Засега нема нови анти ковид мерки, потврди Мехмедовиќ
Објавено во: Македонија 21 Јули, 2022
Eпидемилошката состојба во болниците е стабилна, иако укажува на зголемување на бројот на случаи, но нема зголемување на бројот на хоспитализирани, изјави д-р Злате Мехмедовиќ на прес-конференција по денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, одржан по повод актуелната епидемиолошка состојба во Македонија. Нови анти ковид мерки нема да има.
Тој кажа дека Комисијата работи на систем за зајакнување на примарниот дел од здравството што е најоптоварен со заразените со ковид.
„Најголемиот дел од оптовареноста на системот е на грбот на матичните лекари. Комисијата работи на систем за зајакнување на примарниот дел од здравствениот систем. Ги дефиниравме просторот, опремата и кадарот кои треба да бидат вклучени во реорганизацијата. Во текот на наредната недела треба да почнат со работа пет ковид-амбуланти на територијата на Скопје, кој моментно е најзасегнат со број на заразени. Сметаме дека ова е добро решение на намалување на проблемите во однос на дијагностиката и на третманот“, изјави портпаролот на Комисијата за заразни болести.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа:
Направени се 1.631 тестови, а регистрирани се нови 788 случаи на КОВИД-19: Скопје – 350, Битола - 59, Куманово – 53, Кавадарци – 33, Охрид – 31, Прилеп – 30, Велес и Струмица – по 27, Тетово – 25, Штип – 22, Гостивар – 20, Струга – 18, Кичево и Гевгелија – по 14, Неготино – 12, Ресен – 10, Крива Паланка – 9, Радовиш – 8, Кочани – 6, Берово, Кратово и Крушево – по 3, Богданци, Демир Хисар и Македонски Брод – по 2, Дебар, Валандово, Виница, Пробиштип и Пехчево – по 1. Во текот на изминатите 24 часа пријавени се две починати лица од: Струга (89г) и Охрид (92г), двајцата се починати во болнички услови.
Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин се регистрирани две починати лица од Куманово (81г) и Гостивар (78г). Двајцата се починати во домашни услови. Лицата се пријавени за починати во период од 07.07.2022 - 12.07.2022г.