20 Мај, 2024
0.0247

ЗЕМЈОДЕЛЦИ ВНИМАВАЈТЕ: Дождовите се идеална подлога за болести кај земјоделските култури!

Објавено во: Агробизнис 24 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Врнежите од дожд и променливите температури што деновиве ја зафатија земјава се идеална подлога за развој на болести кај земјоделските култури, предупредуваат агрономите. Експертите за заштита советуваат во овој период да спроведат заштита на земјоделските култури за да се намали ризикот од инфицирање на растенијата со болести. Сите земјоделци знаат дека заштитата на земјоделските растенија од инфективни заболувања, е една од поважните агротехнички мерки, вели во интервју за Фактор професорот Раде Русевски од катедрата за Заштита на растенија при Факултетот за земјоделски науки и храна. Фактор: Дали сегашните временски услови кога имаме разлики во температурата, обилни дождови се подлога за болести кај земјоделските култури? - Ваквите временски услови (чести и пообилни врнежи пратени со долготрајно влажење на растенијата, висока релативна влажност на почвата и воздухот, умерени дневни и пониски ноќни температури, намалена инсолација и др.) и тоа како влијаат на развој на болести кај растенијата. На поголем биолошки притсок од страна на патогените организми, се изложени растенијата кои се одгледуваат на отворено - во надворешни услови. За одреден степен, во подобра состојба се културите кои се сместени во штитени простори (пластеници и стакленици). Треба да се истакне, дека, со исклучок на поедино оранжериско производство, генерално растенијата во овој момент се на почетокот од вегетацијата. Се работи за почетни развојни фази, во кои растенијата се особено осетливи кон различни причинители на болести. Од тие причини, една од поважните агротехнички мерки, која, во овој момент, задолжително мора да се спроведува, е токму заштитата на земјоделските култури од болести. При тоа, при превземањето на соодветни конкретни мерки, мора строго да се води сметка, за кој растителен вид - која култура станува збор и кој спектар на патогени може да се очекува. Фактор: Како треба да постапат земјоделците во однос на заштита во еден ваков период кога има континуирани промени и варирања на температурите? - Поради хетерогеноста како на културните видови растенија, така и на микроклиматските карактеристики на подрачјата каде тие се одгледуваат, краток и генерален одговор на ова прашање е прилично тешко да се даде. Ако зборуваме за производство кое е во тек, тогаш сите можност кои ги даваат: плодоредот, основната и дополнителната обработка, квалитетот на семенскиот и садниот материјал и нивно превентивно третирање, се веќе завршени. Меѓутоа, се разбира дека постојат спектар на превентивни и куративни агротехнички методи и техники кои можат и сега да се превземат. Дренирањето (одстранувањето на вишкот вода) на површините таму каде тоа е можно и секој начин на проветрување кој може да се изведе, се корисни превентивни мерки. Кога станува збор за хемиската заштита - фунгицидите, од повеќе причини (буен пораст на растенијата, ризик од измивање, ризик од веќе остварени инфекции и сл.), во овој момент треба да се користат системични, или комбинирани системично-контактни фунгициди. Исто така, во случај на веќе остварена зараза кај одредени растенија, или растителни делови, кај кои лекувањето е веќе невозможно, препорачливо е нивно одстранување од производните парцели, како не би претставувале извор за ширење на заболувањата. Фактор: На што треба да внимваат земјоделците при употребата на заштитни средсва кај градинарските култури и овошките? - Ако зборуваме за пластеничкото производство на градинарски растенија, моја основна препорака до фармерите, е тие да внимаваат на зголемената релативна влажност на воздухот во внатрешноста на штитените простори. Тоа подразбира проветрување во текот на денот. Исто така, препорачувам дополнителна обработка на почвата (окопување), одстранување на плевелните растенија и внимателно наводнување на растенијата. Препорачливо, од повеќе аспекти е капковото наводнување. Бидејќи, најважните градинарски растенија во моментов се сеуште во рани вази од развој, препорачувам употреба на системични, или системично контакти фунгициди. Би сакал да потенцирам, дека во овој период, нагласен е ризикот од инфекции на градинарските растенија кои потекнуваат од почвата. Заразата на коренот, кореновиот врат, приземниот дел од стеблото и спроводните садови, многу често резултира со изумирање на заразените растенија. Треба да се знае, дека системичните фунгициди, најчесто, во спроводните садови се движат низ ксилемот и многу поретко низ флоемот, латерално (странично) и апикално (врвно). Многу е ретко ширењето на фунгицидите од листовите кон коренот (базално). Затоа, препорачувам, во овој момент апликацијата на системичните, или системично-контактните фунгициди да оди почвено, уште подобро преку капковиот систем на наводнување. Во таков случај, дистрибуцијата на соодветниот препарат би одела од корен кон врвниот пораст и листовите и би креирала подобра системска заштита на растенијата во сите осетливи делови. Фактор: Колку е важна заштитата на земјоделските култури и на што треба да обрнат внимание земјоделците? - Сите земјоделци знаат дека заштитата на земјоделските растенија од инфективни заболувања, е една од поважните агротехнички мерки. Земјоделците, како што во одговорот на претходното прашање истакнавме, треба да се насочат кон намалувањето на разикот инфицирање на растенијата и ширење на заразата. Исто така, би сакал да ги советувам земјоделците, подетални информации за заштитата на конкретните културите кои ги одгледуваат, да побараат и во подрачните единици на службата за развој на индивидуалното земјоделство. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?

ПОЧНА СОБИРАЊЕТО И ОТКУПОТ НА ПЕЧУРКИ: Дали е на повидок успешна сезона?