека на овој начин ќе се амортизира ударот од одлуката на откупните претпријатија да го намалат за речиси 40% откупот од следната реколта.
„Се договоривме секој тутунопроизводител кој што во 2013-та година имал склучен договор за откуп на тутун да има договор за откуп за тутун и за 2014-та година. Ниту еден тутунопроизводител да не остане без склучен договор. Производителите на тутун може да бидат спокојни, ќе се заштитат сите што одгледуваат тутун од егзистенцијални причини. Најдовме решение со кое сите ќе бидат задоволни, и во своите рамки ќе најдат можност да едните го произведат тутунот согласно договорите, а другите да откупат согласното тоа што го договоривме“, изјави министерот Ставрески.
Ваквиот модел го поддржаа тутунарите, но и експертите. Но сепак дел од тутунарите велат дека и тогаш не биле задоволни решението.
„Ние и на тој договор не се согласивме, оти 50% во Долнени да се намали е многу. Јас лично како тутунар реков и побарав да нема премија, само да не ми се намалува производството. Подобро ако треба ако имам 3 тона, ќе произведам и 4 тона тутун, но да сум сигурен за откуп. Не ми треба мене субвенција, со 100-200 килограми тутун, ќе земам 200 евра и 300 евра нека ми даде, 20 члена сме во куќава, никој не е вработен, од тутунот живееме и се храниме“, вели претседателот на Здружението на тутунари “Златен лист”, Муса Ибраимовски.
Проблемот за годинешното намалување на количините за откуп, е намалената побарувачка за суров ориентален тутун на светско ниво, наспроти зголеменото производство на тутун во земјите од регионот. Минатата година 34.600 тутунари склучиле договори со тутунските компании. Реколтата 2013-та изнесуваше околу 30.000 тони, што е рекорд во последните 10 години. Според симулациите на Министерството за земјоделство, оваа година производството на тутун треба да тежи максимум 26.000 тони, бидејќи тоа е оптималното ниво на тутун што ќе можат да го откупат и пласираат тутунските компании. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?