Донаторска кампања „Од срце за срце“ за децата од СОС Детско село
Објавено во: Мои пари 07 Април, 2015
Денес 07. Март 2015 во СОС Детско село Скопје се одржа на конференција за медиуми на која беше најавен почетокот на донаторската кампања „Од срце за срце“ во организација на СОС Детско село, Шпаркасе Банка и Медиа Принт Македонија.
Биди креативен и помогни е пораката со која се повикуваат сите граѓани да го дадат својот придонес во мисијата за испраќање на децата од СОС Детско село на летен одмор.
Во периодот од 7. април до 15. мај 2015 година. децата ќе треба да испратат свој цртеж, песничка, краток расказ или други креативни дела на е-пошта: odsrcezasrce@sos.org.mk.
Сите креативни дела треба да бидат означени со име и презиме како и година на раѓање.
Испратените дела ќе бидат постирани на фејсбук-страницата - „Од срце за срце“, а дел и во месечните списанија за деца од 2-12 години, „Играј!“ и „Направи сам“.
Во јуни, 100 креативни дела ќе бидат публикувани во книга под наслов „Од срце за срце“, од чија продажба сите средства ќе бидат донирани во СОС Детско село. За најдобрите три дела следуваат подароци.
Граѓаните ќе може да се вклучат и со донирање, согласно своите можности, преку посебната трансакциска сметка на СОС Детско село во Шпаркасе Банка број 250-1010002868-04. Донациите ќе може да се реализираат и со повик на хуманитарниот телефонски број 143 456 на сите три мобилни оператори Т-Мобиле, ВИП и ОНЕ. Секој повик чини 100,00 денари + ДДВ.
„Летувањето на децата од СОС Детско село не е само проект, тоа е животна реалност и право на секое дете. Со тие мисли треба да се вклучиме сите ние а и да ги мотивираме сите деца кои се околу нас да размислат за животот на децата од СОС Детско село, да посакаат да им помогнат и тоа да го направат со најмоќната алатка во нивните раце – нивната искреност и нивната креативност“- изјави г-ѓа Марина Домазетовска - одговорна за Корпоративни комуникации од Медиа Принт Македонија.
„Корпоративната општествена одговорност е составен дел од идентитетот на Шпаркасе Банка Македонија. Ние како дел од Штаермеркише Шпаркасе и Ерсте Групацијата, имаме изграден однос кон проектите кои се однесуваат на поддршка и развој на заедницата во која живееме, а особено во однос на социјално ранливите категории на граѓани во кои спаѓаат децата без родители и родителска грижа.
Проектот кој се реализира трета година по ред, има за цел на децата од СОС Детско село да им овозможи стекнување на ново животно искуство, нови пријателства, како и проширување на видиците за нивен понатамошен развој во современиот свет. Преку проектот „Од срце за срце“ сакаме да им дадеме можност и да ги повикаме сите хумани луѓе да дадат свој придонес во собирањето на потребните финансиски средства, а најмладите преку своите детски цртежи и пораки да им помогнат на децата од СОС Детското село да имаат незаборавни летни доживувања“ – дополни г-ѓа Тодорка Сајкова, Координатор во Служба Маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка Македонија.
„Организацијата СОС Детско село Македонија во моментов поддржува повеќе од 260 деца без родители и родителска грижа и деца кои се во ризик да ја загубат грижата од своите семејства. Обезбедувањето на основните потреби за овие деца се секојдневен предизвик за нашата организација и ние тоа не би можеле да го оствариме без поддршка од нашите партнери, донатори и локалната заедница. Затоа сме денес овде, заедно со нашите долгогодишни верни партнери Медиа Принт Македонија и Шпаркасе Банка да ја најавиме оваа кампања која ќе им овозможи на децата летен одмор на кој ќе имаат можност да доживеат нови и позитивни искуства.“-нагласи г-ѓа Јулијана Гапо-Национален директор на СОС Детско село Македонија.
Безгрижните мигови поминати во дружење и игра со врсниците се од клучна важност за развојот на секое дете и вложувајќи во нивниот развој вложуваме во нивната посветла иднина. Помогнете ни заедно да создадеме среќни мигови вредни за сеќавање за овие дечињата, кои спаѓаат во најранливата категорија во нашето општество.