20 Мај, 2024
0.0269

За Велигден ќе јадеме поевтини јајцa

Објавено во: Агробизнис 02 Април, 2014

Добивај вести на Viber

На неколку недели пред Велигденските празници, и годинава јајцата ќе се продаваат по невообичаено ниска цена. Ако лани цената ја урнаа косовските јајца кои се продаваа по пониска цена, сега живинарите велат дека проблемот е во зголеменото производство на домашен пазар, особено од нелегалните живинарски фарми. Според пресметките на живинарите, годинава цената ќе биде уште пониска од лани. Така за една табла јајца ќе се движи од 180 до 200 денари, во зависност од класата, или од 5,8 денари до 6,45 денари за јајце. Лани истиот период цената на една табла јајца беше од 220 до 240 денари односно од 7 денари до 7,7 денари за јајце.
„Оваа година има големо производство на јаца. Дневното производство е над 1,5 милиони јајца, за разлика од лани сега имаме вишок од 200.000 до 500.000 јајца. Оваа година нема опасност од нелегален увоз како лани, но цената ја уриваат дивите фарми, кои немаат воведно ХАСАП сертификат, не прават испитувања за салмонела, а нудат пониска цена на јајцата. Ние легалните фарми работиме по сите европски регулативи, со сите сертификати и кај нас редовно има контроли, а за дивите фарми никој ништо не превзема. Нашата производна цена е 170 денари за табла јајца, ние од Нова година наваму работиме со загуба“, вели Вили Кичуков, претседател на Групацијата на живинари при Стопанската комора на Македонија.
Живинарите апелираат инспекторите да спроведат засилени контроли кај дивите живинарски фарми. Предупредуваат дека ваквите неочекувани состојби на пазарот пред Велигденските празници кога вообичаено имаат турбо производство, им создава вишок на јајца иако засега велат дека немаат залихи.
„Домашниот пазар нема да остане без јајца, има доволно големо производство. Немаме потреба од вонредно производство, но поради ниските цени и загубите со кои работиме, можно е да имаме помал профит годинава за разлика од минатата, што крајно би се одразил врз живинарското производство“, вели Кичуков.
Се намалува извозот на јајца Последните години извозот на јајца се намалува. Во 2012 според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство од Македонија се извезле повеќе од пет милиони јајца, а лани во периодот до Велигден се извезени 1.038.960 јајца. Годинава живинарите велат дека извозот ќе биде минимален. Дополнителен проблем за извозниците на јајца е што според европските регулативи, Македонија како земја која што не е членка на Европската унија, не само што не смее да извезува во земјите-членки на Унијата, туку нашите камиони со јајца не им е дозволено ниту транзитно да поминуваат низ ЕУ.
„Извозот ќе биде слаб. Србија, Албанија и Косово имаат исто така големо производство годинава, може нешто минимално да извеземе во Црна Гора. Во Европската унија не смееме, бидејќи не сме членки, не смееме ни транзитно да поминеме, па така спречен ни е извозот на јајца и во Турција, што директно влијае врз намалување на македонскиот извоз на јајца“, објаснува Кичуков.
Упатените во бизнисот велат дека производството на јајца годишно е 24 милиони евра, од кои само на основа на ДДВ од пет проценти државата во Буџетот инкасира 1.200.000 евра. Во последните десет години бројот на живината постојано се намалува. Вкупниот број живина во 2011 година изнесувал 1.944.260, додека во 2012 бројот е намален на 1.776.297. Според податоците, во 2011 година вкупното производство на јајца било 243.004.000 јајца, а во 2012 година е намалено на 237.469.000 јајца. Ваквото намалување на производството, според живинарите, се должи на недостигот и скапата добиточна храна која во трошоците за живинарството учествува со 80 отсто. Дали за Велигден ќе поевтини и јагнешкото месо? Од здруженијата на одгледувачи на овци неодамна укажаа дека откупната цена на јагнешкото годинава за разлика од лани е пониска. Цената за килограм жива мера се движи околу 140 денари. Сточарите се револтирани и велат дека со ваква цена едвај може да се покријат основните трошоци. Засега сéуште не е познато дали ваквата ниска откупна цена, ќе значи и намалување на малопродажната цена, но сепак дел од месарниците не ја исклучуваат можноста годинава цената на јагнешкото да биде нешто пониска. Минатиот Велигден јагнешкото месо се продаваше по пониска цена во споредба со претходната 2012-та година. Цената на килограм јагнешко пред Велигден беше околу 299 до 320 денари. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?